Јелена Вељача Жунко е магистер по логопедија, сертифициран практичар за „флортајм“ пристапот и сензорна интеграција, како и асистирана комуникација. Во својата богата практика имала можност да се справи со отстапувањата во раната комуникација и нарушувањата од спектарот на аутизмот. Во продолжение таа открива како да ги препознаеме првите знаци кај детето кои може да укажуваат на тоа дека можеби се наоѓа во спектарот.
„Многу е тешко и неблагодарно да се зборува за аутизам бидејќи постои опасност секогаш да кажете нешто што некому нема да му одговара. Гледам на аутизмот, односно на нарушувањето од аутистичниот спектар (ASD) токму како на спектар од шарени бои. И не е секоја сина боја исто сина, ниту е иста под секоја светлина. Дури и розовата, црвената, портокаловата и виолетовата не мора да бидат именувани по тој редослед“, вели логопедот.
„Работите се комплексни, различни и многу зависат од средината во која се наоѓа детето со овие тешкотии и како му се пристапува. Невродиверзитетот требаше да биде прифатен одамна, а единствениот правилен пат го гледам во холистичкиот пристап кон целата приказна“, додава Вељача Жунко. Како што објаснува таа, сепак постојат одредени знаци кои најчесто се причина родителот да побара помош.
Според неа, некои од најчестите знаци дека детето може да има нарушување од спектарот на аутизам се следниве:
-отсуство на контакт со очите
-отстапувања во развојот на комуникациските вештини (здружено внимание, гестови)
-намалена вклученост во интеракциите со луѓето
-поголем фокус на предметите
-отсуство на производство на говор
-стеснети интереси
-стереотипни движења и игри
-ригидност
-чувствителност на промени
-сензорна хиперсензитивност или отсуство на реакции.

Како што нагласува логопедот, многу од општите и широко опишани симптоми родителот може да ги забележи рано, но и подоцна. Имено, понекогаш симптомите доаѓаат како ненадејна промена во развојот, па тогаш зборуваме за регресии и губење на вештини.
„Исто така, понекогаш функционирањето на детето може да изгледа како да е случај на нарушување од спектарот на аутизам, но подоцна се утврдува дека причината за тоа е прекумерното изложување на екраните, па затоа најважно е веднаш да се побара поддршка од експерт за дефинирање и решавање на проблемот“, заклучува Вељача Жунко.