Воспитување

Ѝ купив на ќерка ми играчка – машина за перење. Реакциите на мајките се поделени

Пред некое време, едно основно училиште во Хрватска на својата фејсбук-страница гордо објавило фотографија од машко и женско катче украсено за игри во домаќинството. Додека машкото катче било фокусирано на алатите, женското катче говори за тоа што да се прави низ куќата: пеглање, готвење, чистење, бришење… – тоа се пораките што стоеле во тој „женски агол“. Како и повеќето други мајки, јас го осудив таквото етикетирање. Навистина мислам дека секој мора да знае да прави сè во домаќинството и дека жената може да направи дупка во ѕидот, како и дека мажот може да пушти машина за перење без да му се подигне споменик.

Еднаквост во нашиот дом јас и мојот сопруг покажуваме секој ден. И мама и тато готват, мијат садови, перат алишта, возат автомобил… Нашето девојче Мина, кое има две и пол години, сака да научи сè од нас. Така, таа неодамна се заинтересира за машината за перење, па ме испрашуваше во бањата за тоа како работи, за што служи копчето и слично. Неколку дена подоцна видов играчка машина за перење во продавница и ѝ ја купив. Таа беше воодушевена! „Што ќе ти кажат пријателките феминистки?“, се пошегува мојот сопруг, кој знае колку навивам за правата на жените.

Феминизмот нема никаква врска со учењето на детето како функционираат работите, му одговорив. Искрено, би купила машина за перење и да имам момче, како што купував комплет за градење и мини-багер за ќерка ми бидејќи таа беше заинтересирана за тоа. И навистина, реакциите на мајките околу мене беа поделени кога на моето „стори“ на „Инстаграм“ видоа дека Мина си игра со машина за перење на батерии, па добро го пренесува целото тоа искуство. „И јас размислував да го купам ова затоа што е кул, но не сакам да го научам моето дете да служи по дома“, беше еден од коментарите.

„Па ако знае да пере алишта, тогаш слугува? Дали треба да ја научам да биде валкана и да не ги пере алиштата?“, беше мојот одговор.

„Тоа девојки! Научете корисни работи“, пишуваше во друг коментар. „Еве моментално ги мие количките“, одговорив. И навистина ги „переше“. Мојата ќерка всушност е многу повеќе заинтересирана за технички работи. Ја интересираат копчињата на машината, па од каде доаѓа водата и како се врти, повеќе отколку валканата облека. Добив серија коментари од „го убиваш она за што се бориме“ до „денешните мајки не ги учат децата на домашна работа, како да е срамота да се среди низ дома“.

Со купувањето на машината за перење не го учам детето да ја пере облеката како тоа да е нејзина животна цел, исто како што не ѝ реков дека ако купиме багер, таа ќе треба да копа во иднина. Едноставно ја учам на основните работи во животот што треба да ги знае и да биде способна сама да си го живее животот! Но, јас ги знам и ги разбирам реакциите на загрижените мајки бидејќи продавниците за играчки сè уште се некако поделени на машки и женски сектори, и по боја и по групирани работи. Ако машината за перење беше розова, немаше да ја купам. Но, таа беше во неутрална кафена боја. Но, исто така, зошто розовата одеднаш е непожелна боја? Пред неколку дена со Мина отидовме да ѝ купиме нов велосипед и од огромниот избор, таа самата го избра розовиот. Дури и најмногу ја поттикнував кон еден црно-жолто, но таа ми рече: „Не ја сакам оваа, ја сакам оваа боја!“ Требаше ли да инсистирам да избираме неутрални бои? Мислам дека не е така. Имам и бои кои ги сакам повеќе од другите и не би сакала некој да ми наметнува да ја носам оваа или онаа боја бидејќи со мојата боја нешто не е во ред.

Но, да се вратиме назад на сомнителната машина за перење. Кој нема да порасне и да пере алишта во машина за перење? И мажите и жените треба да го знаат тоа. Овде проблемот не е во мене, туку во родителите на машките деца кои не ги учат на истото. Феминизмот не се откажува од работи кои создаваат живот, како што е употребата на машината за перење, што ни заштедува време и енергија. Феминизмот во воспитувањето на децата првенствено треба да биде напор на мајките и татковците да ги научат момчињата на еднаквост, исто како што ги учиме ние нашите женски деца.

Така, машината за перење играчки дефинитивно ќе ѝ ја предадам на една мајка на момче. Но, прво нека си поигра Мина.

Автор: Барбара Сладе Јагодиќ

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top