Воспитување

Малите деца и времето за себе – како во староста ќе гледате на оваа доба

Кога одите некаде со детето, на море или на некоја прослава… еве да речеме дека одите на море…

Може да се потрудите да си одвоите малку време за себе во текот на денот, да прошетате рано наутро сами на плажа, да го завршите готвењето на ручекот на мир, додека таткото малку се грижи за децата. Барем можете да си го испиете кафето на мир, без некој да вика по вас: „Мамо!“ Можете да се обидете искрено да измерите колку вие, а колку сопругот поминува време со детето, за на убав начин да му кажете дека сега малку вам ви треба време за себе, а и дека децата треба да поминуваат време со својот татко.

Можеби ќе можете лесно да го спроведете тоа.

Можеби вашето дете е многу соработливо, лесно се вклучува во игра и сака да си игра само. Или да си играат самите со часови, ако имате неколку деца. Можеби вашиот сопруг е татко кој навистина сака да поминува по неколку часа секој ден со детето, токму онака како што тој инсистира, па никој не мора да го потсетува и организира.

Тогаш ова не е текст за вас.

Ова е всушност текст за мајки чии деца копнеат по нивното друштво сто проценти од времето. За мајките што живеат во тоа парче рај на земјата каде што се зеницата во окото за своето дете, но и детето за нив. Секогаш кај мама: мама да облече, мама да помогне, мама да го носи во текот на ноќта во тоалет, мама да ги измие запчињата, мама да чита приказна пред спиење. Безусловна љубов во очите на детето, кога ви простува сè и секогаш сте му најубава на светот.

Значи, за мајки на мали деца.

Па и тој рај на земјата понекогаш е многу тежок… Барем еднаш дневно. Тогаш кога имате неколку минути за себе, никој не ве бара, никој не ве довикува, не сте одговорни за никого, нема на кого да внимавате, да слушате.

Само десет минути за да пушите цигара, да пиете кафе, да разговарате на телефон со пријател, да јадете оброк во мир, да гледате делови од епизода на „Нетфликс“, да разговарате со месечината, да се помолите, да напишете дневник за благодарност или што и да е она што ве приземјува.

Можете да се обидете да го добиете тоа за себе кога навистина ви треба.
И да го завршите тој подвиг лути и разочарани. А кон детето, ниту виновно ниту должно, да бидете нетрпеливи и нељубезни.

И тогаш ви гори совеста и ви пропаѓа и одморот или таа посета, прослава, што и да е, затоа што не сте успеале да добиете одмор, бидејќи децата сѐ уште биле таму, ве виделе и ве повикале. И никој нема моќ да ги натера да ве заборават. Или, пак, детето кое има специјален радар за мајка си, секое утро се буди без разлика колку рано станува мајка му и ѝ пропаѓа планот за шетање на плажа. И, се разбира, тогаш сте лути и бесни и ви доаѓа да ја фрлите чинијата со храна…

Или можете да го сфатите одморот (летување, прослава, забава) како нешто што го правите за детето.

Да му покажете колку е убав светот и колку е убав животот. И колку е убаво кога мајката е апсолутно, сто проценти присутна во секој момент со него.

Таа му мавта со раката додека тоа е качено на вртелешката, па разговараат за вкусови на сладолед. Направете планови со него за тоа какви забавни работи следно ќе направите. Наутро направете изматени јајца и ставете им очи од маслинки и уста од црвена пиперка. Пребарајте детски претстави или кинопроекции. Игра со карти. Будете го рано наутро и одете на плажа со него додека нема никој. Тие седум или десет дена ги поминувате во авантура, која детето ќе ја памети засекогаш.

Можеме да имаме време за себе само ако физички се одвоиме, тоа го знае речиси секоја мајка. Мајката не може мирно да јаде оброк и, на пример, да гледа серија, додека децата гледаат оти таа е таму, односно присутна. Туку само ако децата се на друго место.

Ако не се, таа може да биде само фрустрирана и лута на децата, и на нејзиниот сопруг, и на целиот свет и на мајчинството воопшто и да се прашува зошто воопшто сето тоа ѝ требало во животот, ако се надева на време резервирано за себе, но не успее да го постигне.

Децата растат брзо, тоа е поентата. Ако сега се мали, само запомнете дека нема да помине долго пред тие повеќе да не сакаат да ги носите в кревет и да ги бакнувате за добра ноќ.

Замислете дека сега сте во старост, на крајот од животот. Сè што требало да доживеете веќе поминало. Нема повеќе можности, нема опасности, нема нови почетоци за вас. Сè што може да се доживее во овој живот е веќе зад вас. Вашите деца се пораснати – и тоа многу одамна. Одамна не сте ги носеле в кревет и бакнувале за добра ноќ, не сте им ги смениле пелените, не сте ги разбудиле да одат во тоалет навечер. Вие сте на самиот крај од патот.

И тогаш одеднаш добивате шанса да се вратите во ова време, токму сега, за само еден ден! Повторно да бидете родител на мали деца.

-Дали би се жалеле?
-Дали би ви било тешко?
-Или поинаку би го поминувале времето со нив.
-Или би биле благодарни што ги имате и што имате можност да ги гушкате, бакнувате и да си играте со нив.

Автор: Жељка Курјачка Станиќ/ психолог и психотерапевт

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top