Ги учиме децата дека на лагите им се кратки нозете и се трудиме од мали да ги воспитуваме секогаш да ја кажуваат вистината. Сепак, малите деца обично имаат фаза на отстапување кога сè уште се обидуваат да ги излажат мајката и таткото, а потоа родителите се загрижени бидејќи не се сигурни како да постапат.
За почеток, не треба да се грижите премногу бидејќи лажењето на детето значи дека неговиот мозок добро се развива, барем така велат експертите.
Научниците од Универзитетот во Флорида анализирале 114 деца на возраст од 7 до 11 години и им направиле тест. Иако од нив не било побарано да лажат, им била дадена можност да го сторат тоа, а цело време биле следени преку скриени камери. Изненадувачки, само една четвртина од децата ги погледнале одговорите и мамеле на тестот, а се покажало дека токму тие се попаметни и имаат подобра меморија на следните тестови.
Друга студија спроведена од Универзитетот во Торонто, во која учествувале 1.200 мали деца, заклучува дека е нормално децата да лажат. Водечкиот автор на студијата, Канг Ли, го објаснил ова со фактот дека лажењето и долгото криење на лагите бара голем интелектуален напор.

Ако детето лаже, особено ако е под пет години, ги користи сите свои вештини, особено оние што бараат самоконтрола.
Многу родители се загрижени дека детето што лаже ќе порасне во лажго, но научниците истакнуваат дека ваквото однесување кај малите деца не значи дека тие ќе станат возрасни кои постојано ќе ја кријат вистината. Лажењето во детството е нормална фаза во развојот од која не треба да се прави драма.
Автор: Наташа Златковиќ