По повод денешниот ден, Меѓународниот ден на жената, сите ние имаме некоја женска личност која постојано нè инспирира покажувајќи ни ја светлата страна на светот. Тоа било така уште пред 28 февруари 1909 година, така е и денес. И што е уште поважно, секоја женска личност ќе ја продолжи таа волонтерска мисија.
Ретроспектива од 1909 година, па до денес го посочува фактот дека постојат голем број инспиративни жени. За дел од нив не ни знаеме дека постоеле, но нивните дела се воочливи. Нивната мисла, нивниот збор допира до длабочината на многу други женски души. Ваквото зрачење на женска енергија доаѓа од различни професионални домени: медицина, астрологија, педагогија, инженерство. Но, сепак, најмногу се рефлектира од нашите мајки, жените кои се ќерки на други жени.
Тоа што е мајката не може да биде ниту една друга личност во нашиот живот. Инспирацијата која ја добиваме од неа не можеме да ја добиеме од никој друг. Жената кој има лек за секој наш проблем е нашиот најголем визионер. Таа е онаа што го има најтоплото место во светот – срцето, прегратката. Нејзините морални вредности ги преточува во наши добри дела.
Секоја мајка е нечија ќерка, затоа, да им се заблагодариме за секој миг до денес. Бидејќи тие се моќните жени што се наш двигател. Бидејќи ние, децата, сме душа на нивната душа. А сечија душа заслужува спокоен мир и среќа, не само на овој ден, туку секој ден од нивниот живот. Да им се заблагодаруваме секој ден, а денешниот особено да им го разубавиме.
Нека е среќен денешниот ден на секоја жена која не се потчинува пред пречките на општеството. Честит 8 Март на секоја жена што е успешна во која било сфера од животот. Секоја жена е успешна жена, на еден или на друг начин. Благодарност до сите жени што со својата истрајност во секојдневието инспирираат. Овој есеј е прекраток, премал за да се искажат почитта и благодарност за вашите дела. Особено е краток да ја искажеме благодарност кон нашите мајки, затоа ова денес е само мала капка благодарност. Честит 8 Март на успешните горди дами.

Постоењето во време кога жените се присутни во секој домен од јавниот живот, а сепак подлежат на дискриминација, ме инспирира. Ми влева волја и силна желба да се поттурнувам напред, да ги пробивам бариерите за да успеам да се изборам за себе. Животните ретроспективи на жените се универзум од диверзитет, секоја една со свои совети и поуки. Во тоа разноличие сепак нечии сенки ќе приличат една на друга. Ќе се преклопат чекори, ќе се поистоветат одлуки, ќе заприлегаат насмевки.
Во современиот професионален живот најопсежната, едновремено и најтешката професија која може да ја избере една жена е мајчинството. Занает кој се втемелува во еден миг и е во вечна доизградба. Секогаш има слободни работни места во професија како оваа. За ваква кариера не те следува ниту здравствено осигурување ниту пензија. Волонтерството е целодневно до крајот на животот, а после тебе продолжуваат твоите потомци- ќерки. Секоја професионална сфера забележува прогрес, само мајчинството е во константен разгор.
Ние, ќерките, сме вечни стажантки на нашите мајки. Од раѓање, низ целиот животен процес, па до крајот на нашето постоење се трудиме да го реставрираме мајчиното дело. Рефлексијата од нејзината љубов и посветеност ја пресликуваме на нашите скулптури. Одразот на борбеност и издржливост кај нас е отсјај на непоколебливост. Мајчиниот морал е алегорија на дамата во нас. Нè води низ конфликтен вител со можност за правилно расудување. Разлеаните мисли низ ќеркиното рацио се преточуваат во решителен потег. Длабоките мајчини корени ни даваат шанса барем малку да им компарираме на мајчините дела. Ќеркините мајки се симбол на вечна муза.
Желбата нашите дела да бидат барем во паралела со мајчините е неостварлива. Нашата прегратка ќе биде само аналогија на мајчината прегратка. Модернизмот на нашето време остава отпечаток за идна историја на наши ќерки, наши внуки. Во сегашноста можеме само да ја играме општествената улога на предана ќерка. Можеме само да им бидеме балгодарни на нашите мајки за тоа што сме и за тоа што се надеваме дека ќе бидеме. Сега сме само горди ќерки на горди мајки- горди жени.

Автор: Андријана Тодосова



912

X