Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам 34 години, високо образование, вработена сум и имам 2 деца (8 години и 2,5 години). Живееме заедно со сопругот, сами, само јас сум повеќе ангажирана околу децата. Сакам да прашам за поголемиот син. Последните неколку месеци има некоја чудна промена кај него – почна да не ме слуша ништо, враќа на секој збор, знае и со погрдни зборови да се обрати, на пример, „кучко една“ или „доста мори“ итн. Додека беше мал, секогаш бев толерантна со него, сè правеше со договор, со добро, многу ретко го тепав. Ама сега со ова однесување буквално ме вади од такт. Почнав многу да го тепам, ама ништо не помага, дури знае и да ми врати. Често му викам и тоа многу силно, а го тепам повеќе од порано. Тоа е момент и трае кратко, а потоа самиот ми се извинува, ама наредниот ден повторно истото, и така секој ден. Ве молам за совет.

Прашува: читателка

ОДГОВОР: Почитувана мајка, ќе се сложите со мене дека улогата родител е исклучително тешка, напорна, но и бескрајно убава. Вашиот син, кој е на 8-годишна возраст, сè уште го осознава и го истражува светот на возрасните, а притоа за него сè уште трае воспитниот процес од ваша страна. Во оваа возраст на момчињата им е најпотребно чувството на припадност и сигурност, потребно им е да бидат вклучени во семејните собири, во креирање на семејните правила и идеи, да добиваат високи очекувања, но и високо ниво на поддршка од своите родители, да имаат можност за забава, авантура, како и физички предизвици во рамките на семејството. Во оваа возраст им е потребно да добиваат потврда за сопствените најдлабоки соништа и да почнат реално да ги живеат.

Колку што можам да разберам од информациите што ги споделувате, неговото непримерно однесување трае неколку месеци наназад и притоа најчесто е придружено со агресија, т.е. чувство на лутина и бес кон вас. Можеби треба најпрво да обрнете внимание кога најчесто се јавува однесувањето и во кој дел од денот. Поради повисокото ниво на тестостеронот, момчињата знаат да бидат поагресивни кога се гладни, уморни или фрустрирани. Овде е важно и тоа како детето научило да се справува со фрустрациите и чувството на лутина во раното детство.

Христина Стефановска, психолог

Во текот на периодот 0-7 години кај децата се развива нервниот систем, тогаш сетилата на детето се многу чувствителни. Детето го прифаќа светот преку сите свои сетила и истовремено ги обликува своите животни навики. Главниот начин на учење е со имитација. Личниот пример што им го даваме на нашите деца како родители во текот на овој период е целосно забележан од нив, апсорбиран. Затоа често се кажува дека детето е како наше огледало. Ако е нервозно или луто, можеби е добро да се погледнеме себеси во него. Многу често и стресот на родителите, како и нивната психо-физичка изнемоштеност, уморот од секојдневните обврски особено кај мајка која сама ги завршува работните, но и домашните обврски се пренесува врз децата создавајќи проблем во комуникацијата родител-дете, а потоа и агресор-дете во семејството.

Дете навредува ако родителот го: споредува со други деца, омаловажува и не го поддржува, вика и го исмева, не го разбира и го удира или го игнорира. Односот на детето кон надворешниот свет околу него е показател за состојбата на неговиот внатрешен свет.

Она што сега е важно е вие да ја вратите неговата доверба во вас како родител и повторно да ги решавате конфликтите со договор. Момчето ќе се чувствува сигурно доколку знае дека е дел од вашиот семеен тим, затоа давајте му задачи и признание за секое негово подобрување и успех. Барајте го неговото мислење при донесување некои помалку важни одлуки во семејството, на пример, каде да одите на прошетка, дали да одите на зимување, колкав буџет е потребен за тоа и сл. Укажете му дека го цените неговото мислење.

Кога ви кажува или нешто раскажува, сослушајте го и уважете го како возрасна личност. Упатувајте му пораки полни со љубов, на пример: Јас верувам во тебе; Ти не си лошо момче; Ти можеш да го направиш тоа; Јас се грижам за тебе; Ти си ми многу важен; Многу ми е интересно кога сум со тебе.

Во ситуација на чувство на бес договорете се да имате соба за емоции каде што ќе оди да се смири, па да разговара. Укажувајте му на последиците од однесувањето. Некогаш последица нека биде и ускратување на покажување на љубов за да учи дека со однесувањето губи вредни нешта. Играјте игра „Министер за правда“. Секој понеделник назначувајте член од семејството и ротирајте се по редослед. Во таа недела детето би ги имало сите привилегии и авторитет да решава и да пресудува. На тој начин го учите на позитивна, а не покорна послушност и меѓусебно почитување. Потсетувајте го често на вашето семејно правило: Во нашиот дом никој никого не навредува и никој никого не удира. Но не заборавајте дека и вие треба да се придржувате кон истото, инаку правило не би било правило ако не важи за сите.

Одговара: Христина Стефановска, лиценциран психолог, соработник на „Психотерапика“

е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com / psihoterapika@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X