Повеќето од наставниците ја изведуваат наставата со сопствена компјутерска опрема. Но има и добар дел од нив што немаат опрема – соодветни телефони или интернет, па изгледа не е мал бројот на наставниците кои уште потешко ја минуваат корона-кризата. Од МОН велат дека кај нив нема реакции за вакви проблеми
Одат во училиштата за да испечатат материјали, молат по пријатели, трчаат до најблиските книжарници, компјутерите им кочат, крчат, интернетот им е слаб, купуваат нови компјутери на рати… Наставата на далечина покажа повеќе слабости во образованието. Повеќето од наставниците на основците ја изведуваат со сопствена компјутерска опрема. Но има и добар дел од нив што немаат соодветна опрема. Велат дека последните службени компјутери што ги добиле се стари 10 години, па изведбата на настава на далечина преку нив е речиси невозможна. Сите немаат соодветни телефони или интернет и изгледа не е мал бројот на наставници што уште потешко ја минуваат корона-кризата.
Засега од Министерството за образование и наука – МОН не се нуди решение за нив, велат дека опремата е должност на училиштата и досега не се пристигнати реакции од наставници и дека се задоволни како тече наставата.
Некои наставници ни испратија фотографии од опремата на која работат.
Сакам, но како?
Разговаравме со повеќе наставници за овој проблем. Голем дел објаснија што се случува и сите сакаат да останат анонимни.
– Компјутерот што го добив од училиштето е стар цела деценија. Ако преку него се вклучам на интернет, кочи и чекам по 15 минути само за да пополнам е-дневник. Имам среќа што мојот и работи, на колегите им се испорасипаа. Некој ќе каже да си купам нов, но не е така. Јас еве плаќам кредит, некои плаќаат кирија. Пандемијава треба да ни покаже колку е битно да се инвестира во образованието. Среќа во школо имаме смарт-табла. Но не е еден сегмент само. Сега се трудам колку што можам, се слушаме по телефон со учениците, се објаснуваме – вели одделенска наставничка од Скопје.
– Мојот школски лаптоп уште првата година откажа, плус 2 пати платив за поправка по 1.500 денари од џеб и повторно откажа. Сега работам како и сите други, со свој лаптоп, трет по ред купен, кој сè уште го исплаќам, со свој интернет, свој печатач… – вели наставничката Зорица Милкова.
Одделенската наставничка Гордана Угриновска вели дека работи на стар комјутер, четири пати преинсталиран.
-Зум му беше премногу за меморијата, па го користам мобилниот за вклучување, со сопствен интернет, за пак да не чиниме ние наставниците – вели таа.
Се чувствувам како да просам
Наставниците раскажуваат дека ретко кое училиште обезбедува техничка опрема за работа, т.е. компјутери. Печатачи, хартија за печатење, тонери во многу образовни институции се купуваат од пари што ги собираат родителите, или нивни донации. А неопходни се за работа.
Нејзина колешка додава дека се чувствува онеправдано кога се вперува прст кон нив и се третираат како неспособни за да воведат новини, а тие всушност немаат можност за тоа.
– Се чувствувам како да просам на секоја родителска кога меѓу редови бараме пари од родителите за материјали. Знаеме дека тоа не смее да се прави, па се оди со „дипломатски говор“. Среќа и за нас и за децата што голем дел од родителите се свесни за тоа што се случува. Но сега е вонредна состојба. Ев, се покажа колку е навистина часот во образованието – вели таа.
И интернетот чини
Поголемиот дел од наставниците, објаснува наставник, немаат свои лични компјутери, туку ги користат домашните, заедничките.
– Во овој период проблем е и што освен мене и сопругата работи од дома, а децата ни се ученици. И сега кој попрво да го грабне компјутерот? Се делиме, некој на телефон, некој на компјутер, па ќе падне брзината на интернет, па кочи, се прекинува, крчи… И интернетот не е бесплатен, знаете. Од друга страна, прекрасно е што се грижиме за учениците и што ете сите, како-така се трудиме да има настава. Но имаме сѐ повеќе реакции од родителите дека мора малку да стиснеме на кочница зашто нивниот товар е огромен. Знаете дека многу родители работат од дома. Се побара од нас да направиме програма за работа за вонредната ситуација, а досега ни еден допис не стигна како помош или како поддршка. Но виновни сме и ние. Долго време само шушкаме меѓу себе за сѐ што се случува и толку, а сега не е време за официјални барања, или пак никој не се сети на тоа – вели тој.
МОН: Никој не се пожалил
ИКТ и досега се применуваше во наставата, велат од МОН, имајќи предвид дека наставните програми предвидуваат задолжително користење на информатичко-комуникациските технологии во училиштето за реализација на воспитно-образовната дејност, а дополнително, наставниците имаат обврска да пополнуваат и електронски дневник години наназад.
– За набавка на опрема и одржување на постојната, обврска имаат самите училишта и до МОН досега не се пристигнати реакции од наставници за недостиг на електронски уреди за спроведување на далечинското учење. Исклучително сме задоволни од досегашниот ангажман и заложбите на наставниот кадар за реализација на наставата на ваков начин во овие вонредни услови, а за која нема потреба од најсовремена ИКТ-технологија. Доволен е каков било основен уред кој обезбедува двонасочна комуникација – велат оттаму.
912