Пред некој ден присуствував на родителски состанок за мојот постар син. Воспитувачката нè повика за да нè извести како се однесувале децата во градинка во текот на годината, како го поминувале времето, што научиле итн.

„Само да знаете, вашите деца се златни. Една од најмирните и најдобри групи овде. Иако се во дневен престој, сами се облекуваат, соблекуваат, седат на нокшир, сами јадат, главно се тивки. Постарите деца многу повеќе креваат врева од нив“. Ние, мајките, само се загледуваме и помислуваме дека сме ја промашиле групата. Дали таа зборува за моето дете, кое не сака да излезе надвор додека не го облечам? Ако одбијам, веднаш почнува да плаче, додека не се сожалам и не попуштам. Она дете кое сè уште користи пелена бидејќи не сака ниту за жива глава да каже кога му е време за на нокшир. Кое главно одбива само да јаде бидејќи е послатко да се руча во скутот на мајката. „Мојот малку поразлично се однесува дома, односно сосема поразлично.“ „И мојот! И мојот!“, се слуша од сите страни. „Што да правам за да ме слуша како вас?“, ја прашувам воспитувачката.

„Добро, децата вообичаено различно се однесуваат кога не се со родителите – главно се подобри“, се насмевнува воспитувачката, „но, немојте да им дозволувате да ја преминат границата и држете се до тоа.“ Тоа го знам и јас – си мислам во себе. Кога би било толку едноставно…

Се враќам дома охрабрена со нови сознанија и одлучувам веднаш да дејствувам. „Деца, одиме надвор!“, веднаш дотрчуваат како ракети. Никогаш не морам два пати да им повторам кога треба да се оди надвор. Го облекувам малиот, постариот се буни дека сака и тој. „Извини, сине, мораш сам да се облечеш. Бев денес кај воспитувачката и строго ми забрани да те облекувам. Вели дека во градинка сè правиш сам.“ Очекувам непријатна реакција, но нема. Само ме погледна и се облече за секунда. Мене би ми било потребно повеќе време да го облечам. Дури и помислував дека можеби му е тешко сам да се облекува, како да е уште малечок. Додека шетаме, го вртам филмот како и кога станав толку попустлива. Знам, кога пристигна новото бебе во семејството. Почнав да одам по линијата на помал отпор бидејќи немав ниту енергија ниту време да спроведувам дисциплина. Се разбира, ме гризеше и совеста бидејќи не можев веќе толку да му се посветам. Така почнав да го разгалувам и да му попуштам повеќе отколку што е паметно.

Одлучувам за доброто на моето дете да престанам со попуштањето. Кога ќе почнам да го губам фокусот, се сеќавам на онаа приказна за слонот. Додека бил слонче, го врзувале за некоја шипка во циркусот, која била тешка колку чепкалка. Можел веднаш да ја откорне, но никогаш не го сторил тоа. Мирно стоел покрај таа шипка бидејќи од малечок бил дисциплиниран така да постапува. И ако понекогаш ни е тешко да не попуштаме пред растажено детско лице, мораме да мислиме однапред какви последици врз неговиот карактер ќе има нашата попустливост во иднина.

П. С. Таа иста недела ги оставивме и пелените.

Автор: Светлана Палалиќ

Извор



912

X