Кога почнува избивањето на запчињата?
Првото бебешко запче обично се појавува помеѓу четвртиот и седмиот месец од животот. Нема правила бидејќи на некои бебиња првите запчиња што им избиваат се предните долни, а потоа следува горниот преден заб, обично месец или два подоцна. До третата година, вашето дете би требало да има целосен сет од 20 заби. Нешто подоцна, млечните запчиња ќе почне да паѓаат и на 5 или 6 години ќе се заменат со трајни заби.
Распоред на избивање на бебешките запчиња
„Избивањето на млечните заби во повеќето случаи оди по одреден редослед, а тоа е дека први никнуваат средишните долни секачи, а потоа средните горни, па потоа по ред. Понекогаш се случува тој редослед да се прескокне со излегување на некое друго запче“, вели Ивана Цекиќ, стоматолог. Се разбира, секое дете е различно.
Долните единици се појавуваат први, и тоа во пар. На бебињата најчесто им избиваат помеѓу 4. и 7. месец. Потоа следуваат горните единици, исто така во пар, кои избиваат помеѓу 8. и 12. месец. Горните и долните двојки се на ред помеѓу 9. и 16. месец од животот. Горните катници се појавуваат помеѓу 13. и 19. месец и на бебињата не им служат за ситнење на храната сè додека не им се појави нивниот долен пар. Првите долни катници се појавуваат помеѓу 14. и 18. месец. Горните очници избиваат по катниците, и тоа прво горните помеѓу 16. и 22. месец од животот, додека долните очници избиваат брзо по горните, помеѓу 17. и 23. месец. Страничните катници се јавуваат прво на долната, а потоа и на горната вилица. Тие избиваат последни помеѓу 23. и 33. месец од животот.
Знаци и симптоми на избивање
Некаде 3 до 5 дена пред да го видите првото запче, детето ќе ги доживее првите симптоми. Тие ќе исчезнат откако забот ќе излезе. Сепак, треба да се нагласи дека на некои бебиња избивањето на забите воопшто не им пречи, па немаат речиси никакви симптоми. Родителите обично забележуваат дека со детето нешто се случува, раздразливо е, лошо спие, немирно е, кенкаво и понекогаш дури се јавува и покачена телесна температура. Во тој период, кој може да трае неколку недели, детето има зголемена плунка и има потреба да си ги става в устата своите раце или гумени предмети. Може да има и оток и црвенило на местото каде што треба да избие забот. Бебето може да ги гризе прстињата и играчките и да биде пораздразливо од вообичаено. Исто така, може да одбива храна и течност поради болката во устата. Може да се случи поради зголеменото лачење на плунка, детето да има и исип по лицето.
Бебето на кое му избиваат запчиња може често да се допира за ушите, да има проблеми со спиењето или често да го трие своето лице. „Тешко е да се наведе кои симптоми се појавуваат бидејќи не постојат конкретни правила. Еден дел од бебињата само се лигават, други се раздразливи, трети имаат проблеми со спиењето“, објаснува педијатарот Деб Лонзер. Иако може да се појави и покачена телесната температура, обично не се работи за висока температура. Ако детето има и пролив и течење на носот, веројатно се работи за нешто друго. Во тој случај, разговарајте со лекар.

Како да му помогнете на бебето?
Дајте му нешто што ќе може да го џвака, на пр., гумена играчка. Секогаш можете играчките да ги изладите во фрижидер пред да му ги дадете за да му дадете поголема утеха на детето. Избегнувајте ги играчките со течност. Студена ткаенина или пешкир изладен во фрижидер исто така е добра идеја. Со чист прст можете да ги триете бебешките непца за да му се смири болката, а можете да потопите и чиста крпа во чај од камилица и добро да ја изладите во фрижидер, па бебето да ја грицка и на тој начин да го лади и да го смири непцето. Ако бебето веќе јаде поцврста храна, студената храна може многу да му ги олесни проблемите. Обидете се со студени банани, студена лажица кашичка од овошно пире или обичен јогурт. Консултирајте се и со педијатар ако детето има голема мака со избивањето на запчињата – некогаш се припишува и парацетамол како лек, но посоветувајте се со лекарот.
Хигиена на бебешките запчиња
Со хигиената треба да се започне пред детето самостојно да може да си ги четка забите со паста. Штом ќе излезе првото запче, со газа или мека крпа натопена во вода пребришете го. Од една година секако веќе треба да се четкаат забите наутро и навечер. Првата четкичка треба да биде мека и нежна, а паста за заби не е потребна. „Првите запчиња може да се чистат и со газа навиткана на прст, но секогаш им се препорачува на родителите да му ги мијат забите на детето со четкичка бидејќи искуството со газа или крпа покажува дека сепак не се чистат доволно добро. Денес постојат исклучително меки четки за бебиња од 0 до 24 месеци. Мали се и широки, па така детето не чувствува непријатност – објаснува д-р Ивана Матулиќ-Стазиќ, стоматолог. Пастата за заби треба да се користи во мала количина, не поголема од зрно грашок, па да се почне со користење од втората година. Детските пасти содржат мали количини на флуор кој помага при спречувањето кариес. Исто така, важно е на секои 3 до 4 месеци да се менува четкичката за заби, но и порано ако влакненцата се распаднат.
Што по излегувањето на запчињата?
Според д-р Нина Тајаг-Атотубо, појавувањето на првиот заб е знак дека родителите треба да го одведат детето на првата посета на стоматолог. „Првата посета на стоматолог секако треба да се заврши до првиот роденден“, вели таа и додава дека првата посета е од исклучителна важност за стоматологот да го упати родителот како најдобро да се грижи за оралната хигиена на своето дете.
Автор: Карина Шиздрак