Важно е тинејџерот да биде ментално здрав за да се развива, да воспоставува силни односи со другите и да ги надминува предизвиците.

– Силните односи исполнети со љубов што детето ги остварува со вас имаат директно и позитивно влијание врз неговото ментално здравје.
– Грижата за физичкото здравје е клучна за доброто ментално здравје. Поттикнете го вашето дете да биде активно, здраво да се храни, редовно да спие и да избегнува алкохол и дрога.
– Ако ве загрижува менталното здравје на вашето дете, за почеток разговарајте со него за тоа.

Што се подразбира под ментално здравје?

Под ментално здравје се подразбира општото социјално и емоционално здравје. Вашето дете треба да има добро ментално здравје за правилно да се развива, да воспоставува силни односи со другите, да се приспособува на промените и да ги надминува животните предизвици.

– Тинејџерите што се ментално здрави обично се попозитивни и уживаат во животот.
– Имаат поздрави односи со семејството и пријателите.
– Физички се активни и здраво се хранат.
– Учествуваат во активности.
– Свесни се за своите успеси.
– Можат да се опуштат и да се наспијат.
– Спаѓаат во својата заедница.

Кога се работи за можна појава на проблеми со менталното здравје, адолесцентскиот период знае да биде ризичен. Покрај влијанието од опкружувањето и генските предиспозиции, тинејџерите во овој период поминуваат низ многубројни промени и се среќаваат со низа предизвици, а за тоа време нивниот мозок созрева.

Како да се унапреди доброто ментално здравје на тинејџерите

Вашата грижа и поддршка, како и силниот однос кој детето го остварува со вас, имаат директно и позитивно влијание врз неговото ментално здравје и може да се намали шансата кај детето да се појави некој проблем. Еве неколку идеи како да го унапредите менталното и општо здравје кај детето:

– Дајте му љубов на детето, искажувајте ги вашите чувства и бидете грижливи.
– Покажете му на своето дете дека неговиот живот ве интересира. Пофалете го неговиот труд, добрите особини, успеси и ценете ги неговите идеи.
– Уживајте во заедничките моменти, само со детето или со целото семејство.
– Поттикнете го детето да зборува со вас за своите чувства. За детето е важно во тешки ситуации да знае дека не е само и дека може да ви се обрати и заедно да најдете решение на проблемите.
– Решавајте ги проблемите штом ќе се појават, пред да се влошат.
– Ако сте загрижени, зборувајте за тоа со лица од доверба, како што се членовите на семејството, пријателите, други родители или наставници.
– Ако мислите дека ви е потребна стручна помош, обратете се на лекар од општа практика. Грижата за физичкото здравје е клучна и за добро ментално здравје.

За вашето дете да биде емоционално и физички здраво, поттикнете го да го прави следното:

– Нека биде активно. Физичката активност и вежбите им помагаат на децата да останат здрави, да имаат повеќе енергија и самодоверба, да го контролираат стресот и подобро да спијат.
– Развивајте ги и одржувајте ги кај децата здравите навики во исхраната.
– Уредното спиење е многу важно. Квалитетниот сон му помага на детето полесно да го организира животот претрупан со обврски и да се справи со стресот.
– Алкохолот и дрогата треба да се избегнуваат.

Алкохолот и различните видови дрога се исклучително опасни за менталното здравје на тинејџерите. Поттикнете го детето да избегнува дрога и немојте да му давате алкохол додека не наполни 18 години. Доколку дознаете дека вашето дете пие алкохол или се дрогира, разговарајте со него. Најдобро би било да зборувате со некој здравствен работник или психолог.

Знаци дека на вашето дете му е потребна помош

Нормално е децата и тинејџерите некогаш да не се расположени, да им недостига мотивација и да не можат да спијат. Меѓутоа, ако забележите дека некои од следните симптоми траат повеќе недели, многу е важно да зборувате за тоа со своето дете. Втор чекор е да побарате професионална помош.

Ова се знаци што можат да укажат на тоа дека детето помало од 12 години има проблеми со менталното здравје:

– Често е тажно.
– Го расипало просекот на оценките на училиште.
– Има зачестени грижи и стравови.
– На училиште има проблеми со вклопувањето и согласувањето со други деца.
– Агресивно е, често е непослушно, има напади на бес.
– Има проблеми со спиењето, вклучувајќи и кошмари.

Обрнете внимание ако детето од 12 години и постаро ги има следните симптоми:

– Изгледа нерасположено, се чувствува беспомошно, плачливо е и му недостига мотивација.
– Тешко му е да ги совлада секојдневните активности.
– Има изненадувачки, најчесто од ништо предизвикани промени во однесувањето.
– Има проблеми со исхраната или спиењето.
– Го расипува просекот на училиште или одеднаш одбива да оди на училиште, на воннаставни активности или на работа.
– Избегнува пријатели или социјални контакти.
– Се жали на физичка болка, на пример, главоболки, болки во стомакот или во грбот.
– Агресивно е или антисоцијално, на пример, бега од часови, има проблеми со полиција, се тепа или краде.
– Многу е анксиозно поради тежината или физичкиот изглед, губи тежина, или како што расте, не добива на тежина.

Ако детето често размислува за самоповредување или за самоубиство, веднаш побарајте професионална помош. Можете да повикате национални СОС-линии за превенција од самоубиства или да повикате итна помош и да одите во најблискиот ургентен центар.

Како да разговарате со детето за менталното здравје

Ако ве загрижува менталното здравје на детето, за почеток морате да разговарате со него за тоа. Можеби ви е непријатно, па размислувате да почекате проблемот да помине. Меѓутоа, кога со детето разговарате за неговите емоции, му покажувате дека не е само и дека ви значи. А ако на детето му е потребна професионална помош, вие мора да му помогнете да ја најде.

Еве неколку идеи како да го поттикнете вашето дете да ви каже што чувствува:

– Кажете му дека и возрасните лица имаат проблеми кои не можат секогаш сами да ги решат. Истакнете дека е полесно да се најде помош кога некој во тоа ве поддржува.
– Кажете му на детето дека и за младите луѓе е нормално да се грижат, да бидат под стрес или тажни. Исто така, кажете му дека не е лесно да се отвори и да зборува за сопствените мисли и чувства.
– Кажете му дека понекогаш е полесно да се согледаат и да се разберат сопствените чувства ако се разговара за нив. Објаснете му дека возрасното лице, кое има повеќе искуство или, пак, поинакви искуства, може на детето да му открие некое ново и различно решение на проблемот.
– Ако детето не сака да зборува со вас, предложете му да разговара со некоја друга возрасна личност – роднина, близок семеен пријател, наставник од доверба, припадник на верска заедница или лекар од општа практика.
– Објаснете му на детето дека разговорите со општите лекари или други здравствени работници се доверливи, дека не смеат да им се откриваат на други лица, освен кога постои загриженост за безбедноста на пациентот или сигурноста на лицата во неговото опкружување.
– Нагласете му на детето дека не е само и дека ќе бидете тука кога ќе биде подготвено да разговара.

Ако на детето му кажете дека мислите оти нешто не е во ред, тоа можеби ќе ја одбие вашата помош или ќе ви каже дека не треба да се грижите. Многу млади лица не сакаат да бараат помош. Во тој случај, кажете му на детето дека сте загрижени и дека ќе барате совет од стручно лице. Пробајте да го поттикнете да ви се придружи, а ако одбие, побарајте помош самите. Ако не знаете што да правите, за почеток обратете се на општ лекар или училиштен психолог. Вашето дете може да проба да контактира и со организација од доверба која им помага на млади луѓе. Тоа можат да бидат здравствени домови или психолошко-педагошки служби во училиштата, кои по потреба ќе го упатат детето во специјализирани установи.

Како да се најде помош кога детето има проблеми со менталното здравје?

Проблемите со менталното здравје нема да исчезнат сами од себе, затоа е неопходно што порано да се пронајде професионална помош. Лошото ментално здравје и запоставувањето на проблемите во врска со менталното здравје можат да влијаат врз развојот и квалитетот на животот на детето, неговото физичко здравје, учење, односи со другите…

Професионална поддршка можете да добиете од:

– Општ лекар.
– Стручна служба во училиштето, училиштен психолог.
– Психолог во здравствен дом.
– Психијатар, психолог и други експерти што работат во болниците.

Давањето поддршка на детето кое се бори со проблеми поврзани со менталното здравје знае да биде тежок процес и за родителите. Затоа е важно и вие да се грижите за себе. Ако не знаете кому да се обратите, општиот лекар може да ви каже каде е најсоодветно да побарате помош за своето семејство. Никој не е виновен и никого не треба да обвинувате за лошото ментално здравје. Доколку проблемите врзани за менталното здравје го попречуваат животот на вашето дете, можеби квалификуван здравствен работник ќе ја дијагностицира менталната болест.

Извор



912

X