м-р Слаѓана Трајкова, логопед

м-р Слаѓана Трајкова, логопед

ЈЗУ Завод за рехабилитација на слух, говор и глас – Скопје
тел: 075 857 284

Повеќе од авторот

Методот на утврдување на фонемите се користи во почетната фаза веднаш кога ќе се увидат тешкотиите во читање и во пишување

Проблемите кај децата со дислексија потекнуваат од тешкотиите во процесирање на гласовите, кои се вметнати или ги има во зборовите, и тешкотиите при воспоставување конекција помеѓу гласовите и напишаните симболи – букви, како и тешкотија во создавањето шема на комбинација од букви – кои ги репрезентираат гласовите во зборови.

Дислексијата е специфично нарушување на процесот на учење, кое има невробиолошка етиологија и кое се манифестира преку нарушување (проблеми) во правилното препознавање на зборовите, проблеми во спелувањето и проблеми во способноста за декодирање.

Современиот човек добива знаење од книгите. Книгата е потребна во текот на целиот живот, но за да се чита од неа, потребно е да се вложи енергија и одреден труд. Говорот и јазикот служат како основа за читање и пишување.

Нашето писмо е фонемско, а тоа значи дека на секоја буква одговара еден глас. Но сите деца ја немаат таа среќа да научат да читаат и да пишуваат.

Каде настануваат проблемите?

Проблемите настануваат во тешкотиите при совладување на буквите и воопшто во тешкотиите во говорот. Звучната слика на гласовите постојано се менува. Една иста самогласка во еден збор е отворена, а во друг збор е затворена. Децата немаат изградено претстава за зборови со истородни гласови (фонеми). За децата, зборот е единствена акустична слика и не ги препознаваат елементите од кои е составен – или имаат тешкотии во врска со самата структура на зборот (од кои гласови е структуриран тој збор).

Во текот на логопедската рехабилитација се случува тешко да погодуваат дали е во прашање гласот „е“ или гласот „и“ – овие гласови почесто ги заменуваат и ги одредуваат само врз основа на случаен „аудитивен впечаток“. Истото се случува и со другите гласови. Имаат добро развиена само мисловно-јазична целина (мисловно-јазичен исказ).
Тоа значи дека кога детето ќе го слушне зборот (исказот), го чувствува како една целина, иако тој се состои од неколку збора, или зборот се состои од неколку гласа. Потребно е да им се насочи вниманието кон утврдување или постоење на фонемите – што всушност е и темелот на овој метод.

Само да напоменам дека гласовите во говорот не се прост збир на одредени фонеми, туку постојано поинаку и поразлично модулираат.

Она дете што сака да научи да чита мора:

1. На почетокот да го совлада материјалот на аудитивен план.
2. Да ги среди и да ги класифицира фонемите.
3. Да ги препознава фонемите.
4. Да ги издвојува фонемите.
5. Да ги користи фонемите.

Методот за утврдување на фонемите, т.н. метод на патувачки букви практично се применува во повеќе европски држави и е преведен на повеќе европски јазици. Го има во специјалната методика за работа со деца – дислексичари, деца кои имаат тешкотии во совладување на техниката на читање и пишување.
Овој метод се употребува и кај нас во Заводот за рехабилитација на слух, говор и глас – Скопје.

Основата е во тоа што се гледа (совладува) секоја фонема како најмала јазична единица и ако се направи промена на фонемата во даден збор, се менува целото значење на зборот. Физичка репрезентација на фонемата е гласот, меѓутоа, фонемата е апстрактна единица во нашиот ум.

Методот на утврдување на фонемите се користи во почетната фаза веднаш кога ќе се увидат тешкотиите во читање и во пишување (веќе 6-7. година може да се согледаат проблемите дека детето може да развие дислексија), а тоа е периодот кога тргнуваат на училиште. За жал, мора да признаеме дека во нашата установа пациентите доаѓаат подоцна, на 9-10, па и 13 години. Методот се користи сè до фазата на совладување осмислено читање.

Полот, како и интеракцијата на полот и возраста, не предвидува значаен извор на разлики во постигнување на задачите на фонолошката свесност. Се бара секојдневно интензивно вежбање со стручно лице логопед, не помалку од 3 месеци.

Се работи на тоа детето да ја уочи или да ја согледа промената на зборот што настанува само со промена на една буква, односно глас. Станува свесно (развива свест) за тоа дека ако промени буква, ќе се промени целото значење на зборот.

Пример:
Река – чека
Тета – шета
Чај – дај
Пегла- тегла
Пета – чета
Вол – сол и др

Онаа буква што се менува ја означуваме со црвена боја.

Методот за утврдување фонеми помага за усвојување на анализата на зборовите на гласови и помага да се воспостави врска – конекција помеѓу глас и буква, што претставува еден од основните проблеми во совладувањето на техниката на читање и пишување.



912

X