Марија Монтесори сметала дека развојот на карактерот (како и целокупниот психички живот) се одвива по строго утврден редослед, каде што квалитетот на развојот во еден период претставува предуслов за нормален развој во следниот. Тоа значи дека колку што потребите во едниот период се целосно задоволени, толку наредниот период ќе биде поуспешен.

Во периодот од раѓањето до шестата година се поставуваат темелите за развој на карактерот. Нејзиното мислење е дека во почетниот период треба да ѝ се остави на природата да ја заврши својата работа и дека не може да се влијае врз детето ниту со казна ниту со пример. За да се сфати како природата дејствува сама, мора да се гледа на сфаќањето на детскиот ум од страна на Монтесори. Таа сметала дека самата природа во детето ги всадила создавачките енергии или несвесната интелигенција која се разликува од онаа на возрасните по тоа што има моќ да ги впива впечатоците од надворешниот свет. Благодарение на тоа својство на умот, развојот на детето не е усовршување на дадените способности со раѓање, како кај животните, туку создавање на нешто ново, таканаречена трансформација од несвесно во свесно. Нашата задача е да им дадеме поддршка на тие вродени енергии за да го остварат процесот на создавање способности и свест, така што на децата ќе им овозможиме да го стекнат искуството за светот со активности врз кои нема да пречиме.

Она за што денес сите се согласуваат е дека периодот до третата година е најзначаен во целокупниот психофизички развој. Неповолните услови во тој период, како што е запоставувањето и отсуството на спонтани и креативни активности, се главните причинители за изобличување на карактерот. Траумата или насилството во тој период може да доведат до нарушување на личноста. Сепак, постои можност последиците од овие неповолни услови да се поправат до шестата година.

Кога децата подолго престојувале во средина што ги поттикнува, со средства кои се дел од нивните интересирања и каде што можат слободно да истражуваат и да го задржуваат вниманието на она што ги интересира, се менувале од пасивни во активни, од неуредни во уредни, од немирни во такви што им помагаат на другите, што покажува дека непосакуваните форми на однесување се стекнати.

Марија Монтесори го користи поимот „изгладнет ум“ или „духовна глад“ за да го објасни главниот причинител на проблемите во однесувањето.

За детето да ја добие духовната храна, на родителите им се препорачува да им овозможат на децата да се занимаваат со она што ги интересира, да не им помагаат без потреба и наместо нив да ги извршуваат активностите за кои се психофизички зрели и да не ги прекинуваат додека се занимаваат со некоја своевидна и креативна активност.

Автор: Татјана Џодиќ



912

X