Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Се работи за навистина паметно дете. Стручната служба во градинка вели нема дете во градинка што повеќе знае од него. Но последниве два месеца водиме борба со удирањето од негова страна. Сака да мава, да тепа деца, агресивен е кога не го добива посакуваното внимание, едноставно вели дека сака да е лош. Со убаво имам пробано милион пати. Вели дека ќе биде добар, но тоа трае еден ден, некогаш ни толку. Со лошо ми нема логика. Како во магичен круг, ако го плеснам по задникот, испаѓа дека залудно велам дека тепањето е лошо. Што е правилно? Четири и пол години има. Јас сум построга со него, а татко му многу му попушта.

Прашува: мајка

ОДГОВОР: Драга мајка, на своите четири и пол години детето сè уште учи. Впива содржина, податоци, модели, вештини. Впива како сунѓер. Како што опишавте, однесувањето на вашето дете не е негова карактеристика, туку се јавува пред извесно време и трае два месеца. Во центарот на агресивното поведение во оваа возраст е чувството на лутина. Како го воспитувате и регулирате ова чувство? Како вие како родители се справувате со вашето чувство на лутина? Дали меѓусебно и отворено разговарате во врска со тоа?

Христина Стефановска

Кога детето не се однесува добро, многу е веројатно дека и не се чувствува добро. Агресијата кај децата, пред сè, е биолошки механизам во служба на опстанок и тоа е нејзиниот позитивен контекст. Целта на агресијата е или одбрана од закани или начинот на кој децата се обидуваат да ги задоволат одредени потреби, што во одредена форма ја прави пожелна и својствена за човековиот род. Првата појасна манифестација на агресивно однесување се препознава околу втората година, во исто време со периодот на освојување на просторот и стекнување независност, т.е. увидот дека јас не сум исто што и моите родители.

Обработувајте и читајте сликовници на тема лутина и насилно однесување. Глумете ги емоциите со изрази на лицето и со говор на телото. Прашајте го што најчесто го лути. Опишете му какво е чувството на лутина. Нацртајте го како голем оган, потоа имајте секогаш задача да го гасите. Кога е лут, внесете го во улога на пожарникар. Кога сте вие лути, покажете му дека и вие се грижите за вашата лутина, на пример: Во моментов сум многу лута и си одбројувам до десет за да се смирам. Гласно кажувајте го тоа. Посочивте и дека е агресивен кога не го добива посакуваното внимание, а воедно и дека досега не сте ги усогласиле родителските стилови со сопругот. Можеби е време да го сторите тоа. Можеби веќе добивте порака и црвено светло кое во моментов треба да биде нов почеток и инспирација.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет”

е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X