Плодното воспитување бара одредени родителски вештини, но дали знаеме за кои вештини станува збор? Како ги добиваме, зошто се важни и што се случува кога ги немаме…

Топ-5 родителски вештини се едноставна листа со многу прецизни фактори за она што можеме да го наречеме корисно и здраво родителство. Ако барате што ви недостига или се прашувате која е магичната формула… да, таа постои.

Трпеливост

Секогаш кога сакаме да го престигнеме времето, тоа нè гази. Кога забавуваме, можеме да одиме рака под рака со времето. Родителството е единствената околност во која го чувствуваме времето на две сосема различни нивоа – неговата брзина, што се рефлектира во растот и развојот на нашите деца, и неговата бавност – што се гледа низ секој сегмент на обука на детето за моментот кога тоа ќе расте брзо.

Вештината трпение е моментот во кој не му викате на детето кога ги облекува патиките 5 минути подолго бидејќи сака само да ги врзе врвките. Ова е момент во кој многу брзате, а детето раскажува еднакво важна приказна, со бавно темпо.

Немаме трпение бидејќи веруваме дека немаме време. Дали знаете како се запира времето?

Со приоритети.

Ако детето е ваш приоритет, нема секој сегмент во животот да го подредите под него, со задолжителна драма за „жртвување“, туку ќе научите како да ги препознаете ситуациите во кои е важно и корисно да ставите сè на чекање, освен кога детето ви се обраќа.

Трпението е мајсторска вештина на малкумина. Карта за добар однос со децата.

Вештини за слушање

„Дали зборувам на кинески?“

Колку пати и на вашите позрели деца сте се обиделе да им објасните нешто, но безуспешно.

Зошто доаѓа до неусогласување во комуникацијата е посебна тема, но кога станува збор за децата, ако ги обучите вашите уши вистински да слушате што зборуваат децата, односно што мислат, имате кец во ракавот на кој многу родители ќе ви завидуваат.

„Но јас не знаев дека тој така се чувствува!“

„Но, јас мислев дека тоа воопшто не му се допаѓа!“

„Не можев да поверувам дека таа би рекла нешто такво, ништо не кажа за тоа…“

Вакви и слични изјави ги полнат статиите во весниците со трагични теми. И покрај тоа што овие изјави одекнуваат во ходниците и канцелариите во клиниките за ментално здравје, ние и понатаму не научивме да слушаме.

Вештината за слушање не се рефлектира во фактот дека слушате што кажало детето. Оваа вештина се базира на можноста правилно да го интерпретирате она што сте го слушнале бидејќи нашите толкувања се најчестата причина за недозрабирање со другите.

Ние најдобро разбираме кога сме компатибилни со некого, но што се случува кога детето е мало, не знае, има недоволно развиена лексика, различен темперамент, карактер; што ако ни самите не знаеме како да ја препознаеме вистината на оној што зборува наспроти вистината што ја слушаме?

Вештините за слушање се засноваат на нивото на самосвест на родителите и тоа е последица од личното работење врз себеси: образование, поширока едукација, воспитување, искуство. Колку поразвиена личност е родителот, толку неговата перцепција е поголема, а со тоа и можноста и шансата да забележи невербални сигнали што детето ги испраќа во комуникацијата.

На ова се надворзуваат и:

Емпатијата
Разбирањето
Прифаќањето
Грижата
Концентрацијата
Изоставување судење

Не постои совет или курс што ќе ве обучи непристрасно да го слушате вашето дете. Секој од нас се подготвува за оваа вештина долго време пред да одлучиме да станеме родители. Тогаш кога го доживуваме тој благослов, одговорноста да слушаме е уште поголема.

Висок праг на толеранција на стрес

Колку е повисок прагот на толеранција на стрес, толку е посилна и постабилна вашата социјална и емоционална интелигенција, со сите свои предности.

Неверојатно мал број ситуации во животот на едно дете се повод за вистинска драма. Сè друго е последица на родителска несоница, негрижа за себе, нервоза, лоша исхрана, хормонална нерамнотежа, лично незадоволство и незнаење.

И од сето тоа се раѓа драмата.

Кога родителот ќе го притисне копчето за драма, се случува хаварија. Децата се природни емпати, тие во рекордно време ја усвојуваат и ја преземаат родителската енергија! Вашата драма за дете кое е во неволја, дури и да е ситница („Мамо, мува слета на мојата чинија!“, „Бате ме допрееее“, „Не сакам брокула, ја мразам, мамо спаси мееее“) е причина за ескалација на настаните.

Детето ја нема самоконтролата на возрасниот. Дури на 10-годишна возраст се јавува саморегулација на емоциите, блиску до самоконтролата на возрасните. Стресот на детето не е секогаш ваш стрес, но затоа емотивниот одговор на одредена ситуација е нешто што апсолутно можете да научите да го контролирате.

Наместо првиот импулс, заснован на горенаведените незадоволства, обидете се да земете длабок здив, избројте до три и запомнете дека ја контролирате ситуацијата. Кога повеќе сакате да викате и да фрлите сè, смирете ја сопствената физиологија и вашата вербална реакција ќе биде многу поразлична.

Излегување од удобната зона

Воспитанието е често наследно. Со свесно и несвесно прифаќање на размислувањата и моделите на однесување ја продолжуваме традицијата на воспитување деца во семејството. Ги повторуваме грешките на нашите родители, понекогаш дури звучиме како нив, иако можеби сакавме да го избегнеме токму тоа со нашите деца.

Дури и кога ќе забележиме дека ова се случува, ретко кој се осмелува да ги смени навиките и верувањето; излезете од калапот и пробајте ја промената во нејзината убавина и потреба.

Причината за ваквото однесување лежи во фактот дека нам ни е удобно дури и во околности за кои знаеме дека се лоши или помалку добри од оние кон кои се стремиме. Стравот од непознатото е поголем од која било позната околност што нè угнетува. Затоа е тешко да се излезе од удобната зона.

Но, токму излегувањето од удобната зона ќе ви донесе родителство во кое креативноста, емпатијата и образованието го сочинуваат „фантастичното трио“ од најпотребните работи за титулата најдобар родител.

Универзумот не дава гаранции, но ако ги следите досега наведените чекори, голема е веројатноста дека ќе го направите детето функционално суштество, на кое среќата му се насмевнала.

Сè што треба да направите е да научите како да се справите со непријатностите, да го надминете стравот од непознатото и да продолжите со нешто што ќе ви биде од корист, дури и кога околностите не се идеални.

Личен пример

Детето никогаш нема да го усвои она што вие лично не му го покажувате преку вербална или невербална комуникација.

Дали сакате вашите деца да поминуваат помалку време на телефон? Вие сте тие што треба да го фрлат телефонот од раце.

Дали би сакале дете што има богат вокабулар? Испитајте го начинот на комуникација не само со детето, туку и со другите луѓе во околината.

Во дом каде што се користат пцости, голема е веројатноста и детето да ги употребува. Во дом каде што постојано се вика, голема е веројатноста детето да усвои таков стил на комуникација. Има отстапувања, но тие не само што се мали туку се и исклучок, а не правило.

Правилото е дека детето копира сè од дома, како модел. Ако се моделирате себеси, моделирате дете, односно му давате на детето пример како треба да размислува и да се однесува. Затоа работата на себе е всушност главен дел од низата корисни вештини за родителство.

На оваа листа може да се додадат и: умешност за љубов и покажување нежност, образование и учење.

Иако секое дете е различно, формулата како рамка постои. Начините на поставување на овие вештини варираат од семејство до семејство, од карактер до карактер, но фактот дека сите сме различни не е доволно добра причина да не веруваме во формули.

Чекам да се обидете!

Автор: Нина Томовиќ

Извор



912

X