Иако никогаш не била дел од редовното образование, веднаш со радост ни ја отвори тетратката во која беа навезени сите бројки, кои уредно и внимателно ги напишала во квадратчињата. Во неа имаше еден куп големи петки што Мелиса ги добила за претходно совладана материја

Децата имаат еден куп желби. Најчесто посакуваат да имаат нов телефон, нови патики, кукли, плејстејшн, лаптоп… Но, десетгодишната Мелиса (псевдоним) не знае за овие работи. Единствено нешто што сака да ѝ се исполни е да оди на училиште.
Мелиса расте заедно со нејзините пет браќа и сестри и нејзината мајка, која не работи, а сите заедно живеат во скопската населба Ченто. Девојчето веќе извесно време доаѓа во Дневниот центар за деца на улица во Кисела Вода. Тоа не работи и не проси на улица. Во центарот престојува секој ден со уште седумнаесет дечиња, со кои работат педагог, психолог и социјален работник.

Тетратка полна со петки

Ова насмеано девојче го запознавме токму во овој центар, кој нуди едукација, храна и престој за деца од социјално ранливи категории. Иако никогаш не била дел од редовното образование, веднаш со радост ни ја отвори тетратката во која беа навезени сите бројки, кои уредно и внимателно ги напишала во квадратчињата. Во неа имаше еден куп големи петки кои Мелиса ги добила за претходно совладана материја.

– Јас немам татко. Живеам со мајка ми и моите сестри и браќа. Имам само една желба, да одам на училиште. Еднаш сум видела како изгледа училиште, бев во училиштето на братучетка ми. Многу е убаво таму. Сакам да учам и да пишувам. Други желби немам. Ме земаат од дома и кога ќе завршиме, пак ме враќаат дома. Убаво е овде. Се миеме, пишуваме, јадеме. Еве денес јадевме ќофте и пире, многу беше вкусно – ни рече скромното девојче.

Децата се подалеку од опасностите

Децата што доаѓаат овде имаат родители со кои живеат. Стручни работници ги наоѓаат на терен. За да доаѓаат во центарот, потребна е писмена согласност од родителите. Со возило на Центарот за социјални работи секој ден ги земаат од дома, а по престојот возачот ги враќа.

Директорката на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи, Наташа Станојевиќ, вели дека некои од децата немаат документи и затоа не можат да се запишат во редовното образование.

Наташа Станојевиќ

– Најчесто тоа се деца што живеат во оние т.н. картон-маала покрај Вардар, потоа во Инџиково, Синѓелиќ. Ова се деца без егзистенција, чии родители често ги менуваат местата на живеење. Во овој дневен центар доаѓаат од 12 до 18 дечиња секој ден, а се на возраст од 4 до 14 години. Овде се учат на хигиенски навики, кои најчесто ги немаат. 18 лица одат на терен и ги бараат децата, на пример, на семафорите каде што најчесто се. Собираат информации од децата и потоа работат со семејствата. Им помагаат да дојдат до документи за да имаат минимална финансиска помош, за да не мора да ги тераат децата да просат или да работат. Овде децата се подготвуваат за подоцна да бидат вклучени во процесот на редовното образование – вели директорката Станојевиќ.

Брзо учат

Социјалната работничка Весна Николовска секојдневно работи со овие дечиња. Вели дека иако главно немаат предзнаења кога доаѓаат во центарот, сепак, брзо учат и се приспособуваат.

– Кога доаѓаат децата овде, си облекуваат топлинки. Најважни ни се хигиенските навики, кои брзо ги усвојуваат. Денеска имавме час по македонски јазик, па во тетратките пишуваа букви. Овде учиме песнички, учиме за бројките, боиме, слушаме музика и гледаме телевизија. Овде децата се релаксираат и си играат. Имаат еден топол оброк и ужина. Понекогаш одиме на претстава, во музеј, а сега во план ни е да ги однесеме во Зоолошка градина – вели Николовска.

За придобивките од посетата на центарот, може да се зборува многу. Сепак, најважно е што децата се подалеку од многуте опасности на кои би биле изложени доколку времето го минуваат на улица.

– Децата овде се згрижени, на топло се. Не ризикуваат да бидат навредувани, истепани, па и сексуално малтретирани кога би биле на улица. Овде учат многу работи, се социјализираат, се подготвуваат за на училиште. Децата овде добиваат љубов и внимание од вработените, што мислам дека е клучно – вели директорката Станојевиќ.

Во Македонија има три вакви дневни центри. Потребата за нови е голема, бидејќи според она што го гледаат тимовите на терен, има многу деца кои треба да се згрижуваат на овој начин и да се подготвуваат за на училиште.

Фото: Борче Поповски



912

X