По правило сè почнува со класичната фраза: „Моето дете едноставно не сака“ или „ништо живо не го интересира“

Да разговараме за тоа дека мотивирањето на децата е бескорисно и бесмислено. Меѓу оние што ја следат мојата работа и кои знаат дека, според моите правила, децата не смеат на што било да се тераат, има и поклоници на „компромисот“. Тие не бараат од своите потомци да леат пот над книгата, туку се обидуваат да ги „мотивираат“. Односно, да ги обработат и направат послушни не со метода на стап, туку со морков. Метода на перење на умот од категоријата „ако бидеш добар ученик, ќе станеш милијардер“. Па да позборуваме за тоа дека мотивирањето на децата е бескорисно и бесмислено.

Мотивирање на децата: од каде таа потреба?

По правило сè почнува со класичната фраза: „Моето дете едноставно не сака“ или „ништо живо не го интересира“. Навистина? Човекот, па дури и ако е малечок, кој ништо живо не го интересира, пати од депресија. А детето кое го интересира фудбал, дворот и компјутерот – очигледно има интереси.

Зошто децата не се особено педантни во учењето и како што родителите сакаат да кажат „не се грижат многу за својата иднина“? Бидејќи за здрава и усогласена личност, добивањето оценки е тотално неинтересно. Детето кое нема (или родителите не му ја всадуваат) болна амбиција, не се грижи за петки. Да, во прво одделение кај децата често се јавува таа желба бидејќи првпат влегуваат во средина во која постои конкуренција. До одредена возраст децата ги играат тие игри со петки и цветчиња, а потоа одненадеж сфаќаат дека е многу поинтересно да се трча по топка отколку да се завршува досадна задача заради шари во дневникот.

Детето може да се заинтересира за нови знаења и потоа да учи со задоволство (тоа нема никаква врска со оценките). Може да му се допадне дружењето, поради што со радост ќе оди на училиште. Тоа се нормални и здрави мотивации. Но, кога детето плаче поради „тројка“ и на секој начин се обидува да добие петка, тоа покажува дека е под притисок поради преголема грижа. Се плаши да изгуби. Тоа го гледа својот живот како биатлон – овде мора да се ползи, овде се пука, ова е натпревар и тоа жесток. А детството во меѓувреме оди во неповрат.

Да се одгледува гениј, милионер, шампион

Да, родителите може да бидат толку упорни што како резултат ќе добијат носител на златен медал. Поп-ѕвезда или светски познат научник. Но, ќе ви дадам два примери: Мајкл Џексон и Пол Макартни. И двајцата станале ѕвезди. Може да се каже кралеви. Едниот бил тепан од страна на родителите, го присилувале постојано да вежба, правеле од него суперамбициозна личност, подготвена на сè заради успех. Резултатот ни е на сите познат. Депресија, дрога, неприфаќање на себеси и конечно – смрт.

А Пол? Тој многу сакал да свири на гитара. Му се допаѓало. Не го правел тоа сосила, не си ги скратувал работите што ги сакал, не вложувал напор преку секоја мера. И си свирел за цели 2 милијарди долари. Зошто го давам овој пример? Затоа што покажува дека детето кое никој на ништо не го терал, кое никој не го „мотивирал“, има многу поголеми шанси  да биде среќно кога ќе порасне. А според моето мислење, среќата е поважна од сè друго.

Талентите се за задоволство

Многу родители сакаат да кажат: „Моето дете е многу талентирано, ако не го мотивираме, ќе му се изгубат тие способности…“ Родители, сфатете дека талентот е дарба, а не казна. Ако детето има некоја способност, пуштете го да ја развива според неговата желба.

Многу родители сакаат од децата да прават „успешни луѓе“, им велат: „Ти си мојот гениј, го можеш ти тоа“. Кога зборуваме за талентот, зборуваме за создавање. За способност за длабоко промислување, за слушање на музиката што свири во главата. Или за недоволното интересирање за биологија (математички формули, диносауруси…). Кога од овој сладок, магичен процес ќе се направи натпревар, целата магија исчезнува. Занесот се претвора во должност, во работа. И така талентот навистина брзо се губи. Цртањето змејови е задоволство, што не важи баш и за 8 часа дневно цртање на училиште.

Престанете да гледате на своето дете како на пластелин од кој морате да направите нешто преубаво. Тоа е личност и, нема да верувате, тоа е жив човек. Со свои желби и потреби.

Како да го развивате своето дете?

Постојат едноставни и некомплицирани начини за на детето да му овозможите правилен и добар развој. Читајте книги со него и разговарајте за работите. Цртајте со него, лепете глина. Одете на театар, на изложби, во научни музеи. Разговарајте со него за музика и книжевност. И друго, всушност, не ни треба. Сè друго – самото ќе разбере.

Автор: Михаил Лабковски, психолог

Извор



912

X