Математичарот Алексиј Тасиќ на 14 години освои златен медал на Меѓународната иранска геометриска олимпијада
Во општествен тренд кога младите често бегаат од природните науки и се насочени кон општествените, Македонија има поединци кои не само што можат да бидат рамо до рамо со светските таленти туку и можат да ги освојат најзначајните награди на меѓународните олимпијади. На мејнстрим-медиумите тие успеси нема да ги видите, но млади таленти од Македонија стануваат најзначајни македонски амбасадори, кои државата ја афирмираат по успеси и по позитивни вредности.
Математичарот Алексиј Тасиќ на 14 години освои златен медал на Меѓународната иранска геометриска олимпијада. Тој учи во Основното училиште „Ѓорѓија Пулевски“ во скопската населба Аеродром и е деветто одделение.
Желбата да се натпреварува му ја поттикнала наставничката Билјана Ефтова уште во четврто одделение. Му понудила да се пријави на општинскиот натпревар по математика. Така тргнала математичката приказна на Алексиј.
– Отсекогаш сум ја сакал математиката, но таа љубов навистина почна да се издигнува над другите предмети по мојот прв натпревар – вели тој.
Љубов и вистинска поддршка во интересот кон математиката му дала неговата мајка Елизабета, која е професор по математика. Токму таа, уште кога бил мал и кога го препознала неговиот талент, му дала насоки и знаења кои во редовната настава не можеле да бидат опфатени. Потоа искуството покажало дека е многу важно Алексиј да се вклучи и во дополнителни активности во кои ќе работи со деца со исти интереси и со кои ќе споделува идеи.
Медали на домашни, но и на меѓународни натпревари
Откако почнал да се натпреварува, има освоено многу награди на општинските, регионалните и на државните натпревари по математика во земјава.
– Се натпреварувам веќе пет години. Во шесто и во осмо одделение покрај првата награда, на државниот натпревар бев и на прво место. Имам освоено две бронзи на Јуниорската македонска математичка олимпијада (како седмоодделенец и осмоодделенец). Сега, во деветто одделение освоив златен медал на меѓународната олимпијада Финален математички куп 2020 (категорија јуниори), на која учествуваа 10 земји и над 180 натпреварувачи. Во јануари освоив и сребрен медал на Меморијалниот математички натпревар „Александар Блажевски-Цане“ – посочува Алексиј.
Покрај математиката, голем предизвик му се и физиката и хемијата, но, за жал, поради пандемијата, тие натпревари минатата учебна година биле откажани и немал можност да се докаже и на ова поле.
Со мајка му
На врвот меѓу 5.000 натпреварувачи
Значаен натпревар на кој учествувал е Иранската геометриска олимпијада (ИГО), која се одржува веќе седум години по ред.
Секоја држава учесничка го спроведува натпреварот дома, а решенијата се праќаат до главната држава – Иран. На оваа олимпијада учество вообичаено земаат 50 до 60 земји, со околу 5.000 натпреварувачи во трите категории заедно.
– Учествував во елементарно ниво, кое е наменето за учениците од основните училишта. Освоив златен медал, со трета позиција, и се наоѓам меѓу кинескиот и над целиот руски тим. Особено сум горд поради тоа што ги имав сите поени на петтата задача, која само уште еден натпреварувач од цел свет ја реши – вели Алексиј.
Наградите бараат пожртвуваност
Вели дека за секоја држава, придобивка е секоја постигната награда, медал, признание, достигнување. Со сите тие активности, според него, покажуваме дека сме вредни и трудољубиви. За него лично, пак, наградите се радост, задоволството од решеното и од медалот.
– Секако, дел од наградата е и мотивацијата да продолжиме да се збогатуваме со знаења – заклучува Алексиј.
За да се подготви за еден натпревар, потребно е да се решаваат задачи секој ден.
– На ИГО има само геометриски задачи, па затоа треба да решавам многу геометрија, но тоа не ми е проблем бидејќи се подготвувам со наставникот Стефан Лозановски. На другите олимпијади застапени се олимписки теми, како алгебра, теорија на броеви, комбинаторика и секако геометрија, додека за другите натпревари, потребно е да се решаваат најразновидни задачи. Морам да признаам дека поради обемните училишни обврски, не секој ден имам доволно време да се посветам и да решавам онолку задачи колку што би сакал – додава тој.
Алексиј, иако е основец, сепак е свесен дека талентот за математика и постигнувањето високи резултати на натпреварите, особено на меѓународните, мора да бидат поткрепени со дополнително учење, или со родител или со наставник.
– Училишната настава, особено по математика, не е соодветна за еден натпреварувач за ваков вид натпревари. Затоа дополнителната работа, односно подготовка, е неопходна, и тоа по неколку часа дневно – посочува основецот.
Посетува едукативен центар во кој ја учи олимписката и натпреварувачката математика од искусни математичари, кои имаат учествувано во најпрестижните олимпијади во светот. Од неодамна ја посетува и Олимписката школа „Александар Блажевски-Цане“, во која исто така ги совладува олимписките теми.
Признание за наставниците што го препознале талентот
Алексиј вели дека има голема среќа зашто и неговите родители и наставниците во училиштето го поддржуваат сите овие години.
– Наставниците се тие кои нѐ праќаат нас, учениците, на првото скалило, а потоа ние чекориме нагоре. Без нив би ни било многу потешко. Особена поддршка добивам од моите наставници по математика, Даниела Василевска и Билјана Стојановска, но и од мојата класна, Сузана Тасевска. Многу ме бодри и поддршката што ја добивам од мојата наставничка по македонски јазик Верка Ангелова, која секогаш наоѓа начин да ме изненади, заедно со моите соученици. Се чувствувам благословено што учам во едно од најдобрите училишта кај нас – вели Алексиј.
Тој не сака да се експонира меѓу соучениците како дете талентирано за математика. Дури често наоѓа начин како да им помогне за полесно да ги совладаат математичките предизвици во текот на наставата, но и пред писмените задачи. Го радува тоа што по секој успешен натпревар добива поддршка токму од нив.
– Моите соученици многу се радуваат со мене и тоа искрено го покажуваат. Секогаш ме бодрат и нивните зборови ми се особено драги – додава тој.
Дали математиката ќе му биде животна определба
Не сака да прецизира или, пак, да се огради веднаш дека математичките науки ќе му бидат професија во иднина.
– Засега единствената желба ми е да решавам задачи – кусо одговара Алексиј.
Сепак, посочува дека е свесен оти сите стекнати награди и медали можат да му помогнат за поголем избор при продолжување на образованието, особено оние успеси што се поголеми и попознати во светот.
Фото: Приватна архива
912