По враќање од природа треба да се направи детална проверка на телото и на облеката
Крлежите се мали пајаковидни паразити кои преживуваат преку исхранување со крв, а со доаѓањето на пролетта доаѓаат и проблемите со нив. Тие може да се вектори, т.е. преносители на сериозни заразни болести. Не скокаат, не летаат и се добро скриени на ниските растенија, каде што го чекаат својот иден домаќин, на кој се закачуваат, па почнуваат да лазат по неговото тело сѐ додека не најдат погодно место за исхранување. Во периодот кога често се шета во природа лекарите советуваат да не се заборава на крлежите и да се заштитат децата, возрасните и домашните миленици.
Докторите советуваат и крлежот да се извади што побрзо зашто така се намалува ризикот од можна инфекција. Исто така, апелираат граѓаните да не ги вадат сами, туку да се упатат во лекарска ординација. Поради нестручно вадење на крлежот, може да дојде и до хируршка интервенција.
Внимателно и откако ќе се отстрани
Д-р Иван Спировски, директор на Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“, вели дека веќе врие од крлежи.
– Мој совет е да не го вадите сами крлежот. Може да се случи да го скинете и во телото да остане еден дел, обично главата, па да се направи инфекција. Поради проблеми, во вакви случаи може да биде потребна и хируршка интервенција. Крлежот може да е заразен, па поради тоа, на пациентите што ќе дојдат им препорачуваме да појдат и кај инфектолог – вели д-р Спировски.
Крлежите брзо се размножуваат. Може да пренесат вирус или бактерија, но секое каснување не значи и пренесување болест. Сепак, периодот по каснувањето треба да се биде внимателен, велат лекарите.
Крлежите ги има во тревата. Им годат топлина, влакна и крв. Во телото може да се однесат до гениталиите и да направат уште поголеми проблеми. Кога ќе дојдат до целта, крлежите исфрлуваат течност и со малите клешти ја раскинуваат кожата. Човекот тоа не го чувствува. Течноста што ја исфрлаат спречува згрутчување на крвта, па од местото што го нападнале може да се хранат со крв со недели.
Лекарите објаснуваат дека луѓето прават грешка третирајќи ги со масло, гас, лак за нокти…
Какви болести пренесуваат
Заразените крлежи од вирусните заболувања може да пренесуваат: хеморагична треска, да предизвикаат воспаленија на мозокот или на мозочните обвивки. Од бактериските пренесуваат лајмска треска, рикециози – марсејска треска, повратна треска и туларемија. Лајмската болест, позната и како борелија или борелиоза, се препознава по црвената дамка околу местото на убодот. Дамката градациски се зголемува и има тенденција да станува сѐ поголема. Може да се појави и на други места од телото, не е секогаш на местото од убодот. Обично се појавува за 1-4 недели од каснувањето. Некои пациенти со лајмска болест имаат симптоми на грип: сувост на грлото, главоболки, треска, болки во зглобовите и во мускулите, зголемени лимфни жлезди. Статистиките покажуваат дека околу 15 проценти од пациентите со борелија развиваат невроборелија, кај која симптомите почнуваат со болки во грбот. Рикециозите, пак, предизвикуваат т.н. епидемичен исипен тифус, трески и се сметаат за сериозни заболувања.
Заштитете се во природа
За заштита се препорачува да се избегнува колку што е можно повеќе престој во региони и на локации каде што е познато дека има крлежи. Доколку се престојува онаму каде што може да има, добро е да се носи облека која нема да остава откриени делови на телото. Краевите на панталоните е добро да се вовлечат во чорапите, а блузите или кошулите да се со долги ракави. Дополнителна заштита ќе обезбедат репелентите против крлежи и инсекти кои можат да се нанесуваат на кожа. Има за деца, возрасни и за животни. Лекарите препорачуваат добро да се читаат и декларациите и упатствата на средствата за заштита пред да се употребат.
912