Кога почнав да одам на натпревари од училиште, прво на математика, а потоа и на физика, тајните на вселената почнав да ги разгледувам и од поинаков, технички аспект, вели ученикот кој наскоро ќе биде 9. одделение

Освои сребрена почест (silver honor) на Меѓународниот натпревар за астрономија и астрофизика и се вброи во врвните 7% од сите финалисти во категоријата деца до 18 години. Михаил Мирчески е гордост на Основното училиште „Кочо Рацин“ во Прилеп, каде што наскоро ќе го почне последното, 9. одделение. Вели дека овој успех го поттикнува да продолжи да напредува на полето на астрофизиката и астрономијата.

Михаил Мирчески

Неговата љубов за вселената се разгорела кога имал пет години. Тогаш почнал да чита детски енциклопедии за универзумот, а за роденден добил фантастичен подарок – телескоп.

– Кога почнав да одам на натпревари од училиште, прво на математика, а потоа и на физика, тајните на вселената почнав да ги разгледувам и од поинаков, технички аспект. По искуството од овој натпревар можам да кажам дека мојата професионална амбиција е да станам астрофизичар. Најмногу ме фасцинираат прашањата на кои физичарите и астрономите до ден-денес не можат да дадат одговори – мистериозните модели на црна материја и црна енергија, вселенските црни дупки и хипотетските црвоточини, како и големите прашања: Дали сме сами во вселената или има и други вонземски организми? и Која е судбината на универзумот, како ќе заврши тој? – раскажува Михаил за Деца.мк.

За натпреварот по астрономија и астрофизика дознал од Друштвото на физичарите на Македонија. Натпреварот бил беспрекорно организиран. Со освоената сребрена почест, Михаил се вбројува во топ 7% од сите финалисти во неговата категорија – деца до 18 години. Вели дека подготвувањето за овој натпревар му овозможило да ја добие и основата врз која понатаму ќе се надградува.

– Успехот ми донесе уште повеќе среќа бидејќи ова беше првпат да се соочам со проблеми од понапредни концепти од астрофизика и астрономија – вели ученикот кој сонува да стане научник.

За квалификациската рунда (qualification round) се подготвувал околу еден месец, а потоа имал уште две недели до полуфиналната рунда (pre-final round). Во тој период се подготвувал интензивно, секој ден. До финалето повторно имал уште две недели, па се подготвувал секој ден.

– На натпреварот имаше многу нови концепти кои ги научив од интернет и од разни енциклопедии. За финалната рунда требаше да научам многу факти поврзани со астрономија и астрофизика, па си водев дневник во кој запишував сѐ ново што ќе научев. За претходните рунди, пак, требаше да решавам задачи, со употреба и на логички и на математички вештини. Немав помош од родители и наставници во подготовките, работев самостојно. Но, секако, имав огромна морална поддршка и од родителите, роднините, пријателите и наставниците. Без тоа успехот не би бил возможен – објаснува Михаил.

Вели дека на натпреварот сите задачи му биле до одреден степен комплицирани бидејќи во решавањето требало да имплементира нешта кои дотогаш му биле непознати. Ги учел користејќи различни извори. Вели дека најинтересни му биле задачите што требало да ги реши преку математичка и логичка постапка, со користење физички формули.
– Најинтересен проблем ми беше оној во кој се споменуваше концептот на црна материја во контекст на ротационата брзина на нашата галаксија, бидејќи тој сѐ уште претставува мистерија за астрофизичарите и астрономите – објаснува Михаил.

Покрај физиката, омилени предмети му се и математика и англиски јазик, а ја сака и историјата. Многу сака литература и пишува кратки приказни и романи, претежно од жанрот фантазија и авантура. Досега напишал неколку.
– Според мене, освен откривањето на тајните на вселената, исто толку важно е и тренирањето на имагинацијата, бидејќи светот може да оди напред само со добра комбинација од наука и креативност – вели Михаил.

Иако неговата страст за наука е голема, секогаш наоѓа време и за другарување. Вели дека другарите отсекогаш ја разбирале неговата љубов за наука и се радувале на неговите успеси.

– Секогаш можат да се најдат заеднички игри и интереси. Секако дека не сите мои другарчиња се заинтересирани за наука, но можеме да се пронајдеме во други работи – уметност, литература, филмови, рекреација, спортови или музика. Со моите другари имаме и заеднички игри, на пример, кошарка – вели Михаил.



912

X