Воспитувањето е најтешката улога во животот, а за добро да се „одигра“, суштинска е менталната сила.

Родителството не нè учи како да бидеме имуни на тешкотии, туку токму спротивното – нè принудува да покажуваме емоции, но и ни дава сила да продолжиме, дури и кога сме нерасположени, кога не ни се допаѓа нешто или ни недостига самодоверба.

Во продолжение прочитајте ги работите што ментално силните родители не ги прават:

Препуштање на менталитетот на жртва

Отфрлањето, неуспехот и неправедноста се дел од животот. Кога детето ќе се најде во таа ситуација, тоа автоматски не значи дека е жртва. Не сожалувајте го детето, туку научете го дека колку и да се тешки или неправедни околностите, секогаш може позитивно да се однесува.

Препуштање на чувството на вина

Покажете им на вашите деца дека, иако понекогаш се чувствувате виновни поради тоа што сте пропуштиле нешто или сте направиле нешто погрешно – а тоа го прават сите добри родители, нема да дозволите непријатните емоции да го попречат донесувањето мудри одлуки.

Децата не се центар на универзумот

Ако целиот живот на родителот се врти околу децата, тие ќе пораснат мислејќи дека секој треба да се грижи за нив. А во светот на возрасните тоа нема да им помине – во најмала рака ќе ги сметаат за незрели и разгалени. Научете ги децата да се фокусираат на она што имаат да му го понудат на светот, а не на она што можат да го добијат од него.

Стравот не треба да го диктира животот

Покажете им на децата дека најдобриот начин да се справите со стравот е да поминете со „главата низ ѕид“, односно да се соочите со него. Важно е да се воспитаат храбри луѓе кои се подготвени да излезат од нивните комфорни зони, бидејќи тоа е начинот за напредок.

Децата не смеат да го диктираат семејниот живот

Дозволувањето на децата да диктираат што ќе јаде семејството за вечера или каде ќе се оди на одмор, им дава на децата одговорност за која не се подготвени во нивната развојна фаза. Дозволете им да донесуваат едноставни одлуки, додека се одржува јасна семејна хиерархија. Се разбира, треба да се зборува за сè – детето има право да го каже своето мислење и сугестија, но тој не е шефот чии наредби мора да се следат по секоја цена.

Совршенството не е императив

Научете го вашето дете дека успехот е важен и дека треба да се стреми кон него, но, исто така, дека е во ред да не е совршено во сè што прави. Децата треба да се стремат да станат најдобрата верзија од себе, а не најдобри во сè.

Не прават сè за децата

Децата треба да извршуваат различни должности според нивната возраст. Тоа, се разбира, не значи дека со тоа што ќе им наметнете безброј обврски, ќе им го скратите безгрижното детство. Ова ја зајакнува менталната сила што им е потребна за да станат одговорни граѓани.

Не ги штитат децата од болни чувства

Повредените чувства, тагата и вознемиреноста се дел од животот. Дозволете им на децата да ги искусат овие болни чувства, но и дајте им ја потребната поддршка за да се справат со нив. Така, справувајќи се со тешкотиите, тие стекнуваат доверба во сопствените способности.

Не чувствуваат одговорност за емоциите на нивните деца

Утешувањето на децата кога се тажни е нормално, но децата треба да стекнат емоционална компетентност за да можат да научат да управуваат со сопствените чувства. Ако детето е тажно поради расправија со пријател, родителот не е тој што треба да го реши конфликтот.

Не ги спречуваат децата да прават грешки

Нема да им направите услуга со тоа што ќе ги решавате нивните математички проблеми, ќе им ја пишувате домашната задача и постојано ќе ги потсетувате што треба да прават. Учиме од грешките. Дозволете им на вашите деца понекогаш да згрешат и кажете им за некои ваши слични неволји што ве направиле помудри.

Дисциплина, а не казнување

Казната значи дека децата страдаат поради нивните погрешни постапки. Дисциплината, пак, е насочена кон тоа децата да научат нешто за иднината. Тие треба да ги знаат последиците од нивните погрешни избори, но наместо да бидат казнети, тие последици им помагаат да развијат самодисциплина што им е потребна за да направат подобар избор.

Не се откажуваат од своите вредности

Или, со други зборови, родителите имаат свој минимум под кој не одат. Знаат што им е важно и инсистираат на тоа, но не се ограничени, сакаат да ја видат пошироката слика, а на крајот сепак одлучуваат според своите вредности.

Извор



912

X