Македонката Бранка Вељаноска со сопругот и двете деца Ана и Наталија живее во Сиднеј, Австралија, една од најразвиените држави во светот, и ни раскажа како таму изгледа растењето деца

„Животот со две деца на возраст од пет и четири години не е воопшто едноставен. Јас сум една од оние мајки што сакаат секој ден да им биде исполнет со физички активности на кои децата се радуваат, додека другите активности во домот се навистина краткотрајни. Живееме во прекрасна земја во која сонцето грее повеќето денови во годината, каде што средината изобилува со прекрасни паркови за деца, адаптирани за сите возрасти. Овде општеството нуди цела низа градинки кои имаат различни активности и услови“.

Македонката Бранка Вељаноска со сопругот и двете деца Ана и Наталија живее во Сиднеј, Австралија, една од најразвиените држави во светот и едно од најценетите општества кога се во прашање грижата и одгледувањето на децата уште од најмала возраст, без оглед за каков тип установа станува збор.

Во градинка и бебиња од 6 недели

Двете ќерки на Бранка одат во градинка во која се згрижуваат и бeбиња на возраст од само шест недели и деца на 5-годишна возраст.
– Градинката на моите две деца се вика Occasional Day care и нуди згрижување онака како што им одговара на родителите. Тоа значи дека треба претходно да се најави нивното присуство во текот на неделата, се разбира, со потребна документација која вклучува доказ за редовна имунизација, информација за алергии (доколку детето ги има), дозвола од родител за еднодневни екскурзии, дозвола од родител за фотографирање на детето од страна на персоналот – раскажува Бранка.

Градинката наплатува од час. За едно дете еден час е 10 долари без главни оброци.
– Оброците ги подготвувам јас и ги пакувам во посебна кутија на која мора да е означено името на детето и мојот телефонски број. Сите градинки предупредуваат да не се носи јадење што содржи лешници, ореви… – вели.

Како изгледа еден ден на Ана и Наталија

Бранка, Ана и Наталија во 11 часот претпладне пристигнуваат во градинката. Мајката се потпишува на списокот за присутни деца и пополнува нејзини податоци и точното време кога пристигнале во градинката. За тоа време децата ги носат своите торбички во нивните шкафчиња, а одговорната негувателка или воспитувачка ги презема за понатамошни активности.
– Во 11:15 часот е време за ужина, која ја обезбедува градинката (зеленчук, овошје). Во 11:45 часот е време за читање и разгледување нови книги приспособени за нивната возраст. Другите активности се во групи на различна возраст, а една група брои три до четири деца. Тука моите деца се запознаваат со буквите, броевите, боите… Секојдневно имаат посета од некое здружение, на пример, здружение за здрава исхрана на деца, ги посетува стоматолог, педијатар, полицаец, пожарникари… Градинката за моите деца завршува во 16 часот, додека работното време ѝ е до 17 часот. Посветеноста на образовниот кадар е на високо ниво и тоа го забележав уште првиот месец кога мојата ќерка почна да ја посетува – раскажува Бранка.

Две учителки на 25 деца

Опременоста на градинката е на извонредно ниво, коментира Бранка, и додава дека децата таму имаат на располагање секакви реквизити, и во внатрешните простории и надвор, каде што има голем број лизгалки, нишалки, велосипеди, место за креации со песок, место за боење… Вели дека споредбата со државните градинки во Македонија е апсурдна.
– Две учителки работат со 25 деца и се обрнува внимание на секое дете поединечно. Сите ученици се мотивираат преку поени. На пример, добиваат 1 поен за одговорност, 2 поени за почит кон наставникот… Сето тоа јас го гледам на мојот мобилен телефон преку апликација од училиштето и знам дали, на пример, Ана е вредна и послушна – раскажува мајката.

Воспитувачките никогаш не употребуваат мобилни телефони, освен за време на нивната пауза. Малите деца и бебиња имаат посебни столчиња во кои се безбедно врзани додека се јаде, а персоналот што има контакти со храната задолжително носи соодветна опрема.
– Кога има потреба, воспитувачките најљубезно им се јавуваат на родителите. На пример, на Ана ѝ се скина ремчето од чевлите и веднаш ми се јави учителката – вели Бранка.

Многу забава и учење за децата, но и правила

Средината во која живеат изобилува со детски паркови кои се опремени за безбедна игра, а таквите паркови во Сиднеј ги има во изобилство.
– Меката подлога во секој парк овозможува ослободување од стрес за секој родител. Забрането е пушење и секакво присуство на кучиња, иако не секој го почитува ова правило. Парковите се наменети за деца на различна возраст и ги има во голем број. Моите деца најмногу се радуваат на убавите лизгалки и нишалки на кои можат да играат со часови. На сите страни има знаци кои предупредуваат дека е можно присуство на кенгури, знаци за забрането пушење, забрането фрлање на отпадоци, забрането движење на велосипед ако патеката е само за пешаци… – раскажува нашата соговорничка.

Голем дел од правилата и забраните се поради безбедноста на децата и најголемиот дел од посетителите на местата каде што важат тие предупредувања и забрани ги почитуваат.
– Во сите паркови има знак на кој пишува дека родителот или старателот треба цело време да ги надгледува децата додека играат зашто може да се удрат… Едни трчаат, други играат. Има предупредувања и дека во топли денови опремата во паркот може да е жешка. Изборот на активности и спортови за деца, како што се фудбал, тенис, кошарка, пливање, гимнастика, балет… е многу голем, и тоа во текот на целата година и насекаде низ Сиднеј. Сите деца од три години па нагоре знаат како да се однесуваат кон животните (кенгури, коали, вомбати) и дека не смеат да им се приближуваат и во никој случај не смеат да ги допираат. Доколку забележите повредено животно, има посебен број за да пријавите и тоа го знаат сите деца – додава Бранка.

Посебна грижа за децата со посебни потреби

Излегувањето со деца на вечера во ресторан во Сиднеј или одење во трговски центри е посебна приказна, вели Бранка.
– Моето секојдневие како мајка е исполнето со низа активности, а во голем дел од нив учествуваат и моите деца. Излегувањето со деца на вечера во ресторани не е никаков стрес зашто рестораните се навистина пријателски настроени и веднаш нудат боенки, дрвени и мрсни боички, детски столчиња за помалите, детски оброци, ги честат децата со сладоледи или колачиња. Целосна спротивност на тоа се излегувањата со деца во трговските центри, што е навистина тешко за мене, но кога ќе им кажам дека има големи игралишта, веќе нема никаков проблем – ни раскажа мајката.

Односот кон децата на јавните места, како трговските центри, вели Бранка, е навистина пријателски, особено кон децата со посебни потреби, за кои се обезбедени помагала. Грижата за нив е посебна во образовниот систем, каде што се комплетно вклучени и им е посветено целосно внимание и поддршка. За нив има обезбедено соодветни простории што одговараат на нивните потреби, а има и воспитувачки посебно обучени за работа со тие дечиња.
Но, како и секаде во светот, вели Бранка, сѐ си има своја цена. Бранка и нејзиниот сопруг велат дека се трудат да направат најдобар можен баланс на можностите и потребите на децата, секако, притоа мислејќи и на доброто на нивните деца и во подалечната иднина.

 



912

X