Се криевме во сопче од пет квадратни метри, место кое е најбезбедно засолниште во вакви ситуации. Сопчето го средив, внатре ставив ќебиња, перници, им објаснив на децата зошто го правам тоа, им зборував да не се плашат, дека јас и татко им ќе направиме сè за да ги заштитиме, вели Ирена
Низ вистински пекол изминативе денови поминале Ирена Бензакен и нејзиното семејство во Северна Каролина, САД, додека монструозниот ураган „Флоренс“ уништуваше сè пред себе. Додека ураганот пустошеше во американските сојузни држави Северна и Јужна Каролина и Вирџинија, Ирена, нејзиниот сопруг Франк и нивните две дечиња Давид и Емануел биле засолнети во сопче од пет квадратни метри во нивната куќа, чекајќи и молејќи се најлошото да помине.
Сега, кога си доаѓаат на себе, Ирена за „Деца.мк“ раскажа низ што минале, за стресот, за стравовите, за општата паника и хаосот во градот Ралеј.
Одев по улица и плачев од страв и стрес
Ирена е скопјанка. Од Македонија си заминала во 2010 година поради љубов, за да живее со сопругот Франк, кој е Французин и кој по постдипломските студии на Универзитетот на Северна Каролина решил да остане во Ралеј. Во 2011 го добиле синчето Давид, а во 2015 – Емануел.
– Секоја година Американците се сеќаваат на немилите настани од 11 септември 2001 година. Јас го паметам и како денот кога стапив во брак, само во различна година. Наместо прослава за годишнина од брак, годинава се подготвувавме да го дочекаме ураганот „Флоренс“ – вели Ирена.
Кога жителите ја слушнале информацијата дека има многу голем ураган во Атлантскиот Океан и дека правецот на движење му е кон источниот брег, настанале невидена паника и хаос.
– Сите почнаа да викаат и да паничат зашто правецот на движење беше точно кон крајбрежјето и кон нашиот град. Имаше тревога на високо ниво, имаше најави дека ќе нема струја и вода, па веднаш со помалото дете појдов да купувам вода и храна. Рафтовите во маркетите се испразнија за кусо време, а јас одев и плачев од страв и од стрес – вели Ирена.
Луѓето биле избезумени, нервозни, се тепале за вода. Некои трговци вртоглаво ги покачиле цените, раскажува таа.
– Потоа медиумите соопштија дека сопствениците ќе бидат казнети и дека тие трговци веќе се дадени на суд – раскажува Ирена.
Речиси во секоја куќа во Ралеј има по една мала просторија што личи на шпајз, од околу пет квадратни метри. Од сите страни има ѕидови и се смета за најбезбедното место за криење во вакви ситуации.
– Го средив, ставив внатре ќебиња, перници и им објаснив на децата зошто го правам тоа. Им кажав дека имаме храна, вода за да не се плашат и дека јас и татко им ќе направиме сè за да ги заштитиме – продолжува Ирена.
Им читавме, игравме игри…
Откако се подготвиле за невремето, следниот ден се појавиле силни ветришта и дожд кој не престанал да врне во наредните пет дена.
– Ураганот удри во Вилмингтон, град крај брегот, како и во Њу Берн, а потоа се упати кон нас. Цело време на децата им читавме книги, игравме игри, само за да не мислат на невремето надвор. Плачев, ги гушкав и им велев дека сè ќе биде во ред. Плачеа и тие, беа исплашени. Никогаш во животот не ми било повеќе страв отколку тогаш. Во екот на бурата со нас беа и осумте папагали, наши миленици кои исто така беа премногу исплашени – раскажува Ирена.
Последен пат во Северна Каролина ураган имало пред 60 години. „Флоренс“ уништил многу мали гратчиња, кои биле целосно поплавени, а под вода се и делови од Ралеј што се наоѓаат близу реки.
– Имавме среќа. Во делот во кој живееме ние имаше паднати дрвја, уништени куќи. Сега веќе животот овде почнува да се враќа во нормала. Децата појдоа на училиште. За другите градови, закрепнувањето ќе биде тешко. Ќе биде потребно многу време за животот да се врати како претходно – завршува Ирена.
912