Весел, шарен, букварот нè потсетува и во каков свет сакаме да живееме
Бура од емоции предизвикува добра книга кога ќе се соочите со нејзина содржина. А може ли кога тоа е буквар? Кога ќе го почувствувате мирисот на тазе испечатена книга, а нејзината содржина и ќе ве врати во детството, ќе се сетите на вашите први учители, ќе ве натера со нетрпение да листате по шарените и весели страници, полни со поуки за вистински вредности пренесени на стил соодветен да допре до секое дете, со цртеж кој не може да не ја разигра убавата детска душа… И кога возбудата на детето ќе се измеша со радоста на родителот и нема да може да се договорите од каде да почнете – со читање или со пишување, со раскажување или со песнички или бајки… Магијата почнала! Во целото семејство.
Ова е само едно родителско доживување за „Букварот на Биби“, најново издание од „Светот на Биби“. Весел, шарен, букварот нè потсетува и во каков свет сакаме да живееме.
Автори на букварот се писателката за деца Билјана Црвенковска, илустраторот Михајло Димитриевски-Тхе Мичо и дизајнерката Катарина Пренда.
Наменет за повеќе возрасти
Црвенковска вели дека „Букварот на Биби“ е замислен како книга за доедукација, но и учење низ игра и забава со ликовите од „Светот на Биби“.
-Тој не претендира да биде употребуван во наставата, од проста причина што е многу повеќе од букварите и учебниците што се користат во наставата. Пред сѐ, тој е наменет за една поширока публика, за децата од предучилишна возраст, но и за оние од прво, второ па дури и трето одделение. За малечките – тој е извор на приказни, песнички, гатанки, брзозборки и секако – преубави цртежи, кои најмалите ќе ги читаат и гледаат заедно со родителите. Во него има простор за боење и цртање, но и за почетно пишување – со цел развивање на графомоториката од најмала возраст – објаснува Црвенковска.
Книга за целото семејство
За децата од училишна возраст – освен што во него се учи препознавањето и пишувањето на печатните и ракописните букви, она што навистина го разликува од другите буквари се текстовите.
-Тоа се приказни од „Светот на Биби“ и дел од нив излегуваат од рамките на она што стандардно се става во ваквите буквари – и по должината и по сложеноста на некои зборови. Сепак, бидејќи ова е буквар наменет, пред сѐ, за децата кои веќе добро го познаваат „Светот на Биби“ (а нив ги има сѐ повеќе од ден на ден), децата што веќе преку книгите и цртаните од „Светот на Биби“ ги имаат научено планетите, деновите во неделата, месеците во годината и уште многу други работи – идејата е тој да им претставува предизвик да совладаат повеќе, да научат и да дознаат повеќе. А, секако, доколку нешто им се види како потешко – идејата е овој буквар да биде и книга за целото семејство – каде што детето со родителот или постарото братче или сестриче ќе го совлада материјалот – додава авторката.
Децата се најдобрата публика и наша иднина
Се подготвуваше цела година. За илустраторот Михајло Димитриевски-Тхе Мичо, да се работи на буквар е голема одговорност, а истовремено и големо задоволство.
-Секој проект на кој работам е возбудлив, или барем јас така си мислам. Дали се работи за свет на фантазија исполнет со разни креатури и чудовишта или стрип за некој епски херој, игра, сториборд за реклама… секоја од овие работи има привлечност и е возбудлива на свој начин. Но, сепак, сметам дека детските проекти се највозбудливи. Децата се најдобрата публика, а воедно и наша иднина. Затоа и сметам дека треба да сме екстра концентрирани и работливи за да им го покажеме и доловиме најдоброто. А ако е добро изработено, децата секогаш ќе нè наградат со насмевка – вели Димитриевски.
Сите фокусирани за да се добие фантастичен производ
Изработката значела многу консултации, допишувања, договарања, но крајниот резултат е фантастичен.
-Да се изработи буквар е голема одговорност. Навистина поминав цела година во изработка со постојани допишувања, без разлика на тоа дали со авторката на текстуалната содржина, дали со дизајнерката, дали со другиот дел од екипата. Многу е битно за вакви проекти сите да се фокусирани за производот да изгледа фантастично. По многу допишувања, договарања и работа, презадоволен сум од тоа како изгледа. Се надевам дека голем број деца и генерации ќе го читаат и ќе учат од букварот, а јас со возбуда ќе чекам и ќе работам на наредниот детски проект – вели Димитриевски.
Најдоброто од себе
Дизајнерката Катерина Пренда вели дека е големо задоволството да се работи на публикација како „Букварот на Биби“.
-Сериозноста на овој проект носеше и голема одговорност која нè предизвика сите да го дадеме најдоброто од себе. Дизајнот на литература за деца е константна борба помеѓу модерното и функционалното, па затоа сум особено горда што успеавме да постигнеме идеален баланс и да пласираме на пазарот производ кој ќе можат да го користат овие, а и многу идни млади генерации. Особено внимание посветивме на правилниот изглед и пишување на буквите, за што можеме да му се заблагодариме на Ласко Џуровски за македонските фонтови што ги дизајнира – вели Пренда.
Привлекува и со суптилната енергија која освојува уште од првата страница
„Букварот на Биби“ е современ, мултимедијален материјал, како што оценува рецензентот Тамара Ќупева, тој е медиум на содржини за деца, но и за возрасни. Привлекува не само со визуализацијата и креацијата од бои и ликови, туку и со една фина, суптилна енергија која освојува уште од првата страница.
-„Букварот на Биби“, кој им помага да научат да пишуваат и читаат, ги отвора вратите за најмалите за соочување со првите претстави за себе, светот, семејството и општеството. Со неговите јунаци, тие магично созреваат и учат за околината и заедницата во која треба да си го најдат своето место. Со својата симпатичност и отворен другарски пристап – Биби сигурно ќе ги подготви за успешно патување до него – пишува рецензентот Ќупева.
912