Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Мајка сум на бебе од 9,5 месеци и досега поголемиот дел од времето го поминуваше со мене, а помалку со татко му. Но, во овој период ако го држи татко му, почнува да плаче кога повторно ќе дојде кај мене и ги пружа рачињата по него. Два дена по ред сопругот го шета околу 1,5 час надвор од дома за да видиме како ќе реагира без мене, но кога ќе го врати, нема посебна реакција, на пример, каква што има кога ќе го види татко си. Дали е тоа поради тоа што не го почувствувал моето отсуство ? Јас кога сум со него давам сè од себе за да му е интересно; се смее и гуга. Но штом сопругот е овде, како да ме нема. И дали, според вас, е во ред да биде одвоено од мене некој час, а да го чува татко му? Како мајка, лошо е ова да го кажам, но чувствувам љубомора. Кога некој друг ќе го земе, пружа рачиња по мене, но кога сме со сопругот заедно, мене не ме доживува иста како кога сме сами. Ве молам за совет.

ОДГОВОР: Околу деветтиот месец од развојот на детето се појавува првата значајна сепарација и таа е проследена со зголемена анксиозност, наречена сепарациона анксиозност. Оваа состојба се случува и кај детето, но и кај мајката, поради тоа што и таа долго време природно некако останува поврзана со детето и е неопходна за неговиот развој. Таа природна одговорност што се манифестира во односот кон детето е многу типична за периодот кој го опишувате и ова е можеби вашата прва разделба. Сето ова што го носите како загриженост и сомнеж е дел од вашите проективни стравови и ќе ви објаснам сега што мислам со тоа. Вие не велите мене ми е тешко што детето не ме перципира единствено мене, или не велите ме плаши тоа што не сум единствено значајна и битна за моето дете, туку се прашувате дали е во ред да биде одвоено од вас подолго време за да биде со неговиот грижлив татко, или сте загрижени дека нема да се чувствува исто како кога е со вас, па трагате постојано по знаци на вознемиреност во детето наместо да разберете и да се смирите.

Очигледно е дека вашето дете веќе создава простор за влегување и влијание на уште една значајна фигура во неговиот живот, а тоа е таткото, и понатаму така и ќе биде, таткото сè повеќе ќе се пројавува како релевантна фигура на влијание во животот на вашето дете. И во право сте, вие свесно или не толку свесно поминувате низ емотивната бура на првата разделба од детето, во која се чувствувате напуштени и не најбитни и највлијателни. Верувам дека не е лесно да се откажете од едно такво омнипотентно значење во животот на вашето дете. Сепак, знајте дека разделбата е природен процес за вас и вашето дете за тоа да не остане во постојана зависност од вас и вашата нега и љубов. Можноста вашето дете да го дели сопственото време и љубовта со друга значајна личност е исклучителен развоен квалитет на осамостојување и издвојување на „мене“ од „нас“, еден прв обид за индивидуација и посигурно влегување во остатокот на светот со сопствените капацитети.

Верувам дека е многу тешко да се разбере тоа, особено затоа што веројатно вие сте првпат мајка и првпат го доживувате ова. Верувам дека не сакате така да се чувствувате, но многу јасно и храбро ги донесувате вашите емотивни превривања и со право се преиспитувате дали тие се соодветни. Значи тие се соодветни и треба да се освестат за да не прераснат во една скрипта на однесување во која од таа неадекватност во односот што ја чувствувате вие несвесно ќе искреирате средина во која детето постојано ќе ве бара и во која постојано ќе му бидете потребна за да се чувствува добро.

Детето на почеток верува и го чувствува она што родителот го верува и го чувствува, така што вашата улога во оваа разделба е многу значајна.

Потребно е да го охрабрите да прави нови значајни контакти со другите околу вас затоа што една од одликите на адекватен родител е да не биде единствената поддршка на детето, туку да му влее доверба дека и другите се ок и дека светот е во ред, и дека останува присутна доколку му е потребна на детето. Детето на почеток верува и го чувствува она што родителот го верува и го чувствува, така што вашата улога во оваа разделба е многу значајна. Ви препорачувам да поминувате повеќе време со сопругот и детето, во заеднички активности во кои ќе си го подавате еден на друг, а ќе внесете и многу радост и енергија во таа активност. Многу е битно во оваа активност да има движење на оддавање кон другиот родител, и повторно прифаќање назад со радост. Погледнете кои аспекти кај вашиот сопруг ве прават сигурна дека вашето дете е во сигурни раце, или погледнете во тоа што тој му го дава, а некако ве надополнува како мајка. Погледнете и во себе и што е она што вие и во вака несигурен период го обезбедувате за вашето дете, а е специфично за вас како мајка. Вие заедно го комплетирате неговото искуство, и вашето дете на соодветен и не секогаш ист начин се поврзува со двајцата. Најзначајно е да се овозможи и дозволи тоа поврзување, и полека да се отворате кон светот, со луѓе што ви влеваат сигурност на почеток. Поточно, да го дозволувате тој контакт кога веќе гледате дека вашето дете се радува и е среќно во рацете на таткото.

Не е пожелно да гледате во празната прегратка која се креира затоа што таа сигурно ќе ви донесе дополнителна несигурност, туку да гледате како покреативно и повеќе за себе да го искористите времето за да се опуштите и релаксирате, и со радост повторно да му се вратите на вашето бебе. Бебето многу повеќе ќе се радува на раце кои во радост го исчекуваат отколку на раце кои несигурно и во копнеж долго стојат во исчекување во празниот простор.
Уште многу разделби ќе следуваат понатаму и ова е вашето прво искуство. Нека помине посигурно за да можете појасно да ги разберете и дозволите разделбите што следуваат.

Одговара: Радмила Живановиќ, лиценциран психолог-психотерапевт во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com / radmila.zivanovic@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X