Една третина од жените во четири африкански и азиски земји со ниски приходи биле исмејувани, удирани, присилени или злоупотребени за време на породувањата во здравствените центри. Ова се податоци од ново истражување кое, исто така, посочува дека ваквиот начин на третирање на жените е распространет низ целиот свет.

Студијата била објавена во медицинското списание „Лансет“, во кое се соопштува дека на жените во Нигерија, Мјанмар, Гана и Гвинеја им биле правени царски резови, хируршки зафати на репродуктивните органи, без нивна согласност – а многу често и без лекови против болка.

– Лошиот третман за време на породување доведува до кршење на човековите права и може да биде моќен фактор за намалување на барањето нега за мајките во установа – се вели во студијата. Новата студија ја води Светската здравствена организација, а во неа учествувале повеќе од 2 илјади жени што се породувале. По породувањето биле интервјуирани повеќе од 2.600 жени.

42 отсто од жените пријавиле физичка или вербална злоупотреба или дискриминацијата за време на породувањето. Некои жени дури биле и удирани, задржувани насилно и слично. Помладите, помалку едуцирани жени, се повеќе изложени на ризик, во кој е вклучена и негрижата на здравствените работници или употребата на сила за време на процедурите, стои во студијата. Повеќето случаи се регистрирани 15 минути пред и за време на породувањето. Во студијата пишува дека акушерките и лекарите ги опишувале жените како „некооперативни“ за време на тој период и некои од нив користењето физичка сила и вербална злоупотреба го нарекле „казнување“.

Надлежните од здравството рекле дека лошото третирање на жените за време на породувањето се појавува на глобално ниво, па дури и во развиените земји. Но, таквите случаи се ретко документирани, а и жените често се плашат да пријават таков третман. Претходни истражувања документирале физичка злоупотреба на жените во Источна Европа, особено жените од ромската популација. Тука се вклучуваат и случаи кога жените биле одвоени од своите новороденчиња неколку дена.

Злоупотреби и лош третман се забележани и регистрирани и низ Латинска Америка, а Венецуела е првата земја што усвоила легислатива против неетичките практики, преку донесување закон за гонење на „акушерското насилство“, во 2007 година. Меѓу 2.016 жени што биле набљудувани во студијата, 13 отсто од царските резови и 75 отсто од хируршките зафати на репродуктивните органи биле применети без согласност од пациентката. Во 59 отсто од случаите вагиналните испитувања биле исто така спроведувани без согласност. Во студијата стои дека поголемиот број вакви случаи се кај млади, немажени жени.

Од 2.672 жени интервјуирани по породувањето, повеќе од половина или 57 отсто рекле дека не им биле понудени ниту лекови против болка. Некои жени биле притворени по породувањето во здравствените центри бидејќи не можеле да ја платат сметката. Студијата посочува дека жените треба да имаат придружник по нивен избор за време на породувањето за да се подобри информираноста во однос на целиот процес и да се променат одделенијата за мајчинството, со цел да се подобри приватноста воопшто.

 



912

X