Голем дел од семејствата одат на одмор секоја година, но според педијатарот Јован Раичевиќ, родителите на малите бебиња подобро е да не се впуштаат во ваква авантура. Тој смета дека бебињата нема што да бараат на плажа, а тоа јасно го кажа во својот статус кој предизвика многубројни реакции во регионот.
– Со оглед на тоа што во последните денови на клиниката се среќавам со сѐ повеќе родители кои се прашуваат како да му обезбедат безбеден престој на плажа на своето бебе, решив да напишам краток текст со совети за младите родители кои сакаат да одат на плажа со дете до една година. Значи, да одиме по точки:
1. МАЛИ БЕБИЊА НЕМА ШТО ДА БАРААТ НА ПЛАЖА!“ изјави на „Фејсбук“ педијатарот Раичевиќ.
Неговата кратка објава многу брзо стана тема на дискусија на социјалните мрежи. Некои беа воодушевени од неговата искреност, а други се налутија. А со оглед на тоа дека неговите зборови ги пренесоа и некои медиуми, д-р Раичевиќ повторно се огласи на „Фејсбук“ и појасни што сака да каже.
– Бидејќи гледам дека претходниот текст ги разбранува страстите кај некои родители, ќе го дополнам малку и ќе дадам објаснувања, но и покрај посебните случаи што постојат, сакам да нагласам дека сепак апсолутно се држам до точка 1 во претходната објава – напиша тој и почна да го објаснува твојот став.
Тој смета дека новороденчињата треба да останат дома бидејќи се склони на инфекции.
– Секако, тоа не е мотивирано од желбата дополнително да се ограничи слободата на родителите на бебињата и малите деца, туку напротив, да им се укаже на вистинските ризици со кои се соочуваат кога одат на одмор со мало бебе. Како педијатар со искуство и во амбулантски и во болнички здравствени установи во град кој е летна туристичка дестинација, не можам ни да набројам што сѐ сум видел во кариерата, од изгореници од сонце, преку тешки гастроинтестинални инфекции до давење. Летувањето лесно се претвора во кошмар – предупреди д-р Раичевиќ.
Затоа ги повикува семејствата да преземат мерки на претпазливост.
– Апсолутно нема потреба да се патува некаде со новороденче (во првиот месец од животот). Новороденчињата имаат незрел имунолошки систем и не треба да се изложуваат на непотребен ризик да добијат инфекција која може да биде опасна за живот. Новороденчињата се толку чувствителни што едно од златните правила на педијатрите е дека сите бебиња што ќе развијат температура во првиот месец од животот веднаш се третираат како со најтешка инфекција (сепса, менингитис) која бара хоспитализација, комплетна дијагностичка работа и интравенска антибиотска терапија.
Значи во неонатологија важат истите правила како во Тексас, прво пукаш, па после поставуваш прашања.
Новороденчето треба да остане дома, во близок контакт со родителите, може да оди на прошетка секој ден од првите денови, но мора да се избегнуваат прекумерни социјални контакти за да се намали ризикот од инфекција – посочува докторот.
Што се однесува до бебињата постари од шест месеци, тој смета дека е можно да се патува со нив, но треба внимателно да се избере начинот на патување, но и дестинацијата.
Патувањето со автомобил е најбезбедно од епидемиолошка гледна точка, бидејќи престојот на места каде што има многу луѓе (аеродром, автобуска или железничка станица), како и патувањето со овие средства за масовен превоз носат со себе ризик од пренесување заразна болест. Што се однесува до дестинацијата за одмор, која и да е, најдобро е да оди кај бабите и дедовците на село или на планина, советува докоторот.
А доколку родителите решат да одат на море, ги чека сериозна логистичка операција, додава тој.
За епидемиолошки најризични ги смета песочните и плитките плажи
– Идеално би било да ги избегнувате дестинациите за масовен туризам бидејќи таму ќе наидете на преполни плажи и ќе го изложите вашето дете на најголем ризик на летниот одмор, а тоа е вирусна гастроинтестинална инфекција, пред сѐ, ротавирус. Местата кои се најпристапни и најпријатни за малите децата, како што се песочните плажи, се и најризични епидемиолошки затоа што обично се пренатрупани со капачи. Не заборавајте дека секој што ќе влезе во бода ги измива од себе сите вируси и бактерии. Имунолошкиот систем на возрасен може да се справи тоа, но детскиот имунитет не може, особено затоа што возрасните знаат дека оваа вода не треба да се голта, а малите бебиња и децата често го прават тоа намерно бидејќи им се допаѓа вкусот на солената вода – забележува д-р Раичевиќ.
Тој ги советува родителите да одат на плажи кои не се преполни или на оние што не се толку достапни и нема многу капачи. Доколку треба да одите на јавна плажа, според докторот, најбезбедно е да одите таму рано наутро со вашето бебе.
Морето се расчистува преку ноќ и ако дојдете доволно рано, на пример, околу 7 часот наутро, вашето дете има неколку часа безбедно пливање пред да пристигнат другите капачи. Така што, магичната формула за безбедно пливање во морето е што е можно помалку луѓе наоколу, толку ризикот е помал, вели тој.
Тој предупреди и за опасностите од изложување на сонце
Сите знаеме дека не треба да се задржувате на сонце во периодот од 11 до 17 часот, кога е висок УВ-индексот, но овој педијатар ги предупредува родителите и за тоа.
– Ако одите на плажа со мало бебе, тоа мора постојано да биде под сенка, идеална е сенка од дрвјата, додека заштитата што ја нуди чадорот за сонце е несоодветна. Поради фактот што и морето и песокот совршено ги рефлектираат сончевите зраци, на плажата има толку многу рефлектирани сончеви зраци што престојот под чадор не значи ништо. Идеално е да купите мал УВ-шатор за вашето бебе за соодветна заштита – ги советува родителите.
Зголеменото потење го зголемува ризикот од дехидрација
Друга опасност што ги демне бебињата е поголем ризик од дехидрација. Како што објаснува педијатарот, кај малите бебиња механизмот на потење и терморегулација е незрел и постои постојан ризик од хипертермија, односно топлотен удар.
– Меѓутоа, постои и ризик од хипотермија, особено кај бебињата во првите три месеци од животот, додека поткожното масно ткиво не се развие посилно. Тој додава дека бебињата што цицаа треба почесто да се дојат, додека бебињата што се на адаптирано млеко треба да им се нуди повеќе вода.
Докторот на крајот вели дека бебињата сакаат вода и дека треба да им се дозволи да уживаат, но верува дека најбезбедно е во малиот базен на терасата.
– На крајот на денот, што добива бебето од пливањето во море? Здравствените придобивки од тоа да се биде на море првенствено се сведуваат на зголемено производство на витамин Д поради подолгото изложување на сонце, додека доколку немате кожна болест која ја фаворизира морската вода (псоријаза, егзема), изложеноста на морска вода е од помала важност. Бебињата во првата година од животот секако не треба да бидат изложени на посилно сончево зрачење (затоа се препорачува да пијат витамин Д во текот на првата година, без разлика на сезоната) така што оваа придобивка им се губи и се изложени на непотребен ризик од инфекција, ладење, прегревање, дехидрација и изгореници – вели д-р Раичевиќ.
– Што се однесува до нивните моторни вештини и нивната способност да го разберат светот, морето е преголемо, а плиткото е премногу длабоко за нив, а малиот базен на терасата е идеално длабок и идеално широк, полн со безбедна топла вода и нивните омилени пловечки играчки. Значи, што повеќе можеш да бараш од животот со 9 месеци? И така, да резимираме, јас сè уште стојам на точка 1 од претходниот текст, и кој е подготвен да се справи со сериозна логистичка операција наречена „Бебе на плажа“, нека повели. Ние педијатрите сме секогаш тука да помогнеме кога дел од овие операции одат во непланиран правец – заклучува тој.
912