Навистина сум лута зашто секој ден слушам примери за големата штета што ја предизвикало современото воспитување. Повеќе не се согласувам на политички коректни разговори на оваа тема. Што се однесува до мене, доста беше! Додека ние се трудиме да бидеме толерантни, растат генерации неспособни и безволни деца. Е не давам нашата младост да ја оставиме во таква состојба! Чувствувам огромна желба за ова јавно да проговорам и еве ме, се осмелив!
Одам по ред, полека да ги негирам една по една тезите што, за жал, се карактеристични за многу современи автори!
Велат: „Со децата треба многу да се разговара и да им се објаснува зошто некои работи не се добри“.
Прво, децата ги сметаат ваквите родители за напорни и брзо учат како да се исклучат кога мама или тато „џвакаат“ едно исто. По некое време слушаат само: бла, бла, бла…
Второ, кога детето се однесува несоодветно, а вие му објаснувате зошто тоа не е убаво, а детето продолжува, а вие повторно му објаснувате… сѐ ја губи смислата. Детето не сака празни приказни, тоа сака јасни граници. Само што не може да каже: „Не брбори повеќе, туку натерај ме да ја средам собата!
Трето, родителите што на децата многу им зборуваат, на пр., колку се штетни цигарите, всушност ги рекламираат цигарите пред своите деца, иако не се свесни за тоа.
Четврто, децата не учат од тоа што им го зборуваме, туку исклучиво врз основа на тоа кои сме ние, т.е. како се однесуваме. Значи, основен начин на учење на децата е според родителскиот модел, а не празно теоретизирање.
Велат: „Со децата секогаш треба да се разговара убаво, смирено, без викање и тропање по масата“.
Да, да, вие родителите треба да бидете карпа мраз, роботи кои не ги покажуваат своите негативни чувства. Секогаш треба да останете смирени, да имате безгранично многу големо трпение, да бидете насмеани, толерантни, строго позитивни… Од каде ѝ е правото на мајката да се налути кога детето нема да ја заврши домашната задача? Или од каде му е правото на таткото да почне да вика кога по третата опомена детето не го остава телефонот? Не, не, мама и тато треба да бидат на ниво, да останат со студени глави. Тие, всушност, и не треба да бидат обични човечки суштества, туку некакви супер моќни херои. Во секој случај, мора да го задушат бесот, зашто, не дај боже, ако го покажат, можеби ќе го спречат лошото однесување на детето!
Велат: „Не е важно колку време поминувате со децата, туку е важно тоа да биде квалитетно“.
О, да, како не! Што сакаат со тоа да ни подметнат? Дека е сосема во ред мајката да дојде од работа во 18 часот? Дали во митот „за квалитетно поминато време со децата“ ја насетувате мамката што треба да ја проголтате за да станете вистински член на капиталистичкото друштво?
Ве лажат. Вашето дете копнее по вас. Тоа расте покрај дадилки и воспитувачки со кои нема интензивна емотивна врска, или покрај попустливи баби. Вие сте им потребни, баш вие, мама и тато, зашто вие најмногу ги сакате – тие ви се центар на светот, а не им се на воспитувачките, и не треба да им бидат. Вашето дете без никакви последици може да биде со некој друг еден дел од денот, но не може без вас цел ден. Ако се враќате дома ноќе, знајте дека сѐ сте пропуштиле, дека вашето дете го проживеало својот ден.
Уште нешто многу важно ќе напоменам тука. Знаете дека детето најмногу се формира во првите неколку години од животот, и тоа врз основа на модел. Зарем не сакате да се формира според вашиот пример, а не да ги собере животните вредности на тетката што го чува?
Сѐ на сѐ, лага е дека квалитетот го надоместува квантитетот. Вистината е болна, дека без квантитет не може да има квалитет! Значи, ако сакате да бидете добар родител, не можете тоа да го постигнете набрзина, на пуш-пауза.
Автор: Билјана Грбовиќ