Игротека

Мало дете што извршува домашни обврски предизвика жестока дискусија на интернет

На својот инстаграм-профил една мајка сподели видео како ја учи својата малечка ќерка да си ја дипли облеката, што предизвика различни реакции. Додека многумина ја пофалија оваа идеја, некои ја нарекоа „злоупотреба на детскиот труд“.

Во видеото, Деб, мајка на две деца, ја објаснува својата техника: зема картони од кутија, ги спојува со лента и ги нумерира различните делови од картонот и им става различни бои. Нејзината ќерка ги става своите алишта на картонот и ги дипли.

– Мајчински трик: како да го натераш твоето дете да ја среди својата облека. Вклучете го вашето дете во обврските на начин на кој ќе му биде забавен – напиша Деб во описот на видеото.

Како и во многу други случаи на социјалните мрежи, се појави дебата. Додека на многумина им се допадна оваа идеја, други ја критикуваа. Но, што велат експертите за децата и домаќинските задачи?

Експертите не се согласуваат со негативните коментари.

– Овој изум е погоден за мали деца и може да се претвори во забавна активност. Иако некои деца може да не го разберат целиот процес на организација и „работа“, тие учат нови вештини и ја примаат позитивната реакција – вели Даниел Хуи, доктор по клиничка психологија во Хакенсаки медицинскиот центар, кој ја пофали оваа идеја.

Друг експерт за родителство ја пофали идејата како одличен начин за учење неколку вештини во една активност, но и за зајакнување на поврзаноста меѓу родителот и детето.

– Мајката го учи детето на домашни задачи, а истовремено ги користи и моторичките вештини. Задачата е забавна за деца на оваа возраст, па сето тоа изгледа како игра за девојчето – вели Џејми Бузел, тренер за родителство.

Дали тоа е „експлоатација на детскиот труд“?

– Тоа не е точно. Станува збор за лесна работа. Но, терминот подразбира дека не постои надомест, дека детето се експлоатира на штета на неговата благосостојба и дека нема никаква придобивка за него. Но, диплењето на облеката е корисно за семејството – вели д-р Хуи.

Дали домашните обврски се соодветни за децата?

Додека домашните обврски можат да бидат корисни за децата, родителите треба да имаат на ум некои работи при нивното распоредување.

– Важно е да се запамети целта на задачата. Ако целта е развој на вештини, структура и независност, активноста не е штетна и не го става детето во ризик – вели д-р Хуи.

Задачите не треба да се користат како казна и секогаш треба да бидат развојно соодветни, додава тој.

– Доделувањето задачи кои се премногу сложени или инсистирањето детето да изврши задачи кога е болно може да има контрапродуктивен ефект – вели Зишан Кан, доктор по психијатрија.

Кога можат децата да почнат да помагаат со домашните обврски?

Можеби се прашувате кога децата може да почнат да помагаат дома. Тоа зависи од семејството и од детето. Најдобро е да го следите детето.

– Домашните обврски може да започнат кога децата ќе покажат способност да ги извршуваат задачите или да следат упатства во различни ситуации – вели Дебра Прајс, лиценциран професионален советник.

Некои деца може да бидат подготвени многу рано.

– Обично, задачите може да започнат од моментот кога детето почнува да се движи самостојно, односно кога може да се движи независно – вели Прајс.

Задачи соодветни за возраста на детето

18 месеци – 2 години: средување играчки, помагање при местење на креветот и помош при собирање на расфрланите работи и играчки;

3-5 години: поставување на масата, хранење на миленичињата, наводнување на растенијата, сортирање на облеката;

6-9 години: местење на својот кревет, чистење подови, носење ѓубре, диплење и ставање на облеката во плакарот;

10-12 години: помагање во миењето садови, приготвување едноставни оброци, чистење бањи;

13-16 години: перење на својата облека, приготвување целосни оброци, чување на помалите браќа и сестри, управување со личен буџет;

17-18 години: помагање при одржување на автомобилот, возење членови на семејството и помош при поправки во домаќинството.

Не заборавајте дека некои деца може да не се подготвени за овие задачи и тоа е во ред. Најважно е да најдете што најдобро функционира за вашето семејство.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top