Сосема случајно сфатив зошто е многу важно детето да има свое цвеќе за да го негува. Сега сигурно ќе помислите дека ова е приказна за одговорност, независност, обврски. Но, не е. Ова е приказна за емоциите што ги чуваме во себе.
Нема потреба да пишувам и да кажам дека 3 мај како датум промени сè во Белград, во Србија. И тоа не на неколку дена или месеци, туку на многу, многу подолго. Стравот навлезе во секоја пора на општеството, а и малата доверба што постоеше меѓу луѓето речиси целосно исчезна. Наставниците гледаат на родителите со сомнеж, а родителите доаѓаат во училиштата со долги списоци со барања, целосно игнорирајќи ја реалноста. Во сето ова ги забораваме децата. Како поминуваат низ сето ова? Дали се плашат? Дали се тажни?
Секако дека сте разговарале со вашето дете за ова што се случува. И јас. И тоа неколку пати. Ќерка ми имаше најнеобични прашања и барем 50 пати сакав да ѝ кажам „добро, ајде да разговараме за нешто друго“. Знаев дека не смеам и дека одговори на сите тие прашања некако ќе ѝ се јават во главата, веројатно многу потешки и пострашни од оние што можам јас да ѝ ги дадам. И затоа одговорив на секое прашање. Трпеливо.
Но, една работа беше многу тешка.
„Мамо, знаеш, јас седам веднаш до вратата, со свртен грб. Јас сум најблиску до вратата и ако некој дојде со пиштол…“
Длабоко вдишав и почнав да ѝ кажувам дека тоа се многу ретки ситуации. Дека никогаш порано не се случило. Дека сега сите се многу внимателни на училиште, а и дека има полиција. Дека е безбедно. Таа потврди со главата и молчеше. А јас зборував и зборував. И на крајот од разговорот таа се убеди дека сега сè е во ред.
Поминаа повеќе од две недели од тој разговор, а ние две едно утро отидовме на пазар. Да купиме цвеќиња за на тераса.
„Мамо, можам ли да изберам едно цвеќе што ќе биде мое?
И таа избра сардела. Кога дојдовме дома и ги ставивме цвеќињата на терасата, го навади своето цвеќе и остана да го гледа.
„Знаеш, драга, луѓето велат дека на цвеќињата им се допаѓа кога им зборуваш. Дека потоа повеќе растат и поубаво цветаат“.
Таа ме погледна зачудено, а јас само кимнав со главата за да потврдам дека не се шегувам. Дека е навистина така.
„Може ли да го однесам моето цвеќе во мојата соба и да разговарам со него?
„Секако!“
Таа замина во соба, го стави цвеќето на своето биро, седна на столот и почна да зборува. Слушнав глас од дневната соба, но не можев добро да разберам. Затоа тргнав низ ходникот „да оставам нешто“ и ги слушнав зборовите:
„…и тогаш тоа момче влезе во училница и почна да пука во другарите…“
Ништо не праша, ниту спомена повеќе од 10 дена. А јас со никаков гест или збор не испратив порака дека не сакам да зборувам за тоа. Сепак, таа одлучила повеќе да не бара одговори, туку сè да чува во себе.
Тропнав на вратата и влегов.
„Што му зборуваш на цвеќето, драга?“
„За тоа момче…“
„Дали нешто те мачи во врска со тоа?“
„Да, мамо. Се плашам зошто седам до вратата. Знам дека полицијата е таму, но тие седат таму и пијат сок. Кога би се проверувал сечиј ранец… Вака секој може да стави пиштол во ранецот…“
„Дали би ти било полесно ако седиш покрај прозорецот?“
„Да! Така би можела побрзо да побегнам!“ (училницата е на приземје).
Повторно разговаравме многу – и се договоривме да побараме од учителката да ја премести. Се разбира, учителката разбра сè и ни излезе во пресрет.
Понекогаш, колку и да се трудиме да бидеме достапни, детето избира да не зборува со нас. Едноставно не сака да зборува со нас за нешто што го мачи. Да не беше цвеќето што ја имаше улогата на психотерапевт во нашата куќа, немаше да знам што се случува во нејзината глава.
Цвеќињата сакаат кога луѓето им се обраќаат, кажете им го тоа на децата. И купете им цвеќе. Можеби можат да му кажат нешто што не можеле да ви го кажат вам. Можеби ќе научите нешто за вашето дете што не сте го знаеле претходно. Можеби, понекогаш, полесно е да се разговара со цвеќето бидејќи тоа само „слуша“ и не дава несакани совети за брзо да го реши проблемот и да ги избрка лошите чувства.
Купи цвеќе, тоа е лековито.
912