Ерик Фром во своето дело „Уметноста на љубовта“ дава два клучни искази во врска со љубовта: „Ми требаш затоа што те сакам“ наспроти „Те сакам затоа што ми требаш“. Во неговата книга чувството на љубомората го објаснува како нужна состојка или последица на љубовта, дури и клучен доказ за присуство на чувството љубов. Вообичаен одговор на 16-годишно момче или девојче на прашањето зошто кон својата партнерка постојано има љубоморни испади е: „Затоа што ја/го сакам.“

Ако љубовта ја толкуваме како способност другиот да се сака како личност, оставајќи простор за неговиот личен раст и развој, љубомората е директна негација на ваквата насоченост бидејќи е одраз на повредата на личниот нарцизам и се манифестира преку ограничувања, контрола и поседување на другата личност. Во основа на самата љубомора се наоѓа анксиозно интонирана помисла дека постои можност да биде загубена саканата личност.

Важно е да се знаат и препознаваат три основни вида љубомора:

  1. Објективна или реална љубомора во основа се јавува како последица од напуштање на партнерот или одбирање на друг партнер што произлегува од реална загуба. Во тој случај личноста може да реагира со тивка, достоинствена тага, настојувајќи реално да се соочи со загубата и да ја надмине и нема да се обиде сосила да го задржи партнерот.
  2. Невротична љубомора се јавува без реална причина, а се манифестира со страв дека саканата личност може да биде освоена од друг и да го напушти. Таквата љубомора може да биде одлика кај адолесцентот кој се одликува со недоволна емоционална зрелост. Овој вид љубомора се манифестира со мачни испитувања на партнерот, истражувајќи го секое негово движење и сето она што го сторил со многу посесивни барања. Мета на љубомората освен пријателите и социјалното опкружување може да биде семејството, фамилијата, спорт или други активности со кои се занимава партнерот.
  3. Психотична или патолошка љубомора која претставува емоционално растројување како последица на ендогени и егзогени патолошки процеси, манифестирајќи налудничави идеи, агресивни испади кои некогаш водат до физичко партнерско насилство придружени и со закани за живот.

Мојата практика покажува дека ваквите ситуации се секојдневие на многу млади луѓе кои се немоќни да излезат од улогата на жртва. Поради тоа, потребна е отворена и ефикасна комуникација родител-адолесцент, обраќање кај психолог-психотерапевт со цел брзо интервенирање и обезбедување психолошка поддршка бидејќи последиците од токсична партнерска врска можат да бидат во крајна мера и фатални за живот.



912

X