„Тато има нова девојка“ или „Мама има ново момче“ е голема и често збунувачка вест за детето. Но, кога мајката и/или таткото ќе почне да живее со нов партнер, тогаш почнуваат предизвиците. Маќеата или очувот мора со детето да изгради однос, иако во поголемиот број од случаите не тече во најдобар ред. Ова се неколку совети како да се олесни создавањето на тој посебен однос.

1. Дајте си време да развиете однос со посинокот или поќерката

Развивањето добар однос најдолго трае ако детето е во тинејџерски години. Истражувањата покажале дека на детето до пет години му се потребни една до две години за да се поврзе со маќеата или очувот. Психологот Татјана Ѓурковиќ од Хрватска смета дека различните возрасти носат и различни развојни задачи за детето, но најважно е како членовите од семејството ќе пристапат кон тоа поврзување.

Децата често се збунети од новите односи во семејството, па важно е да им се дадат информации за тоа што се случува, како и време за да ги сфатат своите емоции со ваша поддршка. Детето треба да има време да поминува само со биолошкиот родител. Кога детето ќе види дека родителот не му е одземен, побрзо ќе почне и вас да ве почитува.

2. Приврзаноста со биолошкиот родител може да влијае врз развојот на новиот однос

Децата често се емоционално растргнати кога во нивниот живот ќе се вклучи маќеа или очув и можат да се плашат дека ако ги засакаат, тоа ќе го повреди неговиот биолошки родител. Поради тоа, детето може да се затвори, а и да биде непослушно. За да му помогнете, треба да му дадете до знаење дека е во ред да остане приврзано со биолошкиот родител и да го поттикнувате нивниот меѓусебен контакт. Никогаш не треба да го критикувате биолошкиот родител и не треба да се обидувате да го замените. Едноставно сметајте се како дополнителна родителска фигура во животот на детето и бидете свои.

3. Следете го развојот на вашиот однос со детето

Ако детето е отворено кон вас и сака со вас и физички контакт, како прегратка, бакнежи и слично, не лишувајте го од тие искажувања на нежност и блискост. Ако, пак, е резервирано кон вас, не навалувајте. Важно е да ги почитувате личните граници на детето и да му дадете информации за вашите граници, односно што мислите дека е во ред, а што не, смета Ѓурковиќ.

4. Опуштете се и бидете трпеливи

Можеби е тешко ова да се направи во ситуација во која ви се чини дека вашиот однос со детето не напредува, но прифатете го фактот дека таквите работи не треба да се забрзуваат, како што никого не може да натерате побрзо да ве засака. Во меѓувреме, водете смета за активностите на детето, интересирајте се за неговите училишни обврски, одведете го на тренинг, помогнете му околу учењето и слично. Разговарајте со него, за да бидете вклучени во неговиот живот. Исто така, можни се и заеднички дружби со биолошкиот родител, споделете ги вашите таленти, вештини и интереси со детето и покажете интерес кон она што нему му е забавно и во што е вешто. На пример, ако знаете да свирите на гитара и детето го интересира тоа, покажете му. Разговарајте со детето за своите знаења и таленти, па ако детето покаже интерес, подучете го, заклучува психологот Татјана Ѓурковиќ.



912

X