Лажните вести сами по себе, доколку се катастрофични, стресогени и сликовито прикажани преку видео или слика, создаваат директен стрес врз адолесцентот уште во моментот кога ги слуша или чита

Времето што децата го поминуваат со телефоните се дуплира во пандемската животна динамика без разлика за која возраст станува збор.
Долготрајната изложеност на детето или адолесцентот на технолошки уред најпрвин влијае врз неговата психо-физичка положба и невролошка структура, вклучувајќи моторика, гестикулации и мимики, фацијална експресија, контакт со очи, потоа вокабулар, начин на усвоено однесување и комуникација итн.

Анксиозно-депресивни состојби како последица на секојдневно читање стресогени вести

Она што подлабоко влијае врз менталната состојба и здравје на детето, а е предизвикано од долготрајната изложеност на екран – е психолошка проблематика од типот анксиозни состојби и панични напади на кои им претходеле стравови од ликови кои детето ги сретнало на „Јутјуб“, видеоигра или „Гугл“, агресивно поведение или автоагресивно поведение стекнато преку учење по модел повторно преку социјални канали или видеоигри, социјална изолација и социофобност, заостанување во целокупниот развој на детето (когнитивен, емоционален, социјален).

Во мојата практика кај адолесцентите најчесто среќавам лоша слика за себе, себенеприфаќање и невреднување како последица од изложеноста на социјални мрежи, медиуми и канали во кои адолесцентот пронаоѓа личност која претставува идеална слика, исто така, анксиозно-депресивни состојби како последица на секојдневно читање стресогени вести, социјално непожелно поведение како последица на усвоени информации и верувања итн.

Семејството треба да претставува филтер на пласираните информации во домот

Лажните вести сами по себе, доколку се катастрофични, стресогени и сликовито прикажани преку видео, слика, создаваат директен стрес врз адолесцентот уште во моментот кога ги слуша или чита. Во тоа време се лачи кортизол како одговор на стресот кој е закана за организмот, каде што хормонот преку вегетативен нервен систем праќа симптоматска порака дека нешто не е во ред. Доколку ваквите вести се хронични, секојдневни и се повторуваат, претставуваат еден вид „бомбардирање“ на личноста на адолесцентот, чиј рационален и критички ум дегенерира и се опустошува предизвикувајќи ментални состојби и нарушување на менталното здравје, на пример, депресија, анксиозност, панични напади, анорексија, булимија, инсомнија, социофобија, регресивни состојби, невролошки симптоми итн.

Најважно, семејството треба да претставува филтер на пласираните информации во домот. Доколку и самиот родител е обучен и го познава процесот на селекција на информациите пронајдени на интернет, истото треба да му го пренесе на своето дете. Ваква одговорност треба да понесе и секој возрасен човек или секоја институција што е активно или пасивно вклучена во процесот на растење и созревање на детето или адолесцентот.

Автор: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти



912

X