Дадилките од Норланд се, може да се каже, елитна класа меѓу дадилките одобрени од самото кралско семејство. Една од нив е 37-годишната Луена Худ од Сафолк, Велика Британија. Дипломирала на престижниот колеџ „Норланд“ пред повеќе од 17 години, по што работела за неколку угледни и кралски семејства низ светот.
Таа ја поминала истата обука како дадилката Марија Борало, која моментално се грижи за децата на принцот Вилијам и Кејт Мидлтон, на Академијата во Бат. Меѓу другото, таму научиле како да ги избегнуваат папараците со голема брзина, борачки вештини за одбрана од киднапери и класични работи како воспитување деца, готвење…
Луена ја развила апликацијата „Луена 2020“ на која сподели совети за тоа како родителите можат да го „поправат своето семејство“.
Како што вели таа, промените не мора да бидат драматични, но триковите како утринско планирање преку игра и дозволување на децата да изберат еден оброк неделно имаат трансформативен ефект врз расположението и благосостојбата на целото семејство. Таа особено напоменува дека децата до седум години треба да бидат во кревет пред 19 часот, бидејќи од тоа време до полноќ спијат најдлабоко. Еве ги нејзините совети.
1. Разбудете се порано – наместете го будилникот половина час пред да се разбудат вашите деца бидејќи на тој начин ќе имате шанса да го започнете денот на вистински начин. Можете да се истуширате на мир, да пиете кафе и додека вашите деца да станат, веќе ќе бидте расонети и подготвени да го започнете денот.
2. Направете список со задачи – направете список или визуелна табла за вашите деца да знаат што да прават наутро – вклучувајќи облекување, миење заби, местење на креветот и појадок.
– Не само што тоа ја поттикнува независноста, туку ќе ви помогне утрото да ви помине без проблеми. Децата сакаат да имаат на што да работат, затоа направете маса со налепници кои ќе ги залепат кога работата ќе биде завршена, разговарајте со вашите деца колку налепници треба да соберат пред да им биде доделена мала награда – советува оваа дадилка.
3. Подгответе облека – од вечер подгответе ги облеката и обувките за детето да научи да се облекува само наутро. Ова не само што ќе ви заштеди време и ќе го намали нивото на стрес наутро, туку и ќе ги подобри моторните вештини на вашето дете. Исто така, пофалете го вашето дете кога само се облекува бидејќи тоа ја зголемува неговата самодоверба и самопочитта, а ќе му помогне и на училиште кога ќе мора самостојно да се облекува по часот по физичко образование.
4. Излегувајте на свеж воздух секој ден – без разлика колку е студено, дали врне или е калливо, поминувајте време на отворено со децата секој ден.
– Дури и ако ова време го поминете на игралиште само пет минути по училиштето, дури и најмала количина свеж воздух ќе има исклучително корисен ефект врз однесувањето и расположението на вашето дете. Што се однесува до вас, пешачете најмалку два километри. Одвојувањето само 20 минути за себе додека децата се на училиште или во градинка може да ви ја разбистри главата и да ви го подигне расположението – вели дадилката.
5. Донесувајте одлуки заедно – без разлика дали станува збор за возење велосипед до училиште еден ден во неделата или нејадење месо еднаш неделно. Планирањето однапред и поставувањето цели им дава на сите чувство на успех и гордост кога ќе се постигне целта. И, секако, не заборавајте да им честитате на децата кога ќе исполнат некоја нивна одлука.
6. Поставете технолошки правила – на пример, нема „ајпад“ во спалната соба. Имајте на ум дека зјапањето во екраните предизвикува зависност, па затоа не дозволувајте вашите деца да зјапаат во нивните екрани со часови. Исто така, не заборавајте дека живееме во модерно време, опкружени сме со технологија и нема смисла да им се забранува на децата да го прават тоа, но важно е да се постават правила и граници.
– Не претворајте ги грижите во голем проблем и бидете реални. Технологијата сега е дел од нашиот свет, така што нема смисла да се забрани целата технологија. Според моето искуство, децата на кои им е кажано дека не можат да имаат нешто, уште повеќе го сакаат тоа. Има клучни моменти во денот кога детето не треба да гледа во екранот, особено пред спиење. Истражувањето покажа дека сината светлина што ја емитуваат уредите ги нарушува нормалните обрасци на спиење и може да биде штетна за видот, објасни таа.
7. Читајте им книги на децата – изберете книга заедно и читајте му по едно поглавје на вашето дете секоја вечер или читајте ја книгата заедно. Има сто причини зошто е многу добро да се чита со деца. Тоа го подобрува нивниот когнитивен развој, нивното разбирање на светот, поттикнува поврзување и има исклучително позитивно влијание врз развојот на говорот и јазикот.
– Ако му читате само една приказна дневно на вашето дете, до неговиот петти роденден ќе слушне 1.825 приказни.
8. Бидете свесни – бидете свесни каде сте и што правите во моментот. Со текот на годините, гледајќи ги децата, научив дека тие се шампиони во свеста. Тие живеат во сегашноста и немаат многу идеја за иднината.
– Вежбајте свесност со вашите деца секој ден за да го смирите вашиот ум и да го подобрите вашето расположение. Можете да вклучите едноставни техники во вашите секојдневни задачи. Секое утро кога ќе влезете во бањата, дишете и насмевнете му се на вашиот одраз во огледалото. Размислете за нешто што ќе ве насмее и започнете го денот позитивно – додава таа.
9. Планирајте ги оброците – запишете што ќе јадете следната недела и нека вашите деца избираат еден по еден оброк. Планирањето на оброците како дел од неделното шопинг-патување е многу поисплатливо од купувањето намирници секој ден.
– Кога ќе запишете што ќе јадете, помала е веројатноста да ги повторувате истите оброци. Ќе имате поголема разновидност во исхраната. Покрај тоа што ќе го намалите фрлањето храна и ќе заштедите пари, дозволувајќи му на вашето дете да си избере оброк, ќе го поттикне да се чувствува ценето бидејќи е вклучено во одлуките за семејниот живот – советува дадилката.
10. Негувајте ги ритуалите на трпезата – јадете заедно што е можно повеќе и јадете нешто ново. Ова ново ќе ги поттикне вашите деца да бидат авантуристи и позитивно ќе влијае врз однесувањето на масата. Исто така, научете ги да не стануваат од масата додека сите не завршат со јадењето, правилно да го користат приборот и правилно да седат на масата. Сето тоа се манири што треба секојдневно да се поттикнуваат за да им станат дел од нивно природно однесување – објаснува дадилката.
– Најдобро од сè, седењето на маса заедно ви дава шанса да разговарате за тоа што се случило тој ден – додава таа.
11. Бидете оптимисти – бидете позитивни за годината што претстои. Децата го имитираат нашето однесување многу повеќе отколку што мислиме, па ако вие сте среќни и возбудени за она што доаѓа оваа година, ќе бидат и вашите деца. Позитивниот ум е еднакво на позитивен став, затоа планирајте нешто убаво што ќе го очекувате заедно како семејство. Тоа може да биде екскурзија или семејна филмска вечер. И двете активности не чинат речиси ништо, а ќе ви дадат многу.
12. Хранете се здраво – јадењето нутритивно избалансиран појадок има многу здравствени придобивки, вклучувајќи зголемено ниво на енергија, протеини и калциум, а исто така е поврзано и со подобра функција на мозокот. Две од моите омилени јадења за појадок се овес или смути, вели дадилката.
– Потоа подгответе здрави грицки заедно, како што се парчиња свеж зеленчук, на пример, моркови и енергетски топчиња од хумус или овес, за да го ублажите гладот по училиште. Секако, парче чоколадо или некое друго уживање е сосема добро и дел од урамнотежена и реална исхрана – додаде таа.
13. Вие сте главни! – поставете правила и граници и држете се до нив за вашите деца да се чувствуваат безбедно, да знаат дека се безбедни, а не постојано да ги поместувате границите и да барате повеќе. Моите правила се да јадат добро, да спијат добро, да бидеме љубезни едни кон други и да имаме добри манири – открива Луена.
– Верувам во изборот на битки и не кажувајте „не“ освен ако навистина го мислите тоа. Пред да кажете „не“, запрашајте се: „Зошто го велам ова? Може ли да дадам причина? Секогаш треба да можете да ја оправдате вашата причина. Дајте му на детето кратко објаснување, но не дозволувајте да започне преговори! На пример, „Сега е време за спиење, бидејќи во спротивно утре ќе бидеш уморен и нервозен или „Не може да јадеш уште еден сладолед затоа што ќе те боли стомакот“ – објаснува таа.
Малите деца сакаат да се независни и да експериментираат со тоа колку контрола можат да имаат над вас. Моделите на нивното однесување се појавуваат само ако знаат дека на крајот ќе им попуштите. Ако нападот на гнев на вашето дете не влијае врз вас или не ја добие вашата реакција, тогаш тоа нема да се повтори во иднина.
14. Земајте витамин Де – земете дневна доза витамин Де, и вие и вашите малечки, за да ги одржувате здрави коските и мускулите, да го зајакнете имунолошкиот систем и да поттикнете подобар сон. Тоа е корисен додаток за сите нас, особено во зимските месеци кога ни е потребна сета помош што можеме да ја добиеме во борбата против кашлицата и настинката – советува оваа дадилка.
15. Држете се до рутината – Држете се до вашата вообичаена рутина пред спиење. Убава топла бања, приказна пред спиење и гушкање.
– Ако на постарите деца им е дозволено да останат будни подоцна за време на училишниот распуст, полека придвижете го времето за спиење нанапред за да не им биде тешко да заспијат. Децата треба да бидат в кревет до 19 часот додека не наполнат околу седум години. Имено, во раниот дел од ноќта, до полноќ, децата имаат најдлабок и најневознемирен сон, па затоа е многу важно помалите деца да бидат в кревет до 19 часот – вели Луена Худ.