Меган Маркл, војвотката од Сасекс, во личен есеј објавен во „Њујорк тајмс“ открива дека се соочила со спонтан абортус.

– Јулско утро што започна како и секој друг ден: приготвување појадок. Хранење на кучињата. Земање витамини. Наоѓање на чорапот што фалеше. Земање на моливчето што падна под маса. Фаќање на косата во опавче пред да го земам син ми од креветчето – напиша 39-годишната Меган во својот есеј наречен „Загубите што ги споделуваме“.

– Откако му ја сменив пелената, почувствував остар грч. Паднав на подот со него в раце, потпевнувајќи му песна за да нè смири двајцата, весела мелодија што беше остар контраст на моето чувство дека нешто не е како што треба. Додека го гушкав моето првородено дете, знаев дека го губам второто – пишува Меган.

Во искрениот есеј Меган напиша дека неколку часа подоцна таа лежела во болничкиот кревет, држејќи ја раката на принцот Хари, сеќавајќи се на емотивниот момент од нивното патување во Јужна Африка.

– Ја почувствував смиреноста на неговата дланка и му ги бакнував зглобовите на рацете, влажни од нашите солзи. Зјапајќи во студените бели ѕидови, се обидов да замислам како ќе закрепнеме по ова. Се присетив на еден момент од минатата година кога Хари и јас ја завршувавме долгата турнеја во Јужна Африка. Бев истоштена. Го доев нашето прво дете и се обидував да го задржам храброто лице пред очите на јавноста – пишува таа.

Во тоа време, неколку месеци, за нив имаше интензивен медиумски интерес.

Принцот Хари објави лута изјава обвинувајќи ги медиумите дека упаѓаат во нивните животи. Тој напиша дека се плаши од повторувањето на историјата, кога неговата мајка загина во сообраќајна несреќа откако медиумите буквално ја бркаа низ Париз.

Меган напиша за тоа како новинарот Том Бредби од Ај-ти-ви  ја праша дали е добро, а таа му одговорила искрено, не знаејќи дека она што ќе го каже ќе допре до многумина – нови и стари мајки и секој што на некој начин тивко страдал.

– Мојот одговор се чинеше дека им дава на луѓето дозвола да ја кажат својата вистина. Но, не ми помогна искрениот одговор, туку самото прашање. „Ви благодарам што прашавте“, реков. „Не многу луѓе ме прашуваат дали сум добро“.

Во врска со спонтаниот абортус, таа рече дека прашањето од типот дали си добро е единствениот начин да се почне процесот на лекување.

– Губењето дете значи справување со речиси неподнослива тага, искусена од многумина, за која малкумина зборуваат. Во болката од нашата загуба, мојот сопруг и јас откривме дека во соба полна со 100 жени, 10 до 20 од нив имале спонтан абортус. Сепак, и покрај заедничката болка, разговорот останува табу, преполн со (неоправдан) срам, па продолжува циклусот на осамено тажење. Некои храбро ги споделија своите приказни и ја отворија вратата, знаејќи дека кога едно лице ја зборува вистината, тоа им дава дозвола на сите да го направат истото. Научивме дека кога луѓето прашуваат како сме и кога навистина сакаат да го слушнат одговорот, со отворено срце и ум, товарот на тагата често станува полесен – за сите нас. И бидејќи сме поканети да ја споделиме нашата болка, заедно ги правиме првите чекори кон заздравување – пишува таа.

Извор



912

X