Кога детето ќе падне, ќе се удри, ќе заплаче, секоја мајка инстинктивно се наведнува и го бакнува местото што го боли. Како да може со бакнеж да ја извлече болката. И, најчесто, токму тоа се случува: солзите престануваат, насмевката се враќа, а и срцето на мајката и на детето се смируваат.
Но, дали е тоа само емоционална утеха? Или постои нешто подлабоко?
Научниците потврдуваат: не е сè само во главата. Истражување спроведено на Универзитетот на Калифорнија, Лос Анџелес под раководство на д-р Стивен Кол покажало дека емоционалната блискост со мајката во раното детство директно влијае на развојот на имунолошкиот систем.
Истражувачите анализирале примероци од крв на 53 возрасни лица кои пораснале во семејства со понизок социо-економски статус. Кај оние што во детството имале топол и поврзан однос со мајката биле забележани значително помал број гени поврзани со воспаленија – молекули кои се клучни за појава на различни болести, од хронични воспаленија до срцеви заболувања.

Бакнеж што смирува и лекува
Познато е дека стресот предизвикува воспаленија во телото. Кога сме под стрес, се зголемува нивото на хормони како кортизолот, кои долгорочно му штетат на организмот. Мајчиниот бакнеж, нејзината прегратка, нејзиниот смирувачки глас, сето тоа го намалува стресот кај детето.
А помалку стрес значи и помалку воспалителни процеси во телото, што пак води до подобро здравје.
Со други зборови, мајчиниот бакнеж не е „само“ гест на љубов, туку тој има реален, физиолошки ефект. Го смирува детето и го зајакнува неговиот организам. Нежноста и блискоста стануваат природна алатка за градење отпорно и здраво тело.
Не станува збор за магија, туку за биологија. А можеби токму тоа е најубавото во оваа приказна, што нешто толку едноставно, бесплатно и природно како мајчиниот бакнеж може да има толку силен и траен ефект.
Затоа, следниот пат кога вашето дете ќе ви дојде со „рана“ на коленото, не прашувајте се дали бакнежот е доволен. Науката вели дека тој е најмоќниот лек.