Современите општествени промени и економските предизвици доведоа до значителни промени во животниот стил на милениумците. Еден од највпечатливите трендови е одлуката на голем број милениумци да им дадат приоритет на домашните миленици пред воспитувањето деца.
Многубројни истражувања и студии го решаваат прашањето кои подлабоки причини стојат зад оваа одлука.
Според неодамнешните податоци, повеќе од половина од домаќинствата во Соединетите Држави поседуваат куче, додека бројот на „родители на миленичиња“ нагло се зголемил за време на пандемијата на ковид-19. Истовремено, стапката на наталитет во САД достигнала историски најниско ниво, со пад од 3% до 2022 година, според Центрите за контрола и превенција на болести (ЦДЦ). Овој пад на наталитетот ги предизвикува традиционалните концепти за семејство и родителство, нагласувајќи ја улогата на домашните миленици како „сурогати“ за децата.
-Кога посвојувањето миленичиња драстично се зголеми во екот на пандемијата, нашиот тим ја истражуваше можноста дека милениумците сè повеќе ги гледаа своите миленици како алтернатива на децата – вели Лили Велез, авторка на извештајот „Наталитетот во САД се намалува, дали милениците се новите деца?“
Резултатите од истражувањето покажале дека 70% од испитаниците навистина ги гледаат своите миленици како нивно потомство.
Неоспорно е дека жените играат клучна улога во овој тренд. Според истражувањето, 46% од жените што не планираат да имаат деца изјавиле дека едноставно немаат желба да станат родители. Оваа одлука е под влијание на многу фактори, кои се движат од економска нестабилност до еколошки проблеми. Знаењето за климатските промени и еколошките проблеми охрабрува многу жени да се свртат кон поодржлив начин на живот, односно да не планираат да го прошират своето семејство.
Пандемијата на ковид-19, исто така, имаше значително влијание врз голем број жени кои го одложуваат породувањето или целосно се откажуваат од раѓањето дете. Наместо тоа, сѐ повеќе жени избираат домашни миленици бидејќи тие се извор на радост и емоционално исполнување.
Интересен е фактот дека милениумците се склони да го приспособат својот животен стил за да ги задоволат потребите на своите миленици. Постојат неколку причини зошто миленичињата се гледаат како членови на семејството. Прво и основно, постои флексибилност и едноставно се помал товар. Домашните миленици не бараат исто време, пари и енергија како воспитувањето деца. Тие се релативно помал финансиски предизвик, особено кога се земаат предвид долгорочните трошоци поврзани со децата и нивното образование.

Но, и покрај тоа што миленичињата бараат помалку пари, милениумците се подготвени да инвестираат во нивната благосостојба. Од купување специјални производи до плаќање високи сметки за ветеринарни услуги, сопствениците на домашни миленици се навистина посветени. Оваа заложба се однесува и на создавање простор за живеење погодна за миленичиња, инвестирање во обука, хранилки, играчки и други специјализирани производи, но и голема грижа за здравјето на милениците.
Многу студии потврдуваат дека домашните миленици имаат позитивно влијание врз менталното здравје. Тие ја намалуваат анксиозноста, обезбедуваат чувство на стабилност и безусловна љубов. Тие можат да ни дадат утеха во тешките моменти, но и да нѐ поттикнат да се вклучиме во физичка активност и социјална интеракција. Истражувањата покажале дека сопствениците на домашни миленици имаат пониско ниво на стрес и поголемо чувство на среќа.
Со сето горенаведено, грижата за домашни миленици е подостапна отколку одгледувањето деца. Полесно е кратко време да ги оставите домашните миленици, да најдете сместување или да организирате грижа, што овозможува поголема слобода во општествениот и професионалниот живот.
Сосема е јасно дека традиционалната дефиниција за семејство се развива. Додека во минатото семејството се состоело од родители и деца, денес концептот на семејство е многу поширок. Ако разбереме дека семејството е всушност секоја средина во која има љубов и блискост, тогаш нашето семејство може да биде романтичен партнер, деца, па дури и пријател со четири нозе. Овој пристап им овозможува на луѓето сами да дефинираат што значи исполнет живот за нив.
Милениумците се генерација која ги предизвикува традиционалните норми и носи промени во сите аспекти на животот, вклучувајќи го и концептот за семејство и родителство. Домашните миленици стануваат нивни придружници, извор на радост и емоционална стабилност. Овој тренд не значи напуштање на семејните вредности, туку негово преобликување според современите потреби и реалности.
Автор: Србијанка Станковиќ