Докторот може да нарача комплетна крвна слика ако детето или возрасниот има знаци и симптоми кои може да се поврзани со нарушувања што ги зафаќаат крвните клетки, но и ако пациентот е заморен или слаб, има инфекција, инфламација, модринки, крвавење… Крвна слика може да се направи и за да се оцени здравствената состојба.
Д-р Мартин Ивановски, специјалист по медицинска биохемија, потенцира дека пациентите во никој случај не треба сами да ги толкуваат резултатите или, пак, да си одредуваат терапија. Оној што не е лекар не знае да ги стави резултатите во соодветен контекст. Но, секако, нема штета да се знае што значат кратенките на листата со резултати.

Крв од вена, прст и петица

За одредување на општиот здравствен статус, за скрининг, дијагноза или за следење различни болести и состојби кои влијаат врз крвните клетки, како што се анемија, инфекција, инфламација, крвавење…, потребно е да се направи комплетна крвна слика на пациентот. Комплетната крвна слика е многу често испитување и се изведува при рутинските здравствени прегледи. Ако здраво дете или лице има вредности што се во рамките на нормалните граници, тогаш нема да има потреба од нејзино повторување сѐ додека е здраво или докторот не ја нарача – вели д-р Ивановски.

Процедурата за земање крв за испитување му е позната речиси на секого. Примерок се зема од вена на раката на пациентот или капиларен примерок од прст. Кај новороденчињата најчесто се зема од петицата. Откако ќе се земе примерок, почнува процедурата во зависност од тоа што треба да се испитува.
– Анализата вообичаено се изведува со помош на автоматизиран инструмент наречен хематолошки бројач, кој мери различни параметри, вклучувајќи и број на клетки присутни во примерокот од крв – вели д-р Ивановски.

Стандардната постапка за правење комплетна крвна слика вклучува три типа евалуација, проверка:
* Евалуација на леукоцити, при што се одредуваат бројот на леукоцити и диференцијалната слика.
* Евалуација на еритроцити, односно бројот на еритроцити, хемоглобин, хематокрит и еритроцитни индекси во кои спаѓаат: (MCV) – среден корпускуларен волумен, (MCH) – среден корпускуларен хемоглобин, (MCHC) – концентрација на среден корпускуларен хемоглобин и (RDW) – еритроцитна дистрибуција. Евалуацијата на еритроцитите може, но не мора, да вклучува број на ретикулоцити.
* Евалуација на тромбоцити, односно број на тромбоцити, при што може, но не мора, да бидат вклучени и (MPV) – среден волумен на тромбоцити и (PDW) – тромбоцитна дистрибуција.

– Значителни абнормалности во една или во повеќе од крвните клеточни популации може да индицираат присуство на една или повеќе состојби. Притоа, вообичаено, се прават дополнителни тестови за да се одреди причината за абнормалните тестови – вели д-р Ивановски.

Во трите типа клетки што се евалуираат во комплетната крвна слика спаѓаат леукоцитите, еритроцитите и тромбоцитите.

Намалени или зголемени леукоцити

Има пет различни типа леукоцити кои телото ги користи за одржување на здравствената состојба и во борба против инфекции или други причинители на повреда. Тоа се неутрофили, лимфоцити, базофили, еозинофили и моноцити. Нивното присуство во крвта е релативно стабилно. Нивниот број може да се покачи или да падне во зависност од состојбата во телото.
– На пример, присуството на бактериска инфекција ќе го стимулира телото да продуцира зголемен број неутрофили за да се бори против инфекцијата. Кај алергии може да има зголемен број на еозинофили. Зголемен број на лимфоцити може да се продуцира при вирусна инфекција. Во одредени случаи, како леукемија, абнормалните (незрели или зрели) леукоцити брзо се делат, со што ќе се зголеми нивниот број – појаснува д-р Ивановски.

Еритроцити, хемоглобин

Еритроцитите (RBC) се продуцираат во коскената срцевина и кога ќе созреат, се ослободуваат во крвотокот. Содржат хемоглобин (HGB), протеин кој транспортира кислород низ телото. Животниот век на еритроцитите обично е 120 дена, па затоа коскената срцевина континуирано продуцира нови, за да ги замени старите или оние што се губат при крвавење.
– Голем број состојби може да влијаат врз продукцијата на нови еритроцити и врз нивниот животен век, покрај состојбите што резултираат со значително крвавење. Со крвна слика се одредуваат бројот на еритроцитите и количеството на присутен хемоглобин, делот на крвта составен од еритроцити (хематокрит) и дали популацијата на еритроцити е со нормален изглед – вели Ивановски.

Еритроцитите обично се униформни со минимални варијации во големина и облик, но може да се јават значителни варијации при состојби како недостиг на витаминот Б12, железо, како и при различни други состојби.
– Ако концентрацијата на еритроцити и/или количеството на хемоглобин во крвта падне под одредено ниво, лицето има анемија со симптоми како замор и слабост. Многу поретко може да има премногу еритроцити во крвта, што се нарекува еритроцитоза или полицитемија. Во екстремни случаи ова може да биде поврзано со протокот на крв низ малите вени и артерии – вели нашиот соговорник.

Што доколку паднат тромбоцитите?

Тромбоцитите (PLT), пак, според докторот, се специфични клеточни фрагметни кои имаат важна улога во процесот на коагулација.
– Лице што нема доволен број тромбоцити е под зголемен ризик за крвавење. Прекумерниот број на тромбоцити може да предизвика прекумерна коагулација или ако тромбоцитите не функционираат соодветно, прекумерно крвавење – објаснува д-р Ивановски.

Нормалните вредности за елементите од крвната слика за бебиња и деца се различни од тие за возрасни. Лабораторијата ги дефинира референтните опсези според возраст и пол, и лекарот мора да ги земе предвид при интерпретацијата на податоците.



912

X