Лора Елкинс открила дека е бремена со второто дете веднаш откако нејзината држава Вирџинија (САД) се затворила поради Ковид-19 минатата пролет. Чудно било чувството да се биде бремена за време на пандемија, истакнала 32-годишната жена, но нејзината бременост била незабележлива сè додека одненадеж, во 30-тата недела, таа развила симптоми на сериозна прееклампсија. Била примена во болница и ја родила својата ќерка неколку дена подоцна, повеќе од 2 месеци пред терминот. „Бев во ужасна состојба“, вели Елкинс со оглед на тоа дека нејзиното бебе поминало многу време во неонатална интензивна нега додека пандемијата дивеела.

– Емоционално, тоа беше најстресниот период од мојот живот – вели Лора.

Бебе на интензивна нега не е нешто на кое размислува кој било родител, но статистиката кажува дека околу 15 проценти од бебињата родени во САД поминуваат низ тоа. 40 проценти од мајките чии бебиња поминуваат време на интензивна нега имаат симптоми на постпородилна депресија, а 25 проценти од мајките доживуваат симптоми на посттрауматско стресно нарушување. Во глобална пандемија, експертите стравуваат дека емоционалниот товар станал речиси невозможен за мајките и татковците.

– Изолацијата и стресот се големи фактори, па затоа родителите што поминуваат низ ова имаат поголема стапка на присутност на постпородилна депресија и анксиозност, и пред пандемијата – вели Сара Левин-Мајлс, лиценциран клинички социјален работник, која има специјалност за третирање на нарушувања во расположението.

– Влијанието на Ковид-19 ги направи изолацијата и стресот дури поинтензивни за овие родители. Беше навистина вознемирувачки – вели Беки, 37-годишна жена која по години обиди за ин витро оплодување го родила своето прво бебе – 30 недели откако развила HELLP синдром – живото-загрозувачка варијанта на прееклампсија. Нејзиниот син поминал 58 дена во болница борејќи се со повеќе здравствени компликации – сето тоа со притисокот од Ковид-19 на секој агол.

– Ти зборуваат дека дури и обична настинка е ризик, дека бебето е премногу чувствително. Почнувате да мислите: „Ох Господе, како ќе го зачуваме безбедно?“ – вели Беки. Таа се сеќава на рацете на медицинските сестри, кои често биле исечени и крвави од постојаното триење и миење. Потребата за други заштитни протоколи исто така била извор на тешкотија за родителите кои ги имаат овие искуства. Болниците мораа да го ограничат бројот на посетители, често барајќи од родителите само едниот да седи покрај бебето или да се менуваат (и тоа со ограничено време). Родителите како Елкинс целосно разбираат зошто се потребни тие протоколи, но тоа не значи дека целата ситуација е лесна за справување. Таа се менувала со сопругот за двајцата да го гледаат бебето, а истовремено морале да се грижат и за 5-годишното дете дома, кое не одело на училиште поради затворањето на образовните институции.

– Се работи за логистички кошмар. Се обидувате да живеете во два света истовремено – рекла Елкинс. „Додека рестрикциите се имплементирани за пациент и заштита на персоналот, има значително емоционално влијание и врз семејствата“, вели Џејми Критер, лиценциран клинички социјален работник со специјализација на мајчинско здравје. Може да биде многу потешко за оние семејства што не добиваат поддршка од саканите кои не може да дојдат во болницата, додава Критер, или да се сретнат и поврзат со други семејства кои поминуваат низ истото. Со сите овие додадени слоеви на емоционална и логистичка тешкотија, императив за ваквите родители е да добијат помош. За жал, таа помош може да е тешко да се добие во болниците кога сега се под притисок на пандемијата, а средбите со семејството и пријателите треба да се ограничат заради безбедноста на сите.

Сепак, може да се направат неколку едноставни чекори. Треба да се прегледуваат родителите за проблеми со менталното здравје, сега повеќе од кога било. А пријателите и семејството исто така може да помогнат, иако од дистанца. „Ако знаете семејство кое има дете на интензивна нега, има многу начини да покажете поддршка. Испратете оброк во болницата, позајмете книги, сложувалки и други активности и постојано проверувајте ги“.

Родителите што поминуваат време на интензивна нега за време на пандемија треба да побараат помош, вели Елкинс.

-Оставете ги луѓето да ви носат оброци, ако имате шанса за кратка дремка искористете ја. Бидејќи предизвиците се безбројни.

Како што рекла една 36-годишна мајка на предвреме родени близнаци со хронични белодробни заболувања: „Изолацијата не завршува кога ќе дојдете дома“. Нејзините момчиња биле родени во јули и поминале 2 месеца во болница. Неколку од нејзините членови на семејството ги запознале, но близнаците се во голема мера изолирани. Таа и сопругот одат до продавница за да набават намирници и ги носат момчињата на прошетка надвор. Таа знае колку е важно да се биде постојано внимателен поради Ковид-19, но не е лесно.

„Чувствувам како ѕидовите од домот да се стеснуваат кон мене. Но, давам сè од себе и го искористувам најдоброто од оваа ужасна ситуација“, вели таа.

Автор: Кетрин Пирсон

Извор



912

X