Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Се работи за машко дете на возраст од 19 месеци. Дури сега почна да ме загрижува тоа што не покажува со прст кон работите што ги сака, туку со мене комуницира така што ме фаќа за прст и ме влече до местото што го сака или предметот што го сака доколку не може да го достигне, а го видел оддалеку. Доколку може да го дофати сам, тогаш не ме бара. Ја прочитав статијата што беше објавена во врска со тоа дека не е добро да те влече за прст, ама не наидов на решение на проблемот. Не знам дали е потребно да посетиме логопед или педијатар или што и да е… Тој исто така е многу емотивен и потивок, да не речам повлечен. Цело време сум загрижена дали моето дете има аутизам?!

По некое време пак ќе се олабавам и си велам дека нема да мислам на тие работи. Ќе ве молам за совет, добро би ми дошло.

Прашува: читателка

ОДГОВОР: Почитувана мајка, постојат одредени развојни норми кои ја отсликуваат оваа возраст, како на пример: ги имитира возрасните во одредени активности како разговарање по телефон или пиење кафе, покажува интерес за истражување на околината, како и страв од нови луѓе и непознати ситуации, разбира едноставни барања придружени со гестикулација, на пример, „дај“ за испружена рака, лесно пронаоѓа скриени предмети, користи едноставни гестикулации како мавтање со глава за „не“ или мавтање со рака за „пријатно“ или „чао“, го насочува погледот кога ќе си го чуе името, става и вади предмети од корпа или кутија и уште многу такви развојни показатели за типичен развој на дете кое влегува во периодот на рано детство (18 месеци до 3 години).

Целосно ја разбирам вашата загриженост, но поради недоволен обем на информации, би ве советувала доколку имате каква било причина за загриженост во врска со забавен или дисхармоничен развој, да се посоветувате со психолог, дефектолог или педијатар кој директно ќе го опсервира и ќе ги тестира развојните постигнувања на вашето дете со цел обезбедување објективно мислење.

Одговара: Христина Стефановска, лиценциран психолог, соработник на „Психотерапика“
е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com / psihoterapika@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X