Која е соодветната возраст на која може да се однесе дете на концерт? Токму ова прашање го поставува една здравствена работничка која се шокирала што двајца млади родители однеле две мали деца на концерт на „Депеш мод“, во преполна арена.
Како што рекла таа, а тврдењето е поткрепено со фотографии, станува збор за момче на околу три години и неколкумесечно бебе.
Како што можете да видите на фотографиите, бебето е во шал што го носи мајката, а на ушите има слушалки, исто како и нејзиниот постар брат.
„Бев згрозена од глетката и идејата да се однесе новороденче во полна арена, изложувајќи го на таа бучава, вибрации, рефлектори, лајтшоу, топлина… секако дека внатре и се пушело и покрај забраната. Можеби се кул, млади родители кои со време сакаат да се погрижат нивните деца да не слушаат турбофолк, но мене ова повеќе ми личи на случај за народен правобранител за правата на децата“, вели таа.
Психологот Лина Ѓулват Бучевиќ, сепак, вели дека не постои возрасна граница кога децата можат да се носат на концерт.
„Секогаш тоа е придружено со осуда на родителите. Детето во овој случај било до мајка му, која очигледно одговорно го штитела детето од бучавата, а со оглед на тоа дека е во шал, светлосните ефекти веројатно не му пречеле“ – вели Ѓулват Бучевиќ.
Таа додава дека јасно е оти треба да се внимава на безбедносните мерки, децата да не се во метеж, просторот да не е зачаден и да се заштитени од бучава…
„Родителите ги носат децата и на свадби, па често можеме да видиме дека кога им се спие, децата заспиваат во количка или каде и да се“ – смета Ѓулват Бучевиќ.
И психологот Тања Дејановиќ Шагадин не гледа ништо претерано лошо во ова.
„Ако детето е заштитено со слушалки и шал, не гледам проблем. Впрочем, до пред неколку месеци било во стомакот на мајката и исто така било изложено на вибрации и бучава. Детето сигурно спиело покрај мајката“ – вели Дејановиќ Шагадин.

Од друга страна, лекарите не ја одобруваат оваа ситуација и ја сметаат за сосема несоодветна.
Педијатарот, доц. д-р Ива Хојсак, заменик-директор на Клиниката за детски болести во Загреб, вели дека изложувањето на толкава бучава, метеж, зачаден и задушувачки простор апсолутно не е во ред.
„Прашање е дали слушалките биле правилно поставени, а преголемата бучава може да го оштети слухот. Понатаму, светлосните ефекти не се добри бидејќи може да доведат до напади кај епилептичарите. Со толку мали деца не може ни да се знае дали имаат такви болести. А што ако има стампедо“ – прашува докторката и предупредува дека во тој период од денот новороденчето треба да спие.
Народниот правобранител за деца Хеленца Пирнат Драгичевиќ вели дека согласно одредбите од Законот за семејство во Хрватска, родителите имаат право, должност и одговорност да се грижат за детето.
„Родителите се должни да обезбедуваат родителска грижа во согласност со развојните потреби и можности на детето, а должни се да разговараат и да комуницираат со детето за индивидуалните содржини на родителската грижа, во согласност со неговата возраст и зрелост“, вели народниот правобранител и додава дека нема попрецизни информации за случајот, па не може подетално да коментира.
Нема ниту информација од организаторите дали воопшто бебиња смееле да доаѓаат на концертот. Неофицијално има информации дека децата до две години не смеат да присуствуваат на концерти. Од две години нагоре можат, но со купена карта, со тоа што за конкретниот концерт имало препорака да не доаѓа некој помлад од 14 години.
Инаку, на концертот имало неколку деца, но наводно сите биле поврзани со членовите на бендот, нивните семејства и пријатели, бидејќи Мартин Ли Гор од бендот на денот на концертот славел роденден.
Автор: Ивана Крниќ