Убава слика или фотографија ни буди убаво чувство. Непроценливо чувство ни буди совршен зборовен опис во комбинација со разбудена фантазија. Плус, тоа што ќе ни го наслика нашиот ум со посредство на украсени реченици е единствена сензација кај секој човек. Зашто во главата секој си има своја претстава за бујна река, за плодна долина, за див глечер, за врвови со снежна капа итн.

Ако сакате да отидете до едно такво место во вашата глава, зборовниот патоказ побарајте го во книгата „Кралот на Златната река“ од Џон Раскин. За да не помислите дека сум скржава, на вашето љубопитство ќе му обрнам внимание со краток извадок:
„Тоа беше утро што секого би го направило среќен, дури и да не треба да оди на Златната река. Рамни појаси од влажна магла се протегаа по целата долина, од која се издигнуваа масивните планини – нивните пониски гребени беа во бледосива сенка, одвај препознатливи од раздвижената пареа; а потоа постепено се издигнуваа кон сончевата светлина, што се ширеше во остри нијанси на црвеникава боја по должина на испупчените карпи и продираше, во долги, рамни зраци, низ боровите во облик на копја. Високо горе имаше црвени, одвоени маси на високи карпи, остри и расцепкани на безброј фантастични форми; ишарани овде-онде со траги на снег, осветлени од сонцето, со процепи како линија на непрекинат грмеж; а далеку зад и високо горе над сето ова, посветли од утрински облак, но почисти и непроменливи, спиеја, на синото небо, највисоките врвови на вечен снег“.


Освен екскурзијата до магичните пејзажи, од „Кралот на Златната река“ ќе се вратите побогати за уште една поучна приказна…
Во бајковитата Богата долина, опкружена со незамислива природна убавина, со најповолна клима и облагородена од Златната река, живееја тројца браќа: Шварц, Ханс и Глук. Првите двајца браќа беа многу лоши луѓе, среброљубиви, без почит и сочувство кон никого, а особено кон нивниот најмал брат Глук, кого постојано го малтретираа.
Како што знаете, лошите луѓе не си поминуваат најдобро во животот, па таква „среќа“ ги спопаднала и Шварц и Ханс. Попрецизно да се изразам – лошите луѓе како споменатите двајца се повторувачи, додека не научат каде грешат и зошто токму ним им се случуваат несреќи. Дотолку повеќе, Шварц и Ханс се претставници на оној тип луѓе што не ги бидува за учење, едноставно сакаат да си бидат лоши и затоа никогаш нема да бидат среќни. Впрочем, ќе си прочитате во книгата колку пати „паѓаат“ на испитот.
За разлика од нив, малиот Глук (чие име не случајно значи „Среќа“ на германски јазик) е претставник на принципот на добрината и на сочувствителноста. Неговата искрена и добра намера го носи до изворот на симболичната Златна река, која одново ја воспоставува нарушената хармонија во Богатата долина, благодарение на злобните браќа.
И сега, се наметнува клучното прашање: Зар имаме друг избор освен да бидеме добри? Како потврда за ова реторичко прашање ќе позајмам една мисла од народната мудрост и ќе ја поткрепам со пример од нашата тематска книга: Доброто со добро се враќа!
„И Глук се врати да живее во долината, а сиромашните веќе никогаш не беа одбивани од неговата врата: па, амбарите му беа полни со жито, а куќата со богатство. И за него реката, според ветувањето на џуџето, стана Златна река.
И ден-денес жителите на долината покажуваат кон местото каде што трите капки света роса беа фрлени во реката и го следат текот на Златната река под земја сè дури нè излезе во Богатата долина. А на врвот на водопадот на Златната река сè уште можат да се видат два црни камена, околу кои водите тажно завиваат секој ден на зајдисонце; и луѓето од долината ги викаат овие камења
ЦРНИТЕ БРАЌА“.



912

X