Тоа што Роберт де Ниро неодамна стана татко на 80-годишна возраст или што Ал Пачино очекува бебе на 84-годишна возраст очигледно нема многу голема важност за нашите животи, освен во секторот на озборувањето.
Но, иако меѓу нас и Де Ниро или Пачино има дистанца од седум илјади километри и разлика од 120 милиони долари на жиро-сметката, сепак, вестите и реакциите за нивното татковство укажуваат на универзалната и заедничка болка на сите жени, отелотворени во двоен критериум – кога станува збор за „старото“ родителство.
Коментарите на социјалните мрежи укажуваат на тоа колку општеството е строго кон жените, или пак поблаго кон мажите.
Мик Џегер доби дете на 73 години. Ричард Гир стана татко на 69-годишна возраст, а потоа на 70-годишна возраст. Клинт Иствуд, Лери Кинг и Род Стјуарт станаа татковци на 66-годишна возраст. Роберт де Ниро неодамна го доби своето седмо дете на 80-годишна возраст.
Секоја таква вест поминуваше со одмавнување на раката и став дека се работи за „вечни момчиња“, немирни момци, па дури и за секс-модели. Секоја чест за нив, да имаат енергија и потенцијал на таа возраст! Затоа што се чини дека енергијата е потребна само за да се направи дете. А кој ќе биде буден цела ноќ трчајќи по детето? Па, мајката, кој друг.
Затоа на женската бременост по 35-годишна возраст пристапуваме со „хируршка“ сериозност. Доста е сега со шеги, се калкулираат јајце-клетките и нивниот квалитет, се вадат календари и се бројат годините, се проучува историјата на (не)правилно однесување, почнува осудувањето: тоа е неодговорно и себично, ризично, го загрозува здравјето, премногу е стара за тоа, зошто не посвои дете наместо да роди, да си се породила на 20, веќе ќе го одгледаше…
Од ова не беа поштедени ниту женските претставнички на познати повозрасни родители: Хали Бери го роди своето прво дете на 42, а второто на 47 години, на шега опишувајќи ја својата бременост како геријатриска.
Никол Кидман отворено зборуваше за своите проблеми со зачнувањето, а по спонтан абортус успеа да го роди своето прво дете на 42 години, исто како Селма Хајек, која изјави дека на таа возраст била многу поисполнето и покомплетно човечко суштество отколку на 31 година и дека нејзиното дете сега добило подобра мајка.
Мерил Стрип доби дете на 42 години, а Селин Дион на истата возраст доби близнаци. Хилари Свонк доби близнаци на 49 години, а Џенет Џексон забремени во педесеттите.
Медиумите, освен жолтите таблоиди, во 21 век се однесуваа и пишуваа за нивната бременост неутрално, па дури и весело. Но, токму оваа поддршка и еден куп написи за тоа дека е во ред жените да станат родители по 35 години само сведочат за фактот дека тоа е женски проблем, а не машки. И не, тука не станува збор за ризикот за здравјето поврзан со создавањето потомство.
Што се крие зад коментарот за „неодговорните мајки“?
Затоа што, со денешната медицина, со подолгиот животен век и ресурсите со кои располагаме, бременоста по 35-тата година не е неодговорен чин, како што внимателно нѐ предупредуваат интернет-воините на социјалните мрежи. Впрочем, квалитетот на машката сперма се намалува со возраста, што потенцијално влијае врз здравјето на детето.
Жените, секако, од биолошки причини имаат „ограничен период“ и нашите шанси за зачнување брзо опаѓаат по 35-тата година од животот, додека плодноста кај мажите е со подолг животен век. Здравствени пречки и предизвици има, но со претпазливост и консултација со лекар, бременоста може да помине совршено.

Згора на тоа, возраста со себе носи одредени предности во животниот стил што е неопходен за бременоста и воспитувањето на детето: по 30-тата година жените повеќе се посветуваат на своето здравје и тело, излегувањето се заменува со побалансирано темпо на живот.
Се чини дека зад коментарите за „неодговорните мајки“ всушност се крие сè уште длабоко патријархално верување дека жените се тие што ги воспитуваат децата и треба да бидат со нив барем до триесет години, т.е. кажано малку погрдо: Излегува дека со зачнувањето завршува работата на мажите.
Ако веќе сме загрижени за идните деца, треба еднакво да ги судиме и мајките и татковците, или едноставно да не се мешаме во туѓите животи и да се држиме до идејата дека „вистинското време“ за раѓање е за околу девет месеци.
Автор: Лидија Чуло