Животот, овој краток, неизвесен и брз каков што е, никогаш не сум го земала здраво за готово. Ни ова човечко тело никогаш не сум го запоставила и не сум се однесувала кон него непријателски и расипнички. Сосема спротивно – јас сум некој што уште од мали нозе се грижи за себе и за своето здравје, избегнував сè што се смета за нездраво и што може да биде штетно, без оглед дали тоа би било штетно сега или за неколку години.

Сметав дека и без пороци, алкохол, цигари, нездрава храна, премногу шеќери, што и да е, човек може да биде среќен, да се забавува и да си поминува убаво. А повторно никакви крајности – избегнување на кој било вид храна и строги забрани не ми беа блиски. Моите предци, претежно земјоделци, беа долговечни, вредни, подвижни до самиот крај и способни да се грижат за себе, иако отсекогаш скромно се хранеа, во ништо не претеруваа и многу работеа.

Непишаното и неизговореното мото би можело да ни биде Ршумовиот стих: Она што се движи, нема да за’рѓа!

Сепак, таа вечер, за време на најдолгиот полициски час, во екот на пандемијата, во болница каде што беа примени главно луѓето со симптоми слични на вирусот, докторот кој ме прими изговори реченица што долго ќе ја паметам и ќе ја користам „против“ сите мои пријатели, велам против пријателите, а притоа мислам за нивно добро. Бидејќи во времето во кое живееме барем луѓето што ме опкружуваат главно се лекуваат сами, не водат сметка за себе и за своето тело и претежно прибегнуваат кон сите нездрави занимации, под изговорот: Еднаш се живее! Или, не сакам да умрам здрав!

Со огромна болка во стомакот успеав да стигнам до (некогаш) реномираната здравствена установа, а притоа мојот сопруг и јас ги заклучивме трите деца сами дома, иако се приближуваше полноќ. Најмладиот во моментот имаше 15 месеци и сè уште го доев. Но, моето најстаро дете од 16 години ме убедуваше дека е најдобро да одам, макар и да останам во болница, отколку да ги напуштам засекогаш.

По два часа чекање, ме прими невообичаено добро расположен доктор со оглед на општата состојба во болницата, светот и државата. Прво што ме праша, притискајќи ми го стомакот, беше: – Дали имате родено?

– Да – му одговорив обидувајќи се да не крикнам од болка од притискањето – трипати, природно, без царски…

– Трипати? – неговите очи се насмевнаа бидејќи под маската не се гледаше насмевката: Браво, мајко! – рече ведро и веднаш продолжи, со слаб глас и со малку прекор: – И добро, како воопшто смеевте да се разболите?

Неколку дена подоцна реченицата не ми излегуваше од главата. Беше толку сурова навидум, а всушност толку мудра и предупредувачка. Излегов од болницата по неколку часа без болки, со една примена инфузија и препишана терапија, а мојата состојба не беше ни страшна ни алармантна како што изгледаше при првата болка, но реченицата на докторот ќе се врти уште долго време во мојата глава…

Навистина, како некој родител може да си дозволи да се разболи?

Притоа, знам дека никој не сака да се разболи, ниту го избрал ниту го посакувал тоа. И, секако, знам дека болеста никогаш не избира, дека мојата генерација, луѓе во најдобри години, заболуваат и за жал умираат од различни болести.

Но, што е со сите оние работи што можевме да ги правиме за да бидеме поздрави, а не ги направивме? Особено од моментот кога станавме родители? Бидејќи, не дај Боже, ако не сме утре тука, на кого ќе му ги оставиме децата? Секако, се наоѓа решение, тука е и брачниот партнер, некоја прекрасна роднина, сестра, брат, тетка… но дали тие целосно можат да го заменат родителот?

Се сетив на сите мои пријатели што не одат на лекар, не сакаат да чекаат на ред со пензионерите, не сакаат да чекаат ултразвук, не сакаат да одат на доктор бидејќи тој нивниот не знае ништо, не сакаат да одат на приватно бидејќи е скапо и сигурно половина од нив купиле дипломи и не им е гајле и сите тие изговори: „Не ми е ништо“, „Мајка ми така цел век“ и „Навистина немам време за толку чекање“. На изговорите никогаш им нема крај. А притоа, повеќето од нив се родители. И повеќето од нив пушат, пијат алкохол, главно се хранат нездраво, премногу се нервираат поради работата, премногу работат, не се одмараат и општо кажано, не се грижат за себе.

И, секако, знам дека и луѓе со здрав начин на живот се разболуваат и дека тоа секогаш ќе биде така, но зошто додека сме здрави не направиме сè што е во нашата моќ за утре да не се обвинуваме себеси? Утре, кога ќе се разболам од што било, би знаела дека не е моја вина. И не би била виновна. Моите деца не би рекле дека е од цигарите, недвижењето, алкохолот или што било.

И затоа, макар „против“ моите пријатели и луѓето што ги сакам, ќе ја искористам оваа реченица на докторот:

– Кој ти дозволи да се разболиш? Кој ти дозволи да направиш работи за да дојде до болеста?

Да речеме, возиш пребрзо? Да преминуваш преку полна линија?

Да пушиш, пиеш, се прејадуваш?

Сама купуваш антибиотик бидејќи ја знаеш аптекарката?

Да гуглаш симптоми на интернет и сама да избираш витамини?

Да се храниш нездраво? (Да, знам дека сè околу нас е отров, но испрсканиот зеленчук мора да биде присутен во нашата исхрана, но некои други работи, газираните, конзервираните, со адитиви и неприродно обоени не мораат, така? Како што објасни едноставно Мајкл Полан: – Не јадете ништо што вашата прабаба не би го препознала како храна.

Да не одиш еднаш годишно на гинеколог за ПАП-тест?

Да не одиш на доктор за кој било сомнителен израсток, каде било?

Да не приготвуваш оброци за себе, туку постојано да јадеш брза храна?

Да претеруваш во што било?

Да дозволиш кој било да те нервира и да ти предизвикува стрес, како шефот, свекрвата, золвата, другарката или брачниот партнер?

Да ја уништиш тироидната жлезда? Сè да препишеш на менопаузата?

Да не примаш терапија за крвниот притисок?

Да игнорираш вртоглавица, болка во градите… што било?

Да не шеташ доволно, ако веќе не вежбаш?

Да не најдеш доволно време за себе, за своето семејство, детето, мажот, жената, пријателите?

Да немаш вентил што ќе ја испразне негативноста или хоби или забава што ќе ти ги наполни батериите?

Кој ти го дозволи сето тоа, во овој краток, непредвидлив, тежок, но често и убав живот, дури и ако сè уште не си родител? Бидејќи ако немаш дете, некој те има тебе, некој те сака, некој се грижи за тебе, некој сака што подолго да живееш и што подолго да бидеш здрав?

И немој случајно да ги користиш тие изговори од почетокот на текстот. Бидејќи тие се показател дека не се сакаш себеси доволно.

Знам какво е здравството во времето во кое живееме и дека никој не сака да биде болен, но треба да се бориме за себе на сите начини. И најмногу да внимаваме додека сме здрави и млади. Да внимаваме и на она што ни ги труе и телото и душата. А душата, таа е посебна приказна и ја заслужува главната улога во некој друг текст.

Автор: Јасмина Јовановиќ
Извор



912

X