Мексиканската држава Оахака ја забрани продажбата на брза храна и засладени пијалаци на децата во обид да ги намали дебелеењето и многубројните случаи на дијабетес кај децата. Оахака е првата држава што ја презема оваа мерка во Мексико, каде што има најголема стапка на дебелина кај децата.

Лицата што ќе го прекршат законот може да бидат казнети и може да им бидат затворени бизнисите. Оние што по втор пат ќе го направат прекршокот ќе се соочат со законска казна. Овој потег се презема откако бројот на смртни случаи во Мексико поради Ковид-19 се искачи на приближно 50 илјади. Смртната стапка во Мексико е трета највисока во светот по САД и Бразил. Експертите велат дека дебелината или зголемената телесна маса претставува голем ризик-фактор во однос на развивање потешка клиничка слика од Ковид-19, па дури и смртен исход. Околу 73 отсто од мексиканската популација имаат покачена телесна маса, во споредба со бројките од 1996 кога тоа било случај само со една петтина од населението, покажува студијата спроведена од Организацијата за економска соработка и развој.

Мексиканците консумираат повеќе пијалаци што содржат јаглероден диоксид на лице отколку која било друга нација. Оахака е мексиканска држава со највисока стапка на дебелина кај децата и втора во однос на дебелина кај возрасни лица, според здравствените државни податоци. Усвојувањето на законот наишло на аплауз во државниот Конгрес, но сопствениците на продавници и уличните продавачи протестираат против законот.

Законот ги забранува продажбата, дистрибуцијата и промоцијата на засладените пијалаци и брза храна за малолетните лица. Истото ќе се однесува и на „вендинг“ машините во училиштата. Креаторот на законот, Магали Лопез Домингез, вели дека идејата не била да им се нанесе штета на сопствениците на продавници и уличните продавачи. Таа потенцира дека овие луѓе можат да продолжат со продажба на тие намирници, но не на деца.

Заменик-министерот за здравство на Мексико и државен советник за коронавирусот, Хуго Лопез-Гател, го поздрави потегот. Минатиот месец тој ги нарече засладените пијалаци „отров во шишиња“ и ги предупреди луѓето да не ги консумираат. Кристијан Скоог, претставник на УНИЦЕФ во Мексико, исто така објави твит дека се согласува со одлуката, велејќи дека таквите мерки го заштитуваат правото на децата да консумираат квалитетна храна богата со хранливи состојки.

Во 2014 година Мексико воведе и данок за засладени пијалаци и брза храна, но не ја забрануваше продажбата на овие производи на деца.

Извор



912

X