Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Мајка сум на 3,5-годишно девојче. Сѐ сака да е по нејзино, плаче, вреска хистерично, кубе, штипе. Искрено, веќе ме фаќа страв од сопственото дете, ве молам за некој совет дали треба да ја носиме негде на психолог или што да правиме, се чувствувам беспомошно.

ОДГОВОР: Жалам за вашето чувство на беспомошност. Впрочем, родителите многу често ги имаат овие чувства во однос на своите деца. Во својата улога, родителите или се не доволно едуцирани или просто се збунети и не знаат како и на кој начин да реагираат со своите деца. Беспомошноста кај родителот е недопустлива од причина што кој ќе го научи детето како во животот ако не самиот родител?!

Воспитувањето и границите кај децата значат љубов, но таа љубов понекогаш е малку напорна и фрустрира, на пример: „Кога родителот ќе го ограничи своето дете, тоа почнува да плаче, да вреска, да удира бидејќи нема способности како да се справи со фрустрацијата кога нешто му е забрането, скратено, недостапно.
На овие реакции на детето родителот го фаќа паника или просто не сака и не може од одредени причини да го трпи незадоволството на своето дете и попушта! И сѐ така во круг. Во тој случај детето ги поместува своите граници, таквото однесување станува сѐ почесто, се фрустрира уште повеќе.

Некои родители не сакаат да ги дисциплинираат децата затоа што сакаат да го избегнат конфликтот или не сакаат нивното дете да им се налути. Други не сакаат да посветат време и енергија.

Понекогаш се случува од неможноста да го поднесе незадоволството на своето дете, родителот да се фрустрира, па почнува да вика, да го удира или да го игнорира своето непослушно дете. Границите им се потребни на децата и тие треба да бидат изразени јасно, цврсто и да не се отстапува од нив. Доследноста на границите ќе му даде на детето можност полесно да се справи со разни емоции и ситуации во својот развој, а и ќе учи од родителот.

Природно е детето да тестира, да ги поместува границите зашто на тој начин учи. Затоа сме тука ние, родителите, да го научиме. Кога детето прави нешто што не е во ред, му се дава информација зошто е тоа така и поради што бараме од него да го смени своето однесување, т.е. го насочуваме и му помагаме на друг начин да го стори тоа што сака, го учиме како да се носи со нешто што во тој момент не може или не е дозволено, како да ја истрпи фрустрацијата. „Знам дека се налути, но…“, „Те натажи…, ајде да видиме како можеме…“, „Забрането е да се удираш, и себеси и другите!“
Ова значи дека треба да постојат некои правила на однесување кои треба сите дома да ги почитувате. Секогаш децата треба да се критикуваат и казнуваат за своите однесувања, а не за она што се.
Без дисциплина, на децата им недостигаат потребните алатки за да се справуваат со односите и предизвиците во животот, како што се самодисциплината, почитта кон себе и кон другите.
Кога детето е фрустрирано и е во стресна ситуација, потребна му е родителска сигурна база каде што ќе се смири, ќе се почувствува разбрано и сигурно.
Играјте со своето дете, разговарајте кога е смирено, објаснете што е дозволено, а што не, посветете му внимание и бидете сигурна база каде што детето ќе се чувствува сакано и прифатено.

Доколку ви е потребна дополнителна помош за како да постапувате, како и за развојот на вашето дете, можете да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X