Кувад синдромот, кој се јавува кај мажите во текот на бременоста на нивните партнерки и се смета за „сочувствителна болка“, има широк спектар на можни симптоми, од кои некои се прилично сериозни. Дека не станува збор за мит потврдува и Кристофер Дејл, кој во писмо за веб-страницата „Parents“ го опишува своето искуство.

– Како горд, но неподготвен иден татко, во март 2017 година посетував пренатален курс. Некаде меѓу лекциите за ставање пелени и подждригнување на бебето одеднаш видот ми се замати и не можев да го гледам инструкторот. И тој и мојот вид исчезнаа. Десет дена подоцна се роди Николас – раскажува тој.

– Одеднаш, имав две нови итни задачи: чување на синот и истражување зошто делумно ослепев. Со оглед на главоболката што беше присутна, заклучив дека станува збор за очна мигрена, чии симптоми вклучуваат и привремено слепило. Но, бев непријатно изненаден кога по направената компјутерска томографија мојот офталмолог ми даде извештај на кој пишуваше „лакунар инфаркт“. Што значеше тоа?

– Имавте мал мозочен удар – рече тој.

Лесниот мозочен удар може да биде предупредувачки знак, рече мојот невролог. За среќа, оттогаш поминаа 4 години, јас поминав низ различни невролози, офталмолози, кардиолози и хематолози, но видот не се врати, иако наодите беа во ред. Останува прашањето: Зошто здрав 37-годишен човек имал мозочен удар?

И она на што мојот доктор се врати: – Дали во тој период од животот ти се случуваше нешто стресно?

Очигледно осум и пол месеци бремената сопруга со претходен спонтан абортус може да се нарече ситуација што предизвикува стрес. Кога му го кажав тоа на докторот, тој веднаш ми кажа за Кувад синдромот или машка психолошка бременост – вели Кристофер.

Според клиниката „Мејо“, Кувад синдромот се јавува кога здравите мажи чии партнерки очекуваат новороденче наскоро имаат симптоми поврзани со бременоста. Неговите физички манифестации може да вклучуваат гадење, киселини, болки во стомакот и надуеност, проблеми со дишењето, грчеви во нозете, болка во грбот, иритација на гениталиите и необично – забоболка, додека психолошките симптоми се движат од намалено либидо и немири до анксиозност и депресија. Понатаму, мислењата драматично се разликуваат во поглед на тоа колку мажи се погодени со овие симптоми поврзани со Кувад синдромот.

Експертите за ментално здравје разгледале низа хипотези, од машка љубомора за неможноста да роди дете до можна вина затоа што ние сме причина за трансформација на партнерката која физички ја носи целата тежина и породувањето на детето самостојно. Понатаму, една психо-социјална теорија укажува на маргинализација на мажите во текот на бременоста на жената, социјална поделба на половите во кои „жените имаат родителска кариера“, додека татковците се ослободени од тоа.

Теоријата на приврзаност сугерира дека колку повеќе се подготвува мажот за татковство – вклучително и учество во пренатални часови – толку е поголема веројатноста да доживее симптоми на овој синдром. И покрај недостигот на истражување посветено на оваа тема, овој синдром, исто така, се чини дека има некаква поврзаност со флуктуации на одредени хормони, вклучувајќи ги и нивоата на тестостерон, за време на бременоста на партнерката. Постојат многу други теории, без јасен медицински консензус.

Но, зошто некои мажи имаат симптоми на овој синдром, додека други ги немаат, не е лесно да се утврди, или околностите се премногу различни за единствена дијагноза што ќе одговара на сите – вели Џојс Готесфилд, гинеколог од Денвер.

– Кувад синдромот дефинитивно има повеќе фактори. Луѓето имаат различен живот и различни стресови, а некои мажи може да се почувствителни на хормоналните промени што можат да бидат предизвикани од бременоста на партнерката. Без оглед на потеклото на овој стрес, моето искуство сугерира дека периодот пред татковството може да биде исклучително стресен. И додека мојот мал мозочен удар е навистина невообичаен, секако има и други случаи на застрашувачки тешки симптоми на Кувад синдромот – додава Кристофер.

Д-р Готесфилд верува дека Кувад синдромот не престанува по породувањето на партнерката.

– Што се однесува до симптомите поврзани со Кувад, она што најмногу го забележав е постпородилната депресија, бидејќи и бремената жена и нејзиниот партнер искусуваат слични стресни ситуации, особено недостиг на сон и огромно чувство на одговорност.

И покрај немањето консензус околу потеклото на овој синдром, медицинската заедница се согласува за едно нешто: кога станува збор за нешто што е лошо дефинирано и комплицирано, повеќе комуникација е секогаш подобра од помалку.

– За мене е важно да им соопштам и на партнерот и на бремената пациентка дека ова е познат синдром и релативно честа појава – вели д-р Кристина Миксер, гинеколог од Мичиген.

– Тоа помага да се ослободат некои грижи и се отвора комуникација помеѓу сите страни и е можност да се насочат партнерите да бараат медицинска нега ако симптомите се особено загрижувачки – додава таа.

Извор



912

X