„Докторе… едноставно не разбирам! Како моите деца ќе научат да се однесуваат ако воопшто не ги казнам? Никогаш не би кренала рака на нив, но морам некако да ги научам дека лошото однесување има последици! Па, на децата им треба дисциплина, претпоставувам дека тоа е јасно“.
„Дали имате деца?! Очигледно не, инаку би знаеле дека родителството без казна е невозможно, ако не сакаме да воспитуваме криминалци!“
Многу ретко ги споменувам моите деца во моите текстови, но често ме прашуваат за нив бидејќи родителите, се разбира, ги интересира дали тој што им дава совет е само теоретичар или има некакво искуство. Така, кога ги добив овие две пораки погоре, сфатив дека треба јавно да го напишам одговорот. Затоа, за да објаснам како децата можат да научат да бидат добри луѓе без казнување, ќе се обратам до изворот најблизок до мене: моите деца. Тие никогаш не биле казнети, никогаш не биле испратени в кош, никогаш не биле истепани. И денес се разумни, одговорни, среќни, успешни млади луѓе. Како го објаснуваат тоа?
Кога ги прашав, беа збунети.
Мојата ќерка (16 години): „Зошто казнувањето треба да нѐ учи на однесување? Тоа само ги тера децата да го изгубат контактот со родителите, да престанат да ги почитуваат. Тогаш зошто децата треба да ги слушаат советите на родителите што не ги почитуваат?“
Јас: „Како мислиш, слушање совети?“
Ќерка ми: „Па, мислам кога децата го прават она што ги советуваат родителите, што им кажуваат да го прават. Познавам многу деца кои имаат лош однос со родителите, па почнаа рано да лажат, да ги избегнуваат родителите и да стануваат бунтовни. Но, не сакав да ги прекршам твоите правила. Затоа што го разбрав нивното значење. Зошто тогаш да не те слушам?“
Јас: „Но како научи да не удираш, на пример?“
Мојот син (20): „Емпатијата. Откако се сеќавам, знам дека не сакам да удрам други деца затоа што ќе ги повредам. Но, понекогаш ќе бев толку лут што ќе заборавев на тоа и ќе удрив некого. И бидејќи ти го разбра тоа, успеав да научам самоконтрола. Фактот што разбра дека е во ред да се биде лут ми помогна да се чувствувам подобро и полесно да ги надминам тие моменти на гнев“.
Ќерка ми: „Со или без казна – ќе го научиш детето да не удира други деца. Но, ако ги казниш за да ги научиш на нешто, само ќе научат дека не треба да удираат за да не страдаат подоцна. Ако користите емпатија за да го научите детето, тоа ќе научи да не удира бидејќи тоа го повредува другиот. Така станувате подобра личност. Со учење да се грижиме и за чувствата на другите луѓе“.
Не, јас не сум попустлив родител, иако сигурно го помислувате тоа. Имам повисоки стандарди од повеќето родители што ги познавам. И иако поставувам јасни граници на однесување, тоа секогаш е со разбирање на чувствата на детето.
И да не мислите дека едноставно имав среќа со послушни деца, знајте дека моето пошироко семејство сè уште се сеќава на застрашувачките фази што ги имаше мојот син на тригодишна возраст, а добро се сеќавам колку ми беше непријатно кога ќерка ми беше во фаза на удирање на нејзините другарки од одделението на шестгодишна возраст. Воспитувањето на моите деца беше прекрасна, но напорна работа. И имаше моменти кои сигурна сум дека многу родители немало да ги преболат без казна.
Но, сфатив дека децата едноставно учат побрзо ако не ги казнам. Ако им помогнам да разберат дека сакаат да ги достигнат високите стандарди на однесување што им ги поставив и ги охрабрував да развијат вештини за тоа. Ако успеам да се смирам во моментите на лутина и се обидам да ги согледам работите од нивна гледна точка. Ако се спротивставам на потребата да ги контролирам и секогаш да бидам тука за да ги спречам негативните последици од нивните одлуки, за да научат животни лекции од нивните искуства.
Се разбира, на децата им е потребна дисциплина. Но, да се дисциплинира треба да значи „да се насочи“. И нема причина нашите насоки да бидат придружени со казни. Не треба да се занесуваме со идејата дека можеме да контролираме друга личност, дури ни сопственото дете. Па што да правиме тогаш? Едноставно, да се обидеме да дадеме добар пример и да влијаеме врз нив. А самата казна едноставно го неутрализира тоа влијание. Сè што прави е да ги отуѓи децата од вас и да ги поттикне да веруваат дека вие сте личноста која не ги разбира. Ако сакате да влијаете врз однесувањето, одлуките и животот на вашето дете – единствениот начин е позитивна дисциплина и позитивна врска.
Ваквото родителство е тешко, но не и невозможно. Постојат стотици илјади родители како мене кои никогаш не ги казнувале своите деца и чии деца пораснале во прекрасни луѓе. Во воспитувањето никогаш не им биле потребни закани и казни. Зошто? Па, затоа што овие деца биле научени да сакаат да носат правилни одлуки, да сакаат да бидат добри, одговорни и успешни луѓе. Затоа што знаат зошто е тоа важно. Затоа што им веруваат на своите родители, а таа доверба не е резултат на казна.
И уште нешто. Секое дете знае кој избор е правилен кога ќе се соочи со одлуката дали да биде „добро“ или „лошо“. Затворите се полни со луѓе кои биле воспитани со казни, тепања и заплашувања и знаеле дека постапуваат погрешно. Децата пораснати без казна имаат многу поголеми шанси да го изберат вистинскиот пат поради неколку причини:

-Повеќе им веруваат на родителите и нивните совети бидејќи во нив гледаат разбирање и јасна желба да го направат најдобриот избор за детето.
-Имаат поголема самодисциплина, која ја развиваат секогаш кога ги разбираме нивните чувства и поставуваме јасни граници. Одлуката да се откажат од првобитната желба и да ги слушаат родителите е еден чекор кон градење самодисциплинирано дете. Од друга страна, казнетите деца ги слушаат своите родители не затоа што сакаат, туку затоа што немаат избор. И нема самодисциплина. Од друга страна, попустливото родителство не подразбира постоење на некакви граници, па затоа од децата ништо не се бара или очекува.
-Тие се способни да го направат вистинскиот избор бидејќи научиле да управуваат со своите чувства. Тие можат да одолеат на моменталните импулси кои инаку би ги исфрлиле од колосек.
Но, што ако веќе сте ги пробале сите овие? Позитивно родителство, разбирање за децата, мирен пристап, а децата не сакаат да соработуваат? Добре дојдовте во клубот! Сите деца имаат денови кога едноставно не можат да ги задржат своите емоции под контрола. Исто како и ние возрасните. Вашиот пристап и емпатија секако може да им помогнат на децата да го надминат емоционалниот набој и да почнат да соработуваат. Но, понекогаш, на децата им треба само да слушнеме што ги мачи. И понекогаш, тоа не можат да го кажат со зборови, туку со викање, солзи и хистерија. И понекогаш, сосема е во ред да го дозволите тоа!
Автор: д-р Лаура Маркам