Фината моторика подразбира вештини кои вклучуваат прецизни движења на рацете и прстите, а е пресудна за многу секојдневни активности, од јадење, облекување и цртање до пишување и користење различни алати.
Иако често поминува „незабележано“ во споредба со поголемите движења, како што се одење и трчање, развојот на фината моторика е еднакво важен за самостојноста на детето и успехот во училиште и во животот.
Со кое темпо се развива фината моторика?
Развојот на фината моторика се одвива постепено, во согласност со созревањето на нервниот систем и развојот на координацијата око-рака. Иако секое дете напредува во сопствен ритам, постојат насоки што можат да им помогнат на родителите да го следат развојот:
0-6 месеци: Детето ги набљудува рацете, ги отвора дланките, почнува да фаќа играчки со целата дланка.
6-12 месеци: Фаќање предмети со прстите, префрлање од рака в рака, први обиди да се храни само.
12-18 месеци: Зема помали предмети со палецот и показалецот, се обидува да ги превртува страниците од книга, гради кули од коцки.
18-24 месеци: Почнува да користи прибор за јадење, реди повеќе коцки во висина, чкрта на хартија.
2-3 години: Црта линии и кругови, користи ножици под надзор, отвора/затвора капачиња и капаци.
3-5 години: Го усовршува држењето молив, црта луѓе, користи прибор за јадење без поголеми проблеми, закопчува копчиња.

Како да се поттикне развојот на фината моторика?
Поттикнувањето на фината моторика не мора да биде комплицирано. Најважно е да се обезбедат разновидни активности кои вклучуваат користење раце и прсти:
Цртање и боење – поттикнуваат координација и прецизност.
Игри со пластелин – ги зајакнуваат мускулите на рацете.
Сложувалки – развиваат логика и спретност.
Закопчување, врзување врвки – одлични вежби за самостојност.
Уметнички активности како лепење, сечење – развиваат фина контрола на движењата.
Домашни задачи приспособени на возраста – претурање вода, месење тесто, хранење кукли.