Во услови кога компјутерите се нефункционални, се води политика на „донесете ваши уреди“ (bring your own device) – телефон, лаптоп или таблет. Но и за тоа е потребна инфраструктура, треба да има напојување, да може секој да си го полни, треба да има безжичен интернет за 30 деца во училницата, велат информатичарите

Голем дел од основците во Македонија за часовите по информатика ем не користат компјутери бидејќи се стари и нефункционални ем учат од учебник издаден во 2009 година. Наставниците мора да се снаоѓаат и да импровизираат за да може да се предаде и усвои материјалот предвиден со наставната програма. Од друга страна, за апсурдот да биде уште поголем, просветните инспектори бараат 30 отсто од наставата да бидат реализирани на компјутер.
Од аспект на технологија, македонските училишта премногу заостануваат и тоа мора веднаш да се промени, предупредуваат информатичарите. Според нив, опремата од проектот „Компјутер за секое дете“ практично е веќе ѓубре затоа што е набавена пред 11 години и денеска таа е сосема неупотреблива.

„Го носам мојот лаптоп од дома за да им покажам“

Старата програма за шесто одделение по која се учело до лани информатика воопшто не кореспондирала со тоа што денешните деца го учат и го знаат. Од оваа година има нова програма, но не и учебници. Наставничка во едно скопско основно училиште, која сакаше да остане анонимна, вели дека на час најголем проблем се нефункционалноста на компјутерите и несоодветниот софтвер.
– Импровизирањето некогаш има ефект, некогаш не. Некои деца се поталентирани. Јас материјата ја предавам со мојот лаптоп, на кој имам инсталирано „Офис“ за „Линукс“ и така им покажувам, со помош на училишниот проектор. Често ни се посочуваат и некои дополнителни алатки што ги имаме на интернет. Некогаш користиме и онлајн-учење. Сега во шесто одделение немаме учебници, па им ги поставувам лекциите на „Едмодо“ (едукативна платформа), каде што децата можат во кое било време да ја видат. Најголем проблем е што компјутерската опрема не ни врши работа. Често ги користат нивните смартфони за полесно да најдат нешто што ни е потребно – вели наставничката.
Таа објаснува дека на нејзини колеги во други училишта значително им е олеснета работата бидејќи имаат смарт-табли.

Нема континуитет во учењето информатика

Учениците во шесто и во седмо одделение задолжително учат информатика, но потоа во осмо и во деветто одделение имаат само изборни предмети – проекти од информатика и програмирање. Наставниците велат дека не е во ред да постои ваков дисконтинуитет оти има талентирани деца што имаат дупка од две години по предметот, а во прва година средно повторно го изучуваат.

Компјутерите за секое дете остареа

Опремата од проектот „Компјутер за секое дете“ практично е веќе ѓубре, велат информатичарите, оти е набавена во далечната 2007 година. По 11 години наставниците работат со натчовечки напори за да одржат еден обичен час, вели претседателот на Здружението на информатичари, проф. д-р Миле Јованов, кој е професор на Факултетот за информациски науки и компјутерско инженерство.
– Законски, но и како идеја е одлично да се бара да има што поголем процент на ИКТ во наставата. Како идеја за напредување е добра, но со овие услови сега едноставно е неспроведлива. Мора да се вложи во компјутери. Со проектот „Компјутер за секое дете“ формално стасавме рамо до рамо со подобрите земји во однос на тоа колку компјутери има по глава на дете. Во услови кога компјутерите се нефункционални, се води некоја политика на „донесете ваши уреди“ (bring your own device), телефон, лаптоп или таблет, но и за такви уреди треба инфраструктура, треба да има напојување, да може секој да си го полни, треба да има безжичен интернет за 30 деца во училницата – вели Јованов.
Од аспект на технологија, според него, неопходно е да се вложува во опрема.
– Да не заборавиме, еднакво е важно и вложувањето во човечки ресурси. Да не бидат обуките за наставниците само форма, туку реално да научат да применат нешто од нив. Учебникот не е приоритет. Наставниците си имаат програма, а способен наставник ќе најде начин да функционира без тоа. Што се однесува до учебниците, зборуваме за област која е брзо менлива. И да напишеш учебник, тој за две години застарува. Процесот на набавка на учебници е вулгарен во Македонија, безобразно е колку малку се платени авторите за нивниот труд. Ни даваат рок од само еден-два месеца да го напишеме, па да си платиме лектор, техничка подготовка, па да поднесеме 10 копии во боја, а на крај ако добиеме, по две години ни исплаќаат 2.000 евра, пари од кои треба да ги платиме лекторот, техничарите, фотографиите што сме ги користеле во учебникот. Ова е причината зошто имаме неквалитетни учебници – појаснува Јованов.

МОН: Нова програма и нов учебник в година

Точно е дека учебникот по предметот Информатика за седмо одделение, кој се користи во моментов, е издаден во 2009 година. Бирото за развој на образованието најави дека ќе изготви нов наставен план и нова наставна програма, кои ќе се применуваат од следната учебна 2019/2020 година, информираат во Министерството за образование и наука.
– Врз основа на новата наставна програма, Педагошката служба ќе изготви и нов учебник. Исто така, и по предметот Програмирање во средното образование ќе биде изготвен нов учебник откако Центарот за стручно образование и обука ќе изготви и ќе биде усвоен нов наставен план и програма – додаваат оттаму.

Поради негрижа, казнети биле 95 директори

Во почетокот на проектот „Компјутер за секое дете“ државните просветни инспектори поднеле 95 прекршочни и 35 кривични пријави до надлежните судови против директори на училишта каде што била констатирана негрижа или оштетени компјутери. При инспекцискиот надзор, инспекторите проверуваат дали во дневните планирања наставниците имаат предвидено користење на информатичко-комуникациските технологии за конкретниот час и дали тоа се применува на час согласно планираното. Ако се констатираат неправилности, се носи решение за директорот и предметниот наставник да ги отстранат.
Во второто полугодие од учебната 2017/2018 година се донесени четири решенија за непримена на информатичко-комуникациските технологии во училиште.



912

X