Овој текст, пишува Анес Осмиќ за за босански специјализиран портал за образование „Школегиум“, е посветен на родителите кои училиштето го гледаат како установа која им служи да се одморат од сопствените деца.

Како дежурен наставник, на голем одмор во училишниот двор слушам секакви приказни. Татко ја носи ќерката на училиште. Прво или второ одделение. Поминуваат покрај мене и слушам како девојчето му вели на таткото, штом стапнува во училишниот двор, дека почнува да ја боли стомакот. Таткото ѝ вели дека Алах ја става во искушение, тој така сака. Нека го замоли да ѝ помине болката и ќе помине.

Група осмоодделенци расправаат зошто наставничката по ликовно не сакала да го земе подарокот за Осми март. Дали погрешиле во изборот на цвеќе или таа е само така чудна. Коментираат и како секогаш доаѓа во истата облека на училиште. Ја пере ли облеката таа некогаш? – прашуваат низ смеа.

За мене секогаш шепотат: Тоа е оној нов наставник.

Наставничката по германски и оваа недела ја презираат. Повторно половина клас добиле единици. Ќе се жалиме и на педагогот и на директорката. Мојата мајка вели дека ако треба, ќе одиме и до министерството. Најголемо внимание ми привлече ученичка која низ игра ѝ рече на другарката: „Мене мајка ми ме праќа на училиште само да не ѝ пречам дома“.

Поттикнат од оваа реченица, ги прашувам учениците зошто доаѓаат на училиште. Затоа што мораме – е одговорот на мнозинството. А зошто морате? Што е тоа што се мора, а го добивате на училиште?, ги прашувам. Ученичка одговара: Добар број поени на матурата. Зошто е важно да имате добар број поени на матурата?, прашувам повторно. За да се запишам во добро средно училиште, одговара. А кога ќе се запишеш и ќе завршиш средно? Тогаш ќе можам да се запишам на добар факултет, велат некои од нив. Зошто е важно да се запишете на добар факултет? За да можеме да најдеме добра работа и да имаме пари, одговараат некои од нив. И што со тоа? Зошто е важно да најдете добра работа и да имате пари, што тоа ни носи во животот?, прашувам.

Молк во училницата. Никој од децата не спомена дека оди на училиште за да стане паметен, духовит, снаодлив, мудар, бидејќи тука е среќен, задоволен…

Овие вредности изгледа одамна се потиснати од нашето образование и останато е само, како од истрошена паста за заби, да исцедиме што повеќе поени на матура, кои децата на крајот ќе ги доведат до добра работа и пари. Тоа што децата можеби на таа работа ќе одат со најголема мака и што со сите пари пак ќе бидат најголемите сиромаси, никого не го интересира, особено не нивните родители.

Што ви велат родителите кога ќе тргнете на училиште? Зошто ве испраќаат овде секој ден?

Мене моите не ми велат ништо. Да бидам добра и да ги слушам наставниците. Да не правам проблеми. Оди и јас малку да одморам! – ова се некои од одговорите на децата, а јас се прашувам кога училиштето се претворило во установа која е добра за децата само затоа што ги чува да на бидат на улица, установа во која наставниците ќе ги чуваат децата додека родителите малку се одморат.

Колешката што работи во дневниот престој раскажува како голем број родители доцнат кога треба да ги земат децата дома. Кога ќе ги праша зошто доцнат, наведуваат дека имале некои обврски што требало да ги завршат. Некои мајки се искрени, па велат дека одат во шопинг по работа, на кафе, на купување намирници.

Имам неколку родители што редовно поради некоја фрка на работа, доцнат по половина час за да ги земаат децата. Можеби и јас некогаш по работа би отишла на кафе, но не можам да ги оставам децата сами. Децата, облечени и спакувани, знаат некогаш и по половина час да ги чекаат родителите. Се прашувам дали тие навистина сакаат нивните деца да си дојдат дома. Кога му се жалам на директорот, тој вели: Родителите тоа го плаќаат – ми раскажува мојата пријателка.

Родителите би требало да размислат и искрено да си одговорат на прашањето зошто ги испраќаат децата на училиште:

А. За децата да ги имаат сите петки, со кои ќе се фалат на социјалните мрежи.
Б. Затоа што не знаат ни самите како да излезат на крај со нив.
В. За да се одморат и да имаат време за себе.
Г. За децата нешто да научат.
Д. За наставниците да ги воспитуваат да бидат добри и одговорни луѓе.
Ѓ. За наставниците да ги учат од што сè човек може да го боли стомак, а дома да им зборуваат дека тоа е волјата на Алах?

Родителите што на претходното прашање одговориле со а, б, в, г или ѓ, треба да бидат свесни дека наставниците не се супер херои кои се тука да ги чешкаат нивните суети, туку заедно со родителите да ги научат децата на основни работи од предметите што ги предаваат, како и да ги научат на основни воспитни вредности и правила. Воспитувањето и надградбата на децата не престануваат со излегувањето од училиште. Децата, сепак, на крајот од денот се деца на своите родители, а во училиштето – ученици и ученички на своите наставници.

Никогаш ниту еден родител не дошол да ми каже дека неговото дете го учам на нешто погрешно, на пример, дека Земјата е рамна или за предмет да му кажам дека е прирок. Но, има многу родители кои, кога детето ќе добие оценка што не им се допаѓа, застануваат во прв ред да ги мачат и наставниците и децата. Забораваат дека училиштето е повеќе од оценка, а да се биде родител е повеќе од испраќање на детето на училиште. Истовремено не смееме да заборавиме дека не се сите наставници посветени на својата работа, како и тоа дека постојат голем број родители кои се посветени на своите деца. Работата не е црно-бела.

Како наставник, често размислувам за тоа како родителите, кога детето ќе го одведат на лекар, очекуваат да добијат совет или лек, но не и лекарот тој ист лек да му го дава на нивното дете, да разговара со него и да му го посвети своето време, па не разбирам зошто тогаш очекуваат целата работа во врска со детето да ја завршат наставниците, додека тие седат и се фалат дека имаат прекрасно дете.



912

X